Проф. д-р Иван Додовски, годинешен добитник на наградата „Гоце Делчев“
На 4. мај, денот на смртта на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, ќе биде врачена годинешната награда, која го носи неговото име, а како најзначајното општествено признание од областа на науката, ја доделува Министерството за образование и наука. Меѓу добитниците се редовниот професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, д-р Иван Додовски, и англискиот професор Роберт Хадсон, кои заеднички ја приредија книгата „Долгата транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, а на англиски јазик (Macedonia’s Long Transition: From Independence to the Prespa Agreement and Beyond”) ја објави лондонската издавачка куќа „Палгрејв Мекмилан“. Делото беше промовирано во Македонија на 1 февруари годинава, кога покрај двајцата автори, како промотор говореше францускиот дипломат, амбасадорот Ален Ле Роа. По повод објавување на книгата и добивањето на наградата „Гоце Делчев“, разговаравме со професорот Додовски.
На почеток, претставете ни го накратко ко-приредувачот на книгата, историчарот и професор од Велика Британија, Роберт Хадсон. Каква е неговата поврзаност со Македонија, односно како се случи тој да влезе во овој проект?
Проф. Роберт Хадсон студирал руска и источноевропска историја на Универзитетот во Лондон. По дипломирањето добива стипендија од југословенската влада за постдипломски студии по српско-хрватски јазик и југословенска историја на Универзитетот во Сараево. Докторира на Универзитетот во Дарби, Англија во 2002 година на тема „Градење идентитет и конфликти“. Предавал на универзитети во Шпанија, Франција и во Англија, како професор по европски студии и историја, и како истражувач на современата француска историја. Меѓутоа, како што се развиваат војните во поранешна Југославија, тој постепено го менува својот истражувачки фокус, „преминувајќи го Рубикон“ за да предава и објавува за прашања поврзани со Југославија и европската културна политика. На Универзитетот во Дарби ја основа Истражувачката група за идентитет, конфликти и претставување (ICR), која подоцна прераснува во Истражувачки центар со кој раководи до 2015 година. За редовен професор е избран во 2010 година, а на Божиќ 2020 година прогласен е за професор емеритус. Во 1995 година тој станува Жан Моне научник на Европската унија, а во 1996 година член на Кралското друштво на уметностите. Во 2005 година, Роберт Хадсон е одликуван од Универзитетот во Дарби со академски сертификат за извонредност во науката. Покрај тоа што има познавања за регионот на Балканот, повеќе од една деценија проф. Роберт Хадсон особено се занимава со најновата историја на Македонија. Тој соработува со Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) од 2012 година, прво како член на одборот на Годишната меѓународна конференција за европска интеграција организирана од УАКС, при што уредил осум зборници со научни трудови објавени на англиски јазик, а потоа и како визитинг професор по неколку предмети. Од 2016 година член е на Меѓународниот академски совет на УАКС, нудејќи советодавна помош за прашања поврзани со стратешкиот развој на УАКС, дизајнирање на наставни програми, меѓународни партнерства и соработка со меѓународни институции. Имајќи ги предвид неговите бројни достигнувања со кои има дадено посебен придонес за развојот на научната мисла и образованието, како и неговите долгогодишни и исклучителни напори за истражување на македонска историја и за афирмација на Македонија, Универзитетскиот сенат на УАКС во 2022 година на проф. д-р Роберт Хадсон му ја додели титулата почесен професор (profesor honoris causa). Покрај академската кариера, во втората половина на 1990-тите години служел и во шест мисии на Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во Србија (Белград, Зајечар и Неготин), Хрватска (Загреб), Босна и Херцеговина (Сараево и Требиње) и на Косово (Призрен), што му овозможува непроценливо искуство и увид во постконфликтните околности на кои ќе им посвети внимание во неговите истражувања и во наставата. Севкупно, професорот Роберт Хадсон објавил над сто публикации, вклучувајќи 16 приредени и коавторски книги. Меѓу нив се истакнуваат публикациите „Политика на идентитетот“ („Палгрејв“, 2000, уредена заедно со Фред Рено), „Земја и идентитет“ („Родопи“, 2012) и „Афективни предели“ („Ешгејт“, 2015), обете уредени од Роберт Хадсон, професорот Нил Кембел и д-р Кристин Берберих. По негова публикација „По Југославија“ („Палгрејв“, 2012), во 2023 година кај издавачот „Палгрејв“ излезе книгата „Долгата транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, која ја уредивме заедно и која беше удостоена со високата државна награда „Гоце Делчев“ за исклучителни научни достигнувања.
Насловот на делото е мошне јасен – „Долгата транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, но има една работа која го прави и специфичен, а тоа е „Преспанскиот договор“. Зошто е избран баш тој момент и колку договорот со Грција влијае(ше) врз македонската транзиција? Немаше ли да биде исто ако во насловот стоеше: „…од независноста до денес“?
