Почетна ИНТЕРВЈУ ВМРО ДПМНЕ не освои спектакуларно повеќе гласови од изборите во 2019, спектакуларен...

ВМРО ДПМНЕ не освои спектакуларно повеќе гласови од изборите во 2019, спектакуларен е падот на СДСМ

Катарина Синадиновска, за првиот круг од претседателските избори и за она што следува во наредниот период.

Катарина Синадиновска е уредничка на телевизискиот проект „Агенда 35“, посветен на реформите потребни во процесот на евроинтеграции, и соосновач на невладината организација „Солуција“. „Солуција“, пак, е think+do tank, чија мисија е да ја обедини силата на граѓанскиот активизам, моќта на медиумите и експертизата од невладиниот сектор во битката за системски промени во општеството. Со Синадиновска разговаравме за штотуку одржаниот прв круг претседателски избори и за она што следува на политички план во наредниот период.

 

Како ги оценувате резултатите на двајцата кандидати што влегоа во вториот круг од претседателските избори? Дали Ве изненади разликата во бројот на добиени гласови меѓу нив?

Luxury Catering Service

Резултатите се очекувани, со оглед на сите релевантни анкети, не само за тоа за кого ќе гласаат луѓето, туку и за генералната насока во која се движи земјата, и незадоволството од практикувањето на власта. Да, можеби има мало отскокнување, и ВМРО ДПМНЕ преку нивната кандидатка Гордана Силјановска освои над прогнозите, но тоа е сосема нормално и за очекување имајќи во вид дека тие кои не кажуваат за кого ќе гласаат или се неопределни, честопати природно се наклонуваат кон опозицијата. ВМРО ДПМНЕ не освои спектакуларно повеќе гласови од изборите во 2019, спектакуларен е падот на СДСМ, и затоа разликата е толкава.

Што може да направи Стево Пендаровски во следните две недели? Има ли воопшто, некаква опција, што би значела нешто позитивно за него? Што би било позитивно за неговата кампања во оваа ситуација?

Искрено, не верувам дека што било може да направи за да победи. Тој самиот имаше еден, па да речам, од аспект на јавен настап – крајно спорен говор синоќа, кога кажа дека коалицијата зад него е во лоша кондиција, но од неговиот резултат се гледало дека тој им додал вредност. Тоа автоматски зборува за големината на вредноста што тој ја додал, а таа не е за потенцирање, но и за состојбата на самата коалиција, која значи без него, на парламентарните, ќе биде уште посилно поразена. Тоа не е порака што се кажува на гласачи меѓу два круга, ако веќе сте решиле да одите понатаму и покрај историски слабиот резултат и шлаканицата што е незапаметена. Да, може да бојкотира, дури видовме и такви повици од некои истакнати партиски ликови или луѓе кои гравитираат кон СДСМ, но што со тоа на подолг рок? Нема да може да се избере претседател. И? Тоа ќе значи само плус револт и плус гласачи за ВМРО ДПМНЕ за парламентарните, па можеби дури и толку посакуваните за нив – 61 пратеник. Зарем навистина СДСМ сака да го турне ДПМНЕ во ситуација кога уште повеќе ќе „растурат“ на парламентарните избори, макар по цена да немаат и да нема земјава претседател некој период? Нека им е со среќа, ако тоа им е стратегијата.

Што мислите за резултатот на останатите кандидати?

Исто така, очекуван. Анкетите во јавноста и тоа сите, дури и тие кои беа спорени, речиси целосно прецизно го најавија исходот. Се знаеше дека ЗНАМ ќе има бум, дека Левица е во пад, дека ДУИ води пред Вреди. Мислам дека се изненадени само тие кои упорно одбиваа да прифатат дека можеби во политичката игра не, но на денот на гласањето, и тоа како –  два и два неминовно се четири.

Доколку она што го видовме во средата се случи и на 8 мај, односно се преслика на парламентарните избори, многу е веројатно дека ќе има драстична разлика во бројот на пратеничките мандати. Но, македонската политичка пракса, а и политичката реалност, тешко може да се замисли без коалициска влада, што значи дека некои од партнерите ќе мора да прават компромиси со своите предизборни ветувања, особено со „неприфаќањето диктати“, од едната страна, и со „одбивањето коалиција без уставни измени“, од другата. Како предвидувате дека ќе се ускладат тие разлики?

Секоја коалиција се базира на компромиси. Некои непринципиелни. Ништо невидено. Сме сведочеле на ветувања од кампања кои биле веднаш прекршувани, бидејќи резултатите диктирале да се отстапи во името на „топлината на власта“. Зависи сето ова, се разбира, од конечните резултати. Една е позицијата на маса, кога преговарате со коалицискиот партнер, и имате 45 пратеници, а друга е кога имате 55. Едно е кога владата ви зависи само од тој партнер, друго е кога имате слобода да бирате. Во однос на самите уставни измени очекувам дека ќе има сериозни разговори и усогласувања на позициите што сега ги гледаме, и тоа од сите страни.

Што ќе значат овие избори за СДСМ? Може ли да му се случи она што им се случи на француските социјалисти по 2017-та година, кога од владејачка партија, се најдоа преку ноќ во ситуација речиси да ги снема од политичката сцена? Или на македонските социјалдемократи им оди на рака тоа што практично сите други политички партии во земјата застапуваат прилично изразени десничарски ставови, па електоратот наклонет кон европската левица нема друг избор освен, сепак да остане со она што колоквијално го нарекуваме „Бихаќка“?

Не знам, навистина не знам што ќе им се случи. Факт е дека ова е најслабиот резултат во историјата, но дури и да се преземе одговорност од актуелното лидерство, како што гледам дека некои повикуваат, што со тоа? Грешките се направени порано, одговорноста за ниедна од нив не била преземена на време, минусите се наталожени, и сега таа партија е во ситуација кога таман и целокупниот врв да поднесе оставка, и да дојдат некои нови, врвни политичари, ќе треба време, енергија, мудрост и сериозен политички талент за соземање, соочување со огледалото и рехабилитација. Овој резултат не е производ на една голема грешка, па да знаат точно што да поправат, збир е на константни лоши политики, во различни, а клучни области, заедно со – една за мене неразбирлива опсесија – да се направат непријатели од најприродните сојузници што една прогресивна политичка сила може да ги има: медиумите, експертите, невладините организации. Сите гласови кои беа критички кон нивната работа (по добри години на гледање низ прсти во име на големата слика) беа на „листа за отстрел“. Не брутално, како во време на Режимот, но преку бојкот, коментари на ботови по социјални мрежи, па дури и суптилни закани. Јас не го сфаќам тоа немање на капацитет да се чуе критика, ама не колку да се чуе, туку навистина да се нема проблем со тоа да се биде критикуван. Партијата памети многу пошироки лидери во таа смисла. Дека има гласачи кои се жедни за европска левица, неспорно. Но, дали ова СДСМ беше европско? Тие приказни тешко поминуваат надвор од партиските штабови, а богами – и внатре. Ќе мора да има сериозна реформа, за доброто не само на партијата, туку и на земјата, зашто не е здраво, и е опасно да нема сериозна и силна политичка сила која ги застапува тие принципи. Вистински.А, што ќе значат овие избори за Македонија? Веројатноста е голема дека ќе добиеме влада со доволна поддршка за стабилно функционирање, но како тоа ќе се одрази на нашата меѓународна позиција, особено на евроинтеграциите? Дали комоцијата што веројатно ќе ја има во Собранието, ќе кореспондира со комоција спрема пораките од Брисел, Вашингтон и од клучните европски метрополи?

Актуелната победничка во првиот круг го има афирмирано членството во НАТО како една од точките во нејзината програма, и покрај критиките кон документот што тоа го обезбеди – Преспанскиот договор, што е дефиниција за политичка несериозност. За ЕУ, ситуацијата не е толку чиста, и нивното политичко „лутање“ може да варира од една до друга позиција, трпи образложенија, и тука има многу елементи на маса, па нештата ќе станат појасни како што ќе се развиваат разговорите за коалиции. Ова, сепак, не е 2008-мата година, Македонија е денес полноправна членка на најмоќната Алијанса, нејзината меѓународна позиција е поинаква, и без оглед на тоа колку лично имам сомнежи за капацитетот на ВМРО ДПМНЕ во областа на надворешната политика, за кој мислам дека е далеку под просекот, најблаго кажано, не верувам дека ќе се дрзнат да го менуваат геостратешкиот курс на државата, за кој да потсетиме – и покрај сите премрежја, се залагаат мнозинството граѓани. ВМРО ДПМНЕ го нема тоа право, а и би биле исклучително глупави да тргнат по тој пат. Се разбира, опцијата нашите партии да изненадат со количината на разум во нивните потези никогаш не смее да ја отфрламе.

Што предвидувате дека ќе се случува на внатрешен план: судство, здравство, безбедност, човекови права и слободи, слобода на медиумите, корупција… На кои места ја гледате Македонија на релевантните светски листи за овие прашања (нагоре или надолу), и со какви оценки во извештаите на Европската унија, Стејт департментот и другите важни институции?

Е тука, за разлика од правецот на надворешната политика, за кој сепак има контролни линии и надвор од овие граници, не мислам дека можеме да сме мирни. Местата на тие листи не значат многу, она што значи е реалноста дома, а таа не гледам дека е поинаква за партијата што се токми да дојде на власт – клиентелизам, партизација, слаби или козметички реформи во судството, такви и во здравството и во образованието. Искуството налага да сме повеќе од претпазливи, па дури би рекла, и песимисти. Не зборувам овде само за нова евентуална влада на Мицкоски, туку на нова влада воопшто. Исто и за помалите партии, кои се тука, на овие избори. Концептот на дејствување е горе-долу сличен, и тоа ќе ви го кажат сите партиски извори, од сите страни. Ако по падот на Груевски, со целата таа поддршка и дома и надвор, не се успеа преку проста смена на власта да се направи вистински системски ресет, не гледам како тоа сега би се направило. За нешто такво ќе мора и другите општествени актери да излезат од комфорната зона на кукање, анализа и критика, и да покренуваат општествени акции, да притискаат, да се гласни и да се борат. Партиите сами од себе нема да пораснат и да речат: „доста беа три децении вака, ајде сега да пробаме малку скандинавски, греота се граѓаните“.

Постои ли област, политичка појава или барем идеја која Ви влева оптимизам за во наредните години?

Во таа насока ми е и последната мисла. Имаме здрави и силни медиумски производи и проекти, сериозна експертиза во невладиниот сектор, граѓани кои не се партиски членови, а разбираат дека политиката е преважна за да биде оставена само на партиите, кредибилни и истакнати професори, па ангажман од сите овие алки, секоја посебно и сите заедно, е она преку  коешто верувам дека промени се можни. Такви примери веќе и имаме, погледнете ја битката на Синдикатот на контролори на летање, чиј претседател Александар Тасевски е и активист на нашата граѓанска сила „Замисли“. Тие луѓе покажаа дека кога професионалците се обединети, кога поддршката и од граѓаните и од медиумите во битката за меритократија е тука, партиите немаат друга опција освен да отстапат. Тоа е она што ние преку нашиот активизам сакаме да го направиме. Да покажаме дека не ни треба партија, уште помалку функции, за да направиме промена. Ни треба обединет граѓански отпор, нешто што го заборавивме по Шарената револуција. Ни требаат анализи, ама ни треба и дејствување. Наскоро почнуваме една голема акција за реформа на процесот на вработување на доктори, па ќе стане појасно кој е начинот на битка за кој се залагаме.

Миодраг Мишолиќ