Валентино Скендеровски, музичар и музички продуцент, за Универзалната сала
„Некој имаше замерки на акустиката, некој на гардеробите, но сепак овој простор важеше за некаков дом на музиката.
Мислам дека таканаречената носталгија по овој објект, нема да помогне во оваа ситуација. Потребен ни е соодветен современ објект за вакви намени. Оние 1.536 седишта се премалку за потребите на градов и за карактерот на денешните настани. Можеби би било идеално да има две сцени, мала и голема. Едната со капацитет до 1.000 места, другата со 3.500“, вели еден од најпознатите македонски музичари, продуценти, инженери на звук…, вели Валентино Скендеровски.
Што тебе, како на професионален музичар, ти значеше Универзалната сала?
Искрено, моите настапи во Универзалната сала ги сметав за привилегија, чест, престиж и задоволство. Едноставно, растеш, се оформуваш како личност, како професионалец, и во тој процес, посакуваш еднаш да се појавиш и ти на таа фамозна сцена на којашто не можеа сите да настапат. Во некоја смисла, настап во Универзалната сала, своевремено важеше за големо достигнување. Сите ние сонувавме еден ден да застанеме на таа сцена и да покажеме што знаеме.
Која ти е првата музичка асоцијација на тоа место?
Не се сеќавам баш најдобро, многу одамна беше, но мислам дека се работеше за некој хуманитарен концерт. Подоцна, имав многу настапи со многу различни формации, како член на Леб и сол, Анастасиа, Меморија, придружниот бенд на Владо Јаневски итн… На многу настани работев и како музички продуцент или инженер на звук, едноставно, многу пати имав прилика да работам во овој простор. Затоа и ми недостасува многу, но тоа не значи дека треба да се изгради ист таков нов објект.
Многу се коментираа нејзините карактеристики. Додека беше во функција, повеќе негативните (мала, релативно неудобни седишта, тесни гардерби за музичарите, лоши тоалети…), а сега повеќе позитивните. Една од добрите страни е акустиката, па се споменува дека панелите на таванот биле идентични со оние во лондонскиот Royal Albert Hall. Беше ли навистина акустично супериорна во однос на другите сали?
Да, се коментираше сѐ и сешто, но сепак иако не беше идеална, нам ни беше омилена сцена. Како на уметниците, така и на публиката. Некој имаше замерки на акустиката, некој на гардеробите, но сепак овој простор важеше за некаков дом на музиката. Пред некој ден видов нечие тврдење дека акустичните дифузери коишто висеа од покривот на салата се слични на оние во Royal Albert Hall, но сепак преголемиот процент на апсорбери на звукот, теписоните, тапацираните седишта и останатите „меки“ материјали, правеа да звучи „глуво“. Со мала корекција на внатрешната акустика, од страна на стручни лица, многу лесно можеше да се коригира овој проблем.
Откако е затворена се дебатира за нејзината идна судбина. Реконструкција во старата форма, градење нова – многу поголема (до 5.000 места), правење парк на тоа место… Според тебе, која е најдобрата опција? Што на музичарите им е најважно?
Мислам дека таканаречената носталгија по овој објект, нема да помогне во оваа ситуација. Потребен ни е соодветен современ објект за вакви намени. Оние 1.536 седишта се премалку за потребите на градов и за карактерот на денешните настани. Можеби би било идеално да има две сцени, мала и голема. Едната со капацитет до 1.000 места, другата со 3.500. Потребен ни е објект кој ќе претставува вистински дом на културата, нешто како НДК во Софија, или Сава центар во Белград. Не сум убеден дека истата форма и површина ќе ни бидат доволни. Скопје е пет пати поголемо од времето кога била изградена Универзалната сала, која да не заборавиме беше времен објект.
По сѐ што се случува со неа, сигурно е дека ќе поминат барем десет години од последниот настан во старата Универзална, па до отворањето на новата. Може ли тоа да го намали нејзиното значење: да работи, а да не е тоа што беше?
Ќе работи одлично, верувајте ми, сите ние чувствуваме огромен недостаток од ваков простор.
Универзална е затворена, полуразурната, опожарена…, Скопски саем не постои, Домот на АРМ работи, но малку луѓе од публиката знаат што се случува таму на музички план… Каква е состојбата со просторите за свирење (одржување концерти) во Скопје, и генерално во Македонија? Има ли каде да се настапува?
Единствени простори за одржување на концерти во Скопје, се МОБ и Филхармонија. Ниеден од нив не е соодветен за ништо друго освен за класична музика. На крајот на краиштата, оркестрите коишто функционираат во овие два објекти, се од таков карактер, па овие објекти се затоа и така дизајнирани. Скопскиот саем, беше наменет за да биде саем, а тоа што подоцна некому му текна да првата хала ја нарече Метрополис и да ја етикетира како концертен простор, е веќе друга тема за дискусија.
Миодраг Мишолиќ