Почетна ГОСТИНСКА СОБА Среќата како благосостојба, зависи од тоа дали сме го живеле животот, или...

Среќата како благосостојба, зависи од тоа дали сме го живеле животот, или сме преживувале во него

Ида Протугер, тренер за личен и организациски развој

Ја знаевме како новинарка специјализирана за економски теми, која работеше во некои од најголемите македонски медиуми. Пред неколку години Ида Протугер го напушти македонското новинарство, се пресели со семејството во Виена, каде влезе во нов професионален предизвик: личен и организациски развој, за што е лиценциран тренер. Со неа разговаравме за нешто, кое е многу важно за секој човек – среќата.

 

Дали е среќата случајност (родени под среќна ѕвезда), плод на работа или на стрпливост?

Luxury Catering Service

Прво да разграничиме дека среќата може да е емоција, а може да е и состојба, поточно благосостојба. Благосостојбата е состојба на перцепирано задоволство од животот. Емоцијата на среќа пак може да се јави дури и повеќепати во денот, иако животот може да го оцениме главно како несреќен.

Емоциите се телесни реакции на перцепираната надворешна реалност и на внатрешната реалност, односно фантазијата, спомените и мислите.

Благосостојбата е постабилно чувство на исполнетост и е под влијание на повеќе фактори, како здравје, професионална реализација, живот според интернализирани вредности, односи со другите луѓе, партнерска врска и слично. Сега за главното Ваше прашање – на што се должи среќата, ќе споменам едно истражување на професорката на Универзитетот на Калифорнија, Соња Љубомирски. Во нејзината книга “The How of Happiness” главната премиса е дека 50 отсто на среќата се должи на генетски фактори, само десет отсто на животните околности, а 40 проценти од среќата се резултат на лични одлуки односно контролата врз сопствениот живот. Кога слушнав за ова истражување, се посомневав во резултатите, бидејќи дотогаш мислев дека околностите нѐ прават среќни или несреќни, но сега знам дека не е така. Моето мото во работата е: „Бидете автор, а не актер во сопствениот живот“, и мојата работа со клиентите е главно да ги поддржам во зајакнување на нивната автономија во креирањето на својот живот, во така дадените околности. Да умеат да изберат како ќе се постават кон животните предизвици со ресурсите што им се на располагање.

Дали среќата е индивидуална или може да биде колективна категорија, односно верувате ли во овие листи на среќни нации? Може ли еден народ да биде колективно среќен или несреќен?

И едното и другото. Индивидуалната среќа, според мене е слободата да управуваме со сопствениот живот. Таа слобода носи и одговорност, да ги прифатиме и последиците од резултатот на нашата слободна волја. Некои луѓе решаваат поради страв од таа одговорност да останат зависни од туѓи одлуки за да имаат оправдување и алиби. Така стануваат жртви на околностите или туѓите одлуки, бидејќи веќе избрале „виновник“. За индивидуалната среќа има влијание и начинот на размислување. Постојат два сета на размислување. Првиот е насочен кон недостатоци: што немам, што не можам, заглавеност во проблемот. Вториот е насочен кон ресурсите: што имам, што можам, а фокусот е кон решенијата за проблемите. Тоа е разликата меѓу негативно и позитивно размислување. Но, позитивниот начин на размислување не подразбира да се правиме дека сѐ е убаво, како што се карикира во јавноста. Не, напротив, основата за да се развива позитивниот начин на размислување е прифаќање на реалноста и препознавање на сопствените емоции, но и ресурси за да ги надминеме тие тешки ситуации. Зад негативните емоции (тага, страв, фрустрација) најчесто стојат незадоволени потреби. Затоа е важно да ја знаеме појдовната основа. Да, јас сум тажен и сакам да ја променам оваа ситуација. Тоа е почетната состојба за да дојде до мобилизирање на ресурсите кон посакувана ситуација. Ресурсите може да се лични карактеристики, вештини, знаење, други луѓе кои нѐ поддржуваат, материјални нешта, вредности. И многу често ние не можеме да ги смениме околностите, но можеме да учиме и да растеме, и преку болните искуства или лекциите од искуствата кои не сме можеле да ги промениме, да ги прифаќаме како дел од животот. Дури и кога сме соочени со навидум безизлезна ситуација, постои слобода на избор. Има една приказна со две жаби кои се нашле во тенџере со течен крем. Претале, се обидувале да излезат од тенџерето, но безуспешно, само пливале бесцелно во лепливата смеса. По многу обиди, едната жаба рекла, тука е крајот, немаме шанси да излеземе, ќе се удавиме. Јас ќе се нурнам да си ги скратам маките, и се удавила. Тоа бил нејзиниот избор. Втората рекла, да, немам шанса да излезам, но нема да се предадам до последен момент, барем тоа можам да го сторам за својот живот. Претала, пливала и така кремот се згуснувал полека од движењето на нејзините нозе, се додека не се згуснал доволно за таа да може да застане на површината. Така лесно скокнала надвор, на слобода. Дали ќе се откажеме или ќе дадеме максимум за да постигнеме некоја цел е истот така личен избор. И нема погрешен избор, бидејќи во животот нема генерална проба. Има лекции и резултати. За грешки зборуваме ако не сме научиле ништо од искуствата. Околу колективната среќа, да, постојат посреќни нации, бидејќи кога се оценува колективната благосостојба се земаат предвид функционалноста на институциите и нивната поддршка на граѓаните, човековите права и слободи, еднакви услови за напредок, економски просперитет и раст. Во Македонија индексот не е висок затоа што системот не е функционален, нема еднакви услови за сите, особено правда, а тоа создава фрустрација и несигурност кај граѓаните. Тие, всушност, сопствените ресурси ги трошат на справување со нефункционалниот систем, наместо да ги инвестираат во креација и продуктивност. Политичките лидери, пак, не покажаа волја ресурсите на државата, и материјалните и човечките, да ги насочат кон раст и просперитет на граѓаните. Постојат востановени анти-вредности, а тоа се клиентелизмот и корупцијата. Тоа не е добра основа за колективна среќа. Затоа, во корист на индивидуалната среќа и барање одговор кон тие неповолни околности, голем број поединци чии вредности се косат со клиентелизмот и корупцијата, и немаат можност да го максимизираат својот потенцијал во татковината, носат одлука да се иселат. Најчесто во средина каде вредностите се поблиски на нивните и постои поголема можност да го максимизираат личниот потенцијал.

Може ли некој да биде среќен цело време или во право е Иво Андриќ кој рекол: „Ако не боли, не е живот, ако не поминува, не е среќа“? 

Хераклит рекол дека единствена константа во животот се промените. Ако не постои ноќта, како ќе знаеме да ја разликуваме од денот? Ако не постои тага, нема да знаеме што е всушност радост. Може некој постојано да тежнее и умее да гради среќа, но тешко дека животот ќе го поштеди од предизвици и тешкотии. Животот е преполн со настани и искуства кои нѐ формираат, дефинираат, но и нѝ ги збогатуваат ресурсите за одговор кон тие предизвици. Нѐ менуваат. Наше е што ќе правиме со тие искуства, дали ќе станат лекции за во иднина или ќе нѐ фрлат во улога на жртва.

Се менува ли чувството на среќа низ годините, со стареењето?

За старите не велат дека се мудри поради годините, туку поради искуството во тие години. Повторно да се вратам на претходниот одговор. Среќата како чувство на исполнетост, како благосостојба, зависи од тоа дали сме го живеле животот или сме преживувале во него. Јас често споменувам четири моќи кои ни помагаат во постигнување на среќата како чувство на исполнетост – благосостојба. Тоа се:

  • Слободата на одлука и правото на избор
  • Моќта да се каже НЕ и да се постават граници
  • Моќта на искуствата кои ни нудат вредни лекции, и
  • Моќта на позитивните релации

Ако човек со зрелоста стане автор во својот живот, поголема е веројатноста дека во староста ќе биде позадоволен, бидејќи носел одлуки за себе. Знаел да се соочи со реалноста и да се позиционира на најдобар можен начин со ресурсите што ги имал на располагање. Оној пак кој себе си вечно се гледа како жртва на туѓи одлуки, околности и луѓе, а не прави ништо за да се постави на друг начин кон тие предизвици, веројатно ќе стане уште понезадоволен со текот на годините. И да завршам со цитатот на Гаутама Буда: „Не е најсреќен оној кој го има најдоброто, туку оној кој умее да го извлече најдоброто од тоа што го има“.

Миодраг Мишолиќ
Фото: Томислав Георгиев