Почетна ИНТЕРВЈУ Додека не видиме крупни државни функционери и бизнисмени во долгогодишен затвор, и...

Додека не видиме крупни државни функционери и бизнисмени во долгогодишен затвор, и конфискувано богатството, не може да зборуваме за борба против корупција

Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии

Економските теми се секогаш значајни, и речиси без исклучок како главен фактор за определувањето на електоратот во било која земја, аналитичарите ја наведуваат состојбата со „џебот“ на гласачите. Колкави ќе бидат платите, и дали ќе ги има редовно, колкави ќе бидат пензиите, и дали ќе ги има редовно, што е со финансирањето на здравството, образованието, инфраструктурата, енергетскиот сектор… Тесно поврзана со трошењето на државните пари е борбата против корупцијата, особено високата корупција. Ова се темите за кои разговаравме со познатиот македонски економист Бранимир Јовановиќ, кој во последниве години работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии

 

Една од темите во тековната предизборна кампања е пензискиот систем, за кој долго време се зборува дека не стои на стабилни нозе. Дали е навистина загрозен, и ако да, уште колку време ќе може да издржи со сегашната политика?

Оваа дискусија се води со години, не е од сега. Сликата е покомплексна, не е црно-бела. Дали пензискиот фонд ќе пропадне – апсолутно не. Дали тој има проблеми – апсолутно да. Главниот проблем е дека приходите на фондот се многу помали од расходите. Во 2024 година, приходите се околу 1.2 милијарди евра, додека расходите се околу 1.8 милијарди евра. Таа разлика од 600 милиони евра се покрива со трансфер од централниот буџет. Оваа разлика нагло порасна по пензиската реформа од 2006 година, кога третина од придонесите за пензиско осигурување почна да се уплаќаат во приватните пензиски фондови, а пензиите продолжија да се исплаќаат само од државниот фонд. Во 2005, пред реформата, разликата беше 130 милиони евра, односно, пет пати помалку отколку сега. Паралелно со ова, континуирано се намалуваа и стапките на придонесите, и владите постојано ослободуваа разни фирми од придонеси, што ги намалуваше приходите на фондот. Се разбира, тука е проблемот и на стареењето на населението. Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени. Соодносот на лица постари од 65 години, и лица помеѓу 15-64 години, денес е околу 22 отсто, а на почетокот на 1990-тите беше 12 отсто. Или, со други зборови, денеска има еден „стар“ човек на секој петти работоспособен, додека пред 30 години, тоа беше на секој десети. Поради сите овие причини, нереално е да се очекува „дупката“ да се затвори во догледна иднина, но би било добро ако таа почне да се намалува, или барем да престане да расте. За да се случи тоа, треба да се престане со праксата на ослободување фирми од придонеси, но и да се зголемат придонесите, кои моментно се меѓу најниските во Европа. За илустрација, присонесот за пензиско и инвалидско осигурување во Македонија е 18.8 проценти, во Австрија е 23.9 проценти, во Србија е 24, во Словенија – 24.35, а во Германија – 27.9 проценти. Но, ниту една партија нема намера да направи такво нешто, па може да очекуваме дека „дупката“ ќе продолжи да расте. Тоа нема да доведе до пропаст на Фондот. Тој ќе си функционира, но постојано ќе мора да му се префрлаат пари од централниот буџет. Тоа се пари кои би можеле да се искористат за градење болници, реновирање школи, нови паркови, обновлива енергија… Ама, поради неодговорните политики на сите власти досега, наместо за тоа, завршуваат за пензии.

Luxury Catering Service

Што е поопасно (поголемо оптоварување) за пензискиот систем: просечна пензија од 30.000 денари, што ветува СДСМ, или линеарно зголемување на сите пензии од 5.000 денари, што ветува ВМРО ДПМНЕ?

Ветувањето на СДСМ е поголемо, затоа што просечната пензија сега изнесува околу 20.000 денари. Но, тука е исто така важно со која динамика ќе се зголемуваат пензиите, односно дали тоа ќе биде веднаш или по неколку години. Важно е и дали растот ќе биде пропорционален (ист процент за сите), или „линеарен“ (ист износ за сите). Партиите, за жал, не кажуваат многу детали за овие работи. Тоа, всушност, и не чуди, бидејќи и самите веројатно не знаат. Она што мене најмногу ми пречи кај двете ветувања е што за нивно реализирање се потребни неколку стотини милиони евра годишно. За ветувањето на ВМРО, од 5000 денари линеарно покачување за сите пензионери, се потребни 330 милиони евра годишно – 1.000 евра, по 330.000 пензионери. Од каде ќе ги најдат тие пари? Ниедна од двете партии не сака да воведе прогресивен данок, а едната други најавува дека ќе ги намалува даноците дополнително. Така што, мислам дека ниедна од партиите нема да го реализира ова ветување, или ќе го реализира постепено, малку по малку.

Македонија тргна во независноста со државен буџет помал од една милијарда долари, а денес тој е околу шест милијарди долари (5,5 милијарди евра). Прва Влада што го почна драстичното зголемување на буџетот беше таа на Никола Груевски, што тогаш често се коментираше како неоправдано и долгорочно опасно, но и по него продолжи трендот. Што мислите за актуелниот буџет, а особено за буџетскиот дефицит, кој исто така расте секоја година, и се предвидува во 2024. да достигне 500 милиони евра? Може ли да се покрие тој минус освен со нови задолжувања?

Буџетот треба да се гледа во сооднос со националниот доход, осносно БДП. Гледано така, не е баш точно дека буџетот во Македонија постојано расте. Дури би можело да се каже дека е и обратно. На почетокот на 1990-тите, во првите години од независноста, тој беше преку 45 насто од националниот доход. Потоа почна да се намалува, со транзицијата и приватизацијата, и до крајот на 1990-тите доаѓа до околу 40 насто. Во времето на Љубчо Георгиевски повторно се намалува, на околу 38 проценти. Трендот забрзува со наредните влади на СДСМ, кога паѓа на околу 32 проценти. Потоа, во времето на Груевски малку се зголемува, иако не премногу, на околу 34-35 отсто. Во времето на Зоран Заев на почетокот малку се намалува, на околу 33 проценти, но со пандемијата, скока на 38 отсто, на кое ниво стои во последниве четири години. Така што, ако се гледаат само последните години, да, буџетот несомнено расте. Но, ако се гледа на подолг рок, буџетот денеска е на нивото од пред 20 години, и сѐ уште значајно помал отколку на почетокот на самостојноста. Друго што е важно е да се спореди колкав е буџетот на Македонија со буџетот на другите земји од Европа. Ако ова се направи, може да се види дека македонскиот буџет е меѓу најниските во Европа. Единствено Албанија, Косово, Ирска и Швајцарија имаат помали буџети од македонскиот. Во Австрија, на пример, тој е околу 50 проценти, исто како и во Германија, а во Франција е преку 55 насто. Дури и Србија, Хрватска и Словенија имаат буџети од 45-50 проценти од БДП. Нема ништо лошо државата да има голем буџет. Буџетот е, всушност, едно мерило за богатството на државата. Колку е поголем буџетот, толку повеќе пари имате за здравство, образование, екологија, култура, и сѐ останато што ѝ е потребно на една држава. Не случајно најразвиените држави имаат најголеми буџети. Но, проблемот што јас го гледам со македонскиот буџет од последните неколку години е – што и покрај тоа што тој значајно се зголеми, за околу пет проценти од БДП, не може да се каже дека се гледа некое подобрување во државните сервиси. Здравството е сѐ уште катастрофа, не се изгради ниедна болница, училиштата уште се руинирани, не се направи ниеден нов парк, не се обнови ниеден објект од културата, нема инвестиции во енергетиката, сиромаштијата е уште преку 20 проценти… Тоа е она што треба да се критикува – што и покрај зголемувањето на државниот буџет, ние не гледаме никакво подобрување во државата.

Еден од најголемите проблеми на Македонија, и според стручните анализи, и според истражувањата на јавното мислење е корупцијата. Вие поминавте одреден период (околу две години) во Министерството за финансии, од каде се дистрибуираат државните пари кон разни корисници, кои потоа со трошењето на тие пари ја прават високата корупција. Како да се бориме против неа, од која институција (или институции) треба да тргне антикорупцискиот поход: Министерството за финансии, полицијата, Народната банка, инспекциите… Веројатно од повеќето или од сите, но кој е најодговорен за барем да се намали тој криминал?

Рибата смрди од главата. Мене многу ме нервира кога владите прават кампањи за пријавување на мито од шалтерски службеници, или најавуваат мерки како полиграф за цариниците, а во истото тоа време, за поранешен ваш вицепремиер на владата, антикорупциска комисија има утврдено злоупотреби, и Американците го ставија на „црната листа“, при што вие застанувате во негова одбрана?! Или за друг ваш вицепремиер, од коалицискиот партнер, излегуваат десетици случаи во јавноста за злоупотреба на државни пари, а ниту вие како влада, ниту обвинителство не преземате ништо?! Сашо Мијалков и Јордан Камчев, божем завршија во затвор, но од отворен тип, на плажа. Никола Груевски божем го осудија, но им избега, и сега си ужива во Будимпешта, и кога не оди на журки на јахти, си пишува статуси на Фејсбук. За целото тоа време, милионите на сметките им стојат нечепнати на сите, а бизнисите им цветаат. Сѐ додека не видиме крупни државни функционери и бизнисмени во долгогодишен затвор, и плус тоа, да им биде конфискувано богатството, не можеме да зборуваме за борба против корупција, туку за глумење лудило.

Веќе неколку години живеете и работите во Виена. Може ли да наведете неколку добри работи кои од Австрија би профункционирале релативно брзо и кај нас, кога би имало политичка волја за тоа?

Тешко е да се прават вакви паралели помеѓу држави, затоа што државите се продукт на специфичните историски и социјални услови во кои тие се формирале и се развивале. Но, еве неколку работи. Една од работите што тука најмногу ми се допаѓаат е што никој не го чепка социјалниот карактер на државата. И десничарите, кои инаку владеат во последните десетина години, прифаќаат дека Австрија е социјална држава, и не ни помислуваат да го сменат тоа. Не ги намалуваат работничките права, не го приватизираат здравството или образованието, не намалуваат плати или пензии, не ни помислуваат да му ја намалат моќта на синдикатот. Постои свесност за тоа што е заедничко, што е државно, и сите знаат дека ако почнат да го уништуваат тоа, ќе изгубат сите. Друга работа што е воочлива е дека австриските политичари се многу поскромни. Тука е нормално да го видите претседателот како си го шета кучето во парк, без помпа и без видливо обезбедување. Или како се вози со метро, или со воз. Нормално е да видите политичар кога одите на кафе или на ручек, или на некој концерт или изложба, и тоа како сосема обичен човек, не како специјален гостин. Овие работи се последица на тоа што владетелите на Австрија – императорите додека биле империја, односно политичарите кога станале република – постојано се плашеле од револуција, и затоа го слушале народот, па дури и пробувале да се претстават како дел од него. И затоа, главната лекција која македонските граѓани треба да ја научат од Австрија е дека мора да бидат барем малку побунтовни и погласни, и оти мора да се борат силно и бескомпромисно за своите права. Во истото време, политичарите мора да научат веќе еднаш засекогаш дека мора да го слушаат народот, не само затоа што тие се негови слуги (што е, всушност, изворното значење на зборот „министер“), туку и затоа што ако не го слушаат, народот може да ги избрка на клоци.

Миодраг Мишолиќ