РЕОБЈАВА
Как’в Општински комитет! Овде е Октет Куманово!
По комплетирањето на вокалниот состав во септември 1983-та година како резултат на упорна шестмесечна работа „во илегала“ во Музичкото училиште „Панче Пешев“ во Куманово, Октетот ги подготви првите четири песни од богатата кумановска ризница.
– Нескриено задоволство беше на нашиот драг маестро (како што го ословувавме) Миодраг Божиновски – Мичо, кој тогаш велеше дека долгогодишна желба му била, да се реализираат неговите аранжмани за повеќегласно пеење, пред се за песните „Прошета се Јовка кумановка“, „Умреја Батко Ѓорѓија“, „Јано, Јанке, кумановке“, „Доце, Доце, мамин Доце“ и уште неколку познати кумановски староградски песни. Вокалните аранжмани на Мичо до тогаш беа нечуени во праксата на другите македонски аранжери. Мичо употребуваше невообичаени музички форми (модулации, скокови, од молски во дурски тоналитет и слично) што и во подоцнежните негови аранжмани беше можно да се препознае кој е авторот, без потписот да му биде препознатлив, раскажува, првиот тенор на Октетот Перица
Николовски
Музички историјат и евиденција од спомени
По задоволството на членовите од сработеното, настана проблем како да се најави раѓањето на Октетот Куманово, вели Николовски. Тој додава дека првенствено за него требало да дознаат кумановци, а подоцна и пошироката музичка јавност во Македонија. Изреката „Секој почеток е тежок“, членовите на Октетот Куманово најарно ја почувствувале на своја кожа.
– Тргнавме од претседателот на Општината по сегашно градоначалник. По најавената и од претседателот прифатена посета, ние неколкумина од групата се појавивме на влезот во Општината и на портирот му рековме дека имаме закажано посета. На неговото прашање кого да најави, одговоривме дека сме од Октет Куманово. Тој ја крена слушалката и слушнавме: „Друже претседниче, дојдени са некои од Тетово Куманово и сакав да дојдев куде Вас“. Ако ја споредиме оваа реченица на портирот со изјавата на еден интелектуалец – голем познавач на музика, дадена само неколку години по посетата на Општината, дека „Градот Куманово е познат по Октетот Куманово“, јасно е со какви чекори Октетот одеше кон врвот на македонската естрада објаснува, Николовски.
Тој додава дека вториот дел од проблемот бил, како на македонската музичка јавност да и го претстават она што го подготвиле во изминатите шест месеци упорна работа.
– Сигурно, решението е телевизија, но како да се вклучиме во програмата на МТВ?
Се сеќава Николовски и раскажува дека во тоа време секоја вечер од 19,00 часот на МТВ била емитувана полчасовна „Скопска програма“, со демо снимки направени на мало касетофонче, и со инструментална поддршка на мал оркестар од Музичкото училише „Панче Пешев“.
– Тогаш вратата ни се отвори. Нѐ прифатија, а една вечер во пролетта 1984-та година настапивме во емисијата, пеејќи во живо, сите различно облечени во свои пантолони и кошули. Воодушевени од нашиот прв настап, се вративме во Куманаво и како победници прошетавме во центарот, за да ги видиме реакциите на оние што не гледале вели, Николовски.
По првиот телевизиски настап, Октетот излегол од анонимноста. Започнала негова промоција, а набргу и нивни настапи како редовни учесници во многуте музички емисии и проекти на Радио Скопје и МТВ, како чести учесници на фестивалот „Охридски староградски средби“, во Валандово, Битола, Скопје, Тетово .
– За целокупниот период на другарување, имавме многу случки, познанства и тешко е да се издвојат некои. Но, ќе се потсетам на еден од првите наши настапи на староградски средби во Охрид. Во исто време се случуваше и манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. За многубројните домашни поети и гости од странство, беше организиран пикник во близина на Манастирот Свети Наум. Организаторот го покани Октетот нешто да испее, оти поради староградските средби бевме во полн состав заедно со неколкуте члена на оркестарот. Најмладиот беше Оки, кој свиреше бас ,поголем од него, а шефот на оркестарот, виолинист. Возејќи се со бродче од Охрид кон Свети Наум, на некој му текна да направи шега, па праша, што ако бродчето почне да тоне. Тогаш Нино брзо реагираше, и рече: „Лесно му е на Оки, ќе се качи на басот, а што ќе правиш ти маестро со виолина? Размисли да си ro смениш инструментот“ додава Николовски.
Како миленик на Куманово, членовите на Октетот немале проблеми со гардероба, унифицирана за сите осум члена, што е неопходно при јавни настапи. Со помош на кумановските текстилни фабрики и претпријатија секогаш настапувале облечени во прикладна и допадлива униформа.
Едни маички имавме за настапи во лето, на отворено, имаа отпечатено О.К. Јасно е што значи тоа. При еден настап во Охрид, се запознавме со еден Германец кој беше учесник на семинар по македонистика и добро го говореше македонскиот јазик. Беше фасциниран од нашата песна, но сосема пријателски не советуваше да ги смениме маичките со О.К. прашувајќи не, зошто да употребуваме странски изрази. Откако му објаснивме дека на нашите маички амблемот значи О(ктет).К(уманово), беше многу задоволен, со носталгија се присеќа Николовски.
Значењето на кратенката О.К.
– Кога сме веќе кај кратенката О.К., се сеќавам на 45-минутното ТВ ШОУ со Октетот, снимено во тогашната Радио телевизија Скопје. За да помогнам на сценаристот и режисерот, напишав синопсис за сценариото, кое подоцна подетално го разработивме. Главна личност околу која се случува дејствието е портир во тогашен Дом на културата „Јосип Броз Тито” (сега НУЦК „Трајко Прокопиев“) во Куманово, каде Октетот ги одржува пробите. На вратата на просторијата на Октетот пишува О.К. Пред вратата доаѓа еден „смотан“, кратковид, со очила со голема диоптрија, се лепи до натписот и наглас чита О.К. и го прашува портирот: „Овде ли е Општински комитет?“. Портирот разгневен му се обраќа: „Как’в Општински комитет! (гордо) Овде е Октет Куманово!“, раскажува Николовски.
Неповторлив настап
– Би го издвоил настапот пo повод одржувањето на Референдот за самостојност на РМ и објавување на резултатите. Настапот беше одржан на плоштадот во Скопје, со гостување на многу познати музички имиња. Тој настап е неповторлив и највпечатлив. Многу впечатоци на едно прекрасно работење кое претставуваше белег на нашиот град, вели Трајко Крстевски еден од членовите на Октетот.
Крај
Објавено на 07 февруари 2014