Првичната идеја за книгата беше да се опфати тридеценискиот развој на Македонија како самостојна држава. На почетокот на тој период стои историскиот чин на прогласување независност, а третата деценија е обележана со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година и влезот во НАТО во 2020 година. Ниту една сериозна научна расправа не може да го изостави фактот дека потпишувањето на Преспанскиот договор е пресвртен настан, бидејќи доведе до болна промена на името на земјата, но едновремено и до решавање на еден проблем што предолго го оптоваруваше нејзиниот развој. Меѓу споменатите две клучни точки, се разбира, стои и Охридскиот договор, кој донесе нова дефиниција на државноста и до промени во политичкиот систем. Да споменам и дека веќе беа готови десет поглавја од книгата кога се чинеше дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, конечно, се овозможил брз пробив во европската интеграција на земјата. Но, се случи бугарското вето. Тоа наложи да го прошириме и фокусот, односно да додадеме едно поглавје за проблемот што останува нерешен. Затоа и во насловот на книгата стои зборот „и потоа“, а напишавме и поговор во кој се нотирани најновите околности произлезени од усвојувањето на т.н. „француски предлог“ за решавање на блокадата од Бугарија.
Станува збор за амбициозен научен потфат, во кој, покрај вашите, се вклучени текстови на девет реномирани македонски научници и интелектуалци. Како дојдовте на идеја за книгата и како течеше процесот на селекција на материјалите што ги поместивте во неа?
Предлогот беше на проф. Роберт Хадсон, кој дојде како одговор на едно излагањето на тогашниот наш колега проф. Стево Пендаровски на научна конференција организирана од Универзитетот Американ Колеџ Скопје на 4 декември 2014 година во Министерството за надворешни работи. Имено, Пендаровски зборуваше за изборниот авторитаризам на крајот од транзицијата на Западен Балкан. Во преписката што ја имавме со професор Хадсон, се отвори прашањето: зошто Македонија има подолга транзиција во споредба со други пост-социјалистички земји од Источна и Централна Европа. Така, се дојде до заклучокот дека, всушност, нема посебна студија која би дала актуелни одговори на прашањата за развојот на Македонија. Идејата да составиме таква книга зрееше две години. Притоа, сакавме да направиме книга што ќе им даде глас на македонските научници наместо, како што е тоа обично случај, колеги од странски универзитети да пишуваат за македонските работи. Така се роди оваа книга. Освен проф. Роберт Хадсон, кој како автор и ко-уредник дава историски пресек на најзначајните настани во изминатите три децении и заедно со мене го потпишува воведот и поговорот, другите поглавја се напишани од автори од неколку македонски универзитети, кои се докажани авторитети во своите научни дисциплини. Проф. Хадсон и јас имавме одлична соработка со сите колеги, и би сакал во оваа прилика да ги споменам по име сите соработници, според редоследот на нивните поглавја во книгата: Стево Пендаровски, Жидас Даскаловски, Марјан Петрески, Хирије Абази-Алили, Ненад Марковиќ, Блерим Река, Марина Андева, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Огнен Вангелов. Нека не звучи нескромно ако речам дека ова издание овозможува гласот на македонската наука да се слушне рамноправно во научните дебати за општествените процеси во посткомунистичкиот период во југоисточна Европа, а особено во поглед на објективното претставување на спецификите на македонскиот случај на демократска транзиција.
Транзицијата во Македонија е тема со која живееме повеќе од три децении. Вие ја обработувате од повеќе аспекти: безбедносен, економски, спорот со името, приватизацијата, демократските процеси, евроатланските интеграции, проектот „Скопје 2014“, бугарското непризнавање на македонскиот јазик, идентитетските прашања во некои книжевни и драмски дела… Од сѐ што осознавте работејќи на книгата, дојдовте ли до заклучок во кои области македонската долга транзиција оди многу бавно, и дали тоа е направено свесно (таа бавност), а во кои се движи со позабрзано темпо?
Мислам дека прашањето треба да се разгледува не само од аспект на темпото, туку и на квалитетот на промените што се прават. На пример, две поглавја во книгата ги анализираат ефектите во економијата и се изнесува заклучок, на пример, дека една релативно брза приватизација довела до тешки последици. Во друго поглавје се констатира дека и покрај брзото воспоставување на политички плурализам, отсуството на внатрепартиска демократија и негувањето култ на лидерот генерира општ модел на клиентелизам што ја подрива довербата во институтициите, а политичкиот процес го изместува кон неуставни, идиосинкратски форми на преговарање во кои до израз доаѓаат таканаречените етнички претприемачи. Во книгата се разгледува и проблемот на идентитетските политики и „заробената држава“. И темпото и ефектите, во крајна линија, зависеле од политичките раководства, од нивната мудрост или неспособност да донесат правилни одлуки. Се разбира, кога станува збор за случајот на долгата македонска транзиција, не треба да се потцени и влијанието на надворешните фактори, пред сѐ, отворениот и груб притисок од некои соседни земји. Сепак, во една долгорочна историска перