Костантин Циривири, дипломиран туризмолог, водич во планина, алпинистички инструктор и инструктор за обука на планински спасители
Многупати сме слушале за убавината на македонските планини, и исто толку често сме биле горди на она што ни го подарила природата, но веќе подолг период се поставуваат прашања за тоа каков е односот на човекот кон тој значаен природен ресурс. Еден од најдобрите соговорници оваа тема во државата е Костантин Циривири, сопственик и управител на туристичката агенција „Маунтин Експириенс“ од Скопје, специјализирана за услуги и консултантство во планински туризам. Инаку, тој е дипломиран туризмолог, водич во планина и инструктор за обука според професионалниот меѓународен стандард UIMLA, алпинистички инструктор и инструктор за обука на планински спасители според меѓународниот стандард ICAR – CISA.
Во каква состојба се моментно македонските планини, особено поради влијанието на човекот: дрвниот фонд, живиот свет, ендемските растенија…?
На ова прашање најдобар одговор можат да дадат луѓето кои се стручни за заштита на животната средина со искуство и знаење во делот на биодиверзитетот и шумскиот фонд. Моите обсервации, и покрај тоа што сум речиси шест децении активно на планина, се од позиција на корисник на планинскиот простор, и од една страна тоа ја прави проценката субјективна поради неминовно емотивниот пристап, а од друга страна моето поле на експертиза е планинскиот туризам, кое што колку и да е поврзано со состојбата на биодиверзитетот на планина како основен туристички ресурс, сепак, не е со примарен фокус на заштитата на биодиверзитетот, и затоа стручните констатации треба да им бидат оставени на експертите. И обратно, експертите за животна средина треба примарно да се занимаваат со неа, а развојот на туризмот или обсервациите за него да им го препуштат на туризмолозите. Само така ќе имаме правилен развој и ќе ги избегнеме грешките, кои скапо се плаќаат. Тоа што, сепак, можам да го кажам во врска со деградацијата на планините е дека Македонија има прекрасни планини, со високо вреднувани пределни вредности и богат биодиверзитет, но за жал препознавањето на овие вредности не е соодветно, ниту од страна на институциите, ниту пак од страна на чинителите чија што економска егзистенција е условена токму од овие вредности. Од една страна институциите одат по линијата на најмал отпор применувајќи формално, и за жал, сосема површно одредени одредби, често пати пресликани од некои други земји со сосема различни прилики во однос на нашите, без доволен увид во суштината на проблемите. Кај локалните чинители, независно дали станува збор за сточари, туристички субјекти или локално население, недостасува свест за значењето на природните вредности и важноста од нивно одржливо користење и грижа за нив. Во суштина, проблемот е во тоа што од одредени причини е изгубена конекцијата со акумулираната колективна мудрост што ние како луѓе, кои отсекогаш сме живееле на планината и со планината, сме ја поседувале низ илјадниците години коегзистенција со природата. Во минатото, на нашиве простори речиси никогаш не се случило уништување на шуми, пасишта, загадување на реки или нешто слично, бидејќи луѓето многу добро знаеле дека единствениот услов за да преживеат бил да ја почитуваат природата и благодетите што од неа ги добиваат. Како конкретен одговор на прашањето би кажал дека во некои региони – планини во Македонија, повеќе од забележливо е сериозното уништување на природата, кое што има опасност да добие епидемилошки размери, но од друга страна постојат и многу добри примери на грижлив однос кон зачувување на биодиверзитетот и воопшто природното опкружување, како што се демонстрира од страна на управувата на Националниот парк „Шар Планина“, или од некои локални заедници низ земјава кои се активни и бескомпромисни во зачувувањето на планинскиот и воопшто природниот биодиверзитет, како што се примерите за заштита на парк шумата Водно, планината Кожуф, Беласица и други. За планинскиот туризам, биодиверзитетот и зачуваните просторни вредности се неопходен предуслов за една дестинација да биде атрактивна за посета. Со нивното уништување, се уништува и вредноста на туристичкиот производ, кое што неминовно води кон забрзано скратување на неговиот животен век и помал економски, културен и социјален бенефит од туризмот воопшто.
Колку драматично влијаат климатските промени, и каде е тоа најзабележливо?
Како што е случај речиси секаде во светот, така и кај нас климатските промени се забележливи, менувајќи ги вообичаените метео, климатски и природни циклуси. Можеби изминатата зима и почетокот на оваа пролет се најдобар пример за тоа. Скратувањето на периодот на „вистинската зима“ првенствено влијае врз нормалните природни циклуси, кое што понатаму си повлекува промени и во другите годишни времиња. За планинскиот туризам тоа значи сериозна промена во времетраењето на одредените фази од туристичката сезоналност, меѓутоа и во квалитетот на содржините што можат да се понудат и реализираат. Само како пример може да се наведе дека оваа година нашите ски-центри речиси и да не работеа, што за нив значи огромни загуби, што неминовно влијае и врз секундарниот и индуцираниот туристички сектор, зголемувајќи ги економските загуби експоненцијално. Во принцип, ние не можеме да влијаеме на брз и ефикасен начин врз климатските промени, и тие како феномен сѐ уште се предмет на истражување во поглед на вистинските причини за нивно настанување, како и ефикасните начини за нивно спречување, ако е тоа воопшто возможно. Но, како туристички работници можеме да влијаеме врз адаптирање на туристичката понуда, туристичките содржини и можеби развивање сосема различен пристап кон сезоналноста во туризмот. Со климатските промени одредени „традиционални туристички активности“ имаат потреба од целосна ревизија, како во поглед на временската организација и самата структура на активностите, но и потреба од храброст за примена на сосема нов концепт во пристапот кон природно базираниот туризам.
Споменавте дека во оваа година речиси немаше скијачка сезона во нашите ски-центри. Колку намалувањето на снежните врнежи ги намалува, генерално, туристичко-рекреативните активности на планините?
Споредено со состојбата од пред неколку децении, кумулативните снежни врнежи се намалени, и во некои години, како на пример оваа, фрапантно мали. Тоа неминовно влијае врз сите природни циклуси, не само поради намалување на количините на снег како еден важен резервоар на вода, туку и промените во температурите кои со себе повлекуваат цела низа промени во природата, при што човекот, сакал или не, како дел од природата е дел од тие промени. Секако, последиците врз туризмот условени од намалените количини снег не се ниту од далеку најважните последици, туку само една од нивните манифестации. Тука повторно ќе се навратам на претходно кажаното – ние не можеме да влијаеме врз количеството на снег што ќе падне на нашите планини, но можеме да ги адаптираме или целосно да ги измениме туристичките активности што може да се понудат во согласност со новонастанатите услови.
Кои планини би ги препорачале за посета, почнувајќи од оние за почетници па до тие за поискусните рекреативци? Кога некој би сакал да почне со планинарење каде би го упатиле најпрво?
Сите планини во Македонија се убави и интересни за секоја категорија туристи, планинари, спортисти или рекреативци. Разбирливо е дека на некои од нив постојат повеќе услови за поинтензивни или „поекстремни“ туристичко-рекреативни активности, а на некои други помалку, но мислам дека разликите не треба да се гледаат во контекст на „потешки“ или „полесни“ планини, туку во нивната разновидност и соодветност за задоволување различни интереси и вкусови на посетителите. Некои планини, како Шар Планина, Кораб, Јакупица и други, се најмногу посетувани од туристи, спортисти или рекреативци со повисоко ниво на физичка подготвеност и компетенции за движење и престој на планина, но тоа не значи дека и на овие планини не можат да се реализираат лесни тури за почетници, „лесни“ рекреативци или семејни тури. Од друга страна, Малешевскиот регион е типична дестинација за семејни патувања, прошетки на планина низ одлично уредени и безбедни патеки кои се лесно пристапни, но воедно и таму може да се организираат сериозни и високо предизвикувачки спортско планинарски активности, независно дали станува збор за планинарење (хајкинг), планинско трчање или планински велосипедизам. Во врска со прашањето кои локалитети се најпогодни за одредена категорија посетители, посебно кога станува збор за рекреативци и семејни посети, како пример за добро уредена микродестинација би ја посочил Бислимска Клисура над селото Пчиња (Куманово), каде што се развива една повеќефункционална дестинација со содржини за планинарење, прошетки во природа, фото-сафари, качување на карпа, како и посета на локалните домаќинства каде што може да се купи домашна и апсолутно здрава храна, при што стандардот „органска“ е можеби непримерен, бидејќи таму сѐ е многу повеќе од органско, што на туристичкиот производ му дава еден вид уникатност, посебност (unique sailing proposition) што е еден од најважните компетитивни атрибути на туристичкиот пазар.
Неретко гледаме и читаме новинарски извештаи за запуштени планинарски домови, изградени во минатото, кои се оставени да пропаѓаат. Дали е толку тешко и скапо да се стават во функција, и кои би биле најважните бенефитите ако се направи тоа?
Сместувачките објекти на планина, независно дали станува збор за планинарски домови, планински куќи, објекти од типот bed and breakfast или засолништа, се од исклучително значење за развој на планинскиот и природно базираниот туризам. Тие се, генерално многу важни за македонскиот туризам, бидејќи туристите со економска моќ, и кои поради деловната природа на туризмот ги посакуваме кај нас, доаѓаат од развиените земји, и сигурно нема да дојдат во Македонија за да се сместат во некој објект кој е сличен или бледа реплика на хотелите и сместувачките објекти што ги имаат дома. Авантуристичкиот туризам подразбира постоење на три компоненти: престој во природа, физичка активност и длабока имерзија во локалната култура и во животот на локалните заедници. Токму затоа ставање акцент на традиционалното, со почитување на основните елементи за комфорт и бескомпромисност во однос на санитарно-хигиенските услови, е „предуслов без кој не се може“ (conditio sine qua non) за развој на дојдовниот, посебно на активниот природно базиран (nature based) туризам. Во минатото, во периодот на Југославија постоеше јасна перцепција за значењето на планинарските домови, примарно како инфраструктура за развој на планинарството како спорт и рекреација, но и како туристички содржини неопходни за развој на домашниот туризам. Соодветно на препознаената потреба постоеше повеќе или помалку изразена државна политика за нивна поддршка, одржување, надградба или градење нови капацитети. За жал, денес ситуацијата е повеќе од тажна. Постојат одредени изолирани случаи кои можат да се земат како позитивни и охрабрувачки примери, при што би ја навел транснационалната long distance hiking патека High Scardus Trail, каде што во рамките на активностите за подготовка и ставање на производот во функција, изградивме од буквална нула или надградивеме и реновиравме околу дваесетина сместувачки објекти, со вкупен капацитет од околу стотина легла. Инвестираните средства се помалку од средствата што се трошат за реновирање на еден општински паркинг, а производот High Scardus Trail во 2023 година од страна на здружението на британски новинари во туризмот, беше прогласен за најдобар нов производ во Европа (најпрестижна награда во туризмот) што мене и моите колеги кои сме автори на овој производ нѐ прави исклучително горди. Благодарение на High Scardus Trail огромен куповен сегмент од меѓунариодниот пазар, слушна за Македонија, и тоа како дестинација со врвни вредности, и патување кое „задолжително треба да се направи во следниот период“. Тоа е одличен пример дека за да заживеат сместувачките капацитети на планина, посебно во високопланинските зони, не се неоходни многу пари, туку ентузијазам, знаење и визија за туризмот на иднината. За жал, тоа недостасува на многу места, како на институционално ниво, така и кај организациите или поединците кои би требало да бидат најзасегнати со проблемот, што е пред сѐ резултат на тотално изместениот вредносен систем во нашето секојдневие, кое што во турбулентните светски случувања, станува од ден на ден сѐ поизразено, а со него и штетните последици што овој вредносен систем со себе ги носи.
Миодраг Мишолиќ