Мистериозни приказни за скриени богатства, подземни премини и подводни соби, низ клисурите и опустошените предели од варварските народи, низ цркви, мостови, пештери, преку седум ридови и седум долини, нека ве води угледниот археолог, Дејан Ѓорѓиевски, со своите живописни писанија, само на Плоштад.
4. Мистеријата наречена Кокино
Во доцните есенски месеци на веќе далечната 2001 г., кога секое дрво на планината Козјак си има своја, огнена боја, за првпат ридот над селото Кокино беше посетен од кумановските археолози. Веројатно никој од екипата на археологот Јовица Станковски тогаш, не ни претпоставуваше дека се на прагот на откривањето на едно од најзначајните праисториски наоѓалишта на Балканот. Јас како студент, волонтирајќи во музејот и учејќи од драгата колешка Ленка Трајковска за керамичките фрагменти кои штотуку ги беа донеле од ископувањата во Стрновац, првпат слушнав за селото Кокино и ги допрев купиштата скршени садови кои ги донесоа од тоа неколкудневно ископување. Оттогаш, не сакајќи, Кокино стана дел од мојот живот, приватен и професионален, место на кое научив многу за археологијата, но и за животот. Имав среќа да работам со врвни имиња од таа област – Станковски,Трајковска, Булатовиќ, Капуран, Митревски, Митковски, Фол, Александров, сите докажани професионалци за периодот на бронзеното доба работеа на Кокино додека дозволуваше жешкото планинско сонце, а потоа, освежени во попладневните часови, ги споделуваа своите размислувања. А јас се трудев да запомнам најмногу што можам, затоа што работите кои такви луѓе ќе ти ги кажат, нема да ги најдеш во ниту една книга – едноставно, тоа е нешто произлезено од огромното искуство и не секогаш запишано во нивните дела.
И ете сега, после скоро четвртина век, многу појасно ја гледам комплетната слика и значењето на Кокино, иако се уште, се поставуваат безброј прашања кои којзнае дали некогаш ќе ги одговориме. Кокино претставува светилиште на планински врв, точно датирано во бронзеното време (2200 – 1200 г. пр.н.е.) и како такво е се уште уникатно на Балканот. Единствените истовремени паралели се со планинските светилишта на Крит, место кое иако оддалечено, уште неколкупати низ историјата ќе пројави такви врски со нашите подрачја, а ќе ги најдеме и запишани во легендата за Кадмо и Хармонија.
Се работи за планински врв од андезитен камен, кој е мек и има својство да пука по хоризонтала и вертикала, и со тоа е прилично лесен за обработка. Врвот доминира со околината, видлив е скоро од секоја локација во кумановскиот регион, а од него се гледа и крстот на Водно, и Прешево, и Осогово. Не случајно праисториските жители го избрале токму него како место за изведување на своите ритуали. Всушност, додека не беше откриено Кокино, ние воопшто не знаевме за религијата од тој период – наодите од Пелинце даваа насоки како се одвивале ритуалите, но требаше поголеми сознанија за да се извлечат поточни заклучоци. Од Кокино, ние дознавме дека во бронзеното време, луѓето ја доживувале голата карпа како свет топос – олицетворение на Големата Богинка – Мајка. Токму затоа, тие ги користеле природните пукнатини на Кокино, за да остават дарови за неа, или уште подобро, да ја оплодат нејзината утроба, за да им донесе поголем род.
Безброј такви мали јами, или пак помали кружни тумули, пронајдовме со ископувањата, во кои (или почесто покрај нив) имаше оставено садови и прешлени, а поретко некоја фигуринка, метал, камено орудие или калап. Веројатно тоа е зачеток на култот за плодност кој подоцна синкретизираната грчка религија ќе го поврзе со Деметра и Персефона, со копањето јами за ритуалите наречени Тесмофории и другите активности поврзани со богинката на земјата и нејзината ќерка грабната во подземјето. Друг силен култ кој го регистриравме на Кокино е култот кон Сонцето – синот на Земјата. Иако за него имавме индикации само поради астрономските сознанија, во едно од последните големи ископувања, во најстарите слоеви беше пронајден фрагментиран, поголем сад со претстави на брановидини линиии (веројатно ридови и планините околу Кокино) и неколку јасно врежани Сонца како изгреваат помеѓу нив. Полагањето на овој сад во утробата на земјата, повторно можеме да го поврземе со плодноста, и со пишаните податоци за „светиот брак (хиерогамија)“ во древната религија – меѓу Сонцето и Земјата, односно синот и мајката. За крај, најдовме и сигурен доказ за практикување на течна жртва, односно либација, преку сад – инка, ставен во друг сад, во кој се сипувала некоја течност како дар. Во овој случај, либацијата може да се поврзе и со култот на мртвите, кој пак, повторно е тесно поврзан со несаканиот маж на Персефона и неговото кралство – подземјето.
Краткиот преглед на кокинските култови покажува целосно развиена религија која преку ритуали била практикувана скоро 1000 години. Ние не знаеме точно зошто Кокино претстанало да се користи како светилиште, но секако дека турбулентните времиња по падот на микенската цивилизација и миграциите на „народите од север“ имале големо влијание и на нашето подрачје.
Астрономското значење на Кокино е веројатно многу попопуларно од археолошкото. На кратко, ќе речеме дека пред 4000 г. луѓето биле доволно свесни за да можат да ги означат во карпа карактеристичните изгреви на сонцето за секое годишно време, да определат само една локација за набљудување, како и да успеат со неверојатна прецизност да оформат камени седишта на западната платформа, кои, преку процепи низ карпата ги осветлува сончевиот зрак на определен ден во годината. Според други мерења, тие биле способни да означат лунарен календар во карпите, позиции за набљудување поврзани со соѕвездија и други астрономски вештини кои веќе се изнесени во науката.
Со тоа, во Кокино, пред нас гледаме врв на милениумски културни придобивки, вековно напластено знаење и пренесени вештини, кои ги карактеризираат тогашните жители како рамноправни учесници во медитеранската цивилизација која се развивала од постепеното пропаѓање на Египет, се до големата војна за Троја и преубавата Елена. Останува да се надеваме дека барем мал дел од нивната мудрост останал и во нашите гени, и дека најпосле некој ќе го разбере значењето, па дел од милионските суми кои државата ги издвојува за возни паркови, политички манифестации, настани и сл, ќе ги инвестира и на Кокино, за да го добие изгледот кој го заслужува.
Дејан Ѓорѓиевски, археолог