Почетна НЕШТО УБАВО НЕШТО УБАВО Деки&Надица

НЕШТО УБАВО
Деки&Надица

Уникатна приказна за брачна двојка од Куманово. Се издвојува со комбинацијата од креативност, пристапот кон клиентите и исклучителната услуга. Тој е фризер, таа козметичар. Симбиоза на убавина и врвен квалитет. Запознајте ги Деки и Надица.

Кога на една жена ѝ се средени косата и ноктите, таа одава впечаток дека се грижи за себе и на тој начин е полна со самодоверба со која зрачи каде и да се појави. Општествените норми и медиумските портрети многу често нагласуваат одредени стандарди за убавина, вклучително и навиките за маникир, модерна фризура, депилирано тело, што може да влијае на перцепциите за привлечност и допадливост без разлика со која професија се занимаваме.

Токму на тема убавина, слушнавме за една уникатна приказна што се издвојува од конкурентите со својата комбинација од креативност, пристапот кон клиентите и исклучителната услуга. Млад брачен пар, тој фризер, таа козметичар, на исто место, чиниш идеален пакет од услуги и тематски идеи.

Во лавиринтот на приземјето на локалитет Гарнизон, пиевме чај со Деки и Надица. Им се олади, додуша, бидејќи муштериите не смеат да чекаат. И тогаш се сетивме на кумановскиот табиет и дека најмногу ги нервира сите кога се закажани во одредено време, а некој се уфрлил на нивно место или стилистот не си го менаџирал добро работното време. Убавината можеби е субјективна деновиве, но прецизноста не треба да биде никогаш. Тој забрзано влегува на закажаниот термин, дозволувајќи ни да гледаме како ги прави вештите потези со фенот, таа се подготвува да ја пречека госпоѓата за која мора да биде пријатна температурата во салонот, апаратурата дезинфицирана, трендовските дезени за нокти подготвени за избор, музиката дискретна, а пастелните бои доволно релаксирачки за да биде еден вид терапија.

Luxury Catering Service

И двајцата го работат она што го сакаат најмногу, а интересот за обуки и стручно усовршување им го трасира патот до неминовниот успех. Затоа што, да не заборавиме, кумановци сакаат да ги следат најновите трендови за стилизирање и да го одржуваат имиџот на негувани луѓе.

И додека Деки својот фризерски салон го има поодамна, Надица во декември 2023 година му се придружува и веднаш до неговиот дуќан го остварува заедничкиот сон – да ја здружат својата експертиза и формираат платформа за кумановска убавина. Таа е перфекционист, се гледа на прв поглед. За ноктите што ги прави и надградува, најважно ѝ е да прави комбинација од стручност и иновативност. Тој е горд на својата сопруга оти е трпелива, нежна и темелна. Персонализираната консултација со клиентите ги прави дури еден вид психолози. Го разбираат и почитуваат времето на клиентите одвоено за разубавување и нивните потреби ги ускладуваат со работното време и ефикасноста, во симбиоза со испорачаниот квалитет.

Ми најдоа маана на изгрицканите нокти и подраснатиот корен. Се препуштив во нивни раце. Тоа не значи дека нема да ги измијам садовите дома или дека ќе се правам важна бидејќи сега личам на Винона Рајдер. Бев среќна.

На удобноста во нивните простории ретко кој може да одолее.

Не ја прифаќаат флоскулата „немам време за себе“.

Чајот може да се пие оладен, но комплементарноста на една личност не се доведува во прашање.

Нивната програма за разубавување е рационална и лојалноста на тој начин станува дел од нашето секојдневие.

Локалната кауза што ја подзаборавивме сите ние, а која требаше да биде стимулација на мали и средни бизниси преку наша поддршка, мора да ја генерира нашата желба да се разубавиме и да се препуштиме на сугестиите на стручни лица.

Ова нека биде рецензија за еден агол од споменатиот локалитет Гарнизон (по скалите од страна на некогашниот ЏуЏу бургер, па веднаш лево), како влијание во процесот на донесување на одлуки на потенцијалните клиенти во светот на убавината.

Приказната за Деки и Надица, нивната трудољубивост и професионалноста со која работат, нека биде лекција за сите скептици за кои вложувањето во себе било минливо или забележително за кус временски период.

Едноставно е. Ми кумановци смо ипак од увек биле фраери. А, фраери идев да се шишав куде Декита. А, пет прста им ударав лутке сас убави нокти, правени само куде Надета.

https://www.instagram.com/stojanovskidejan_deki/
https://www.instagram.com/n_studio_nadica/

Р.П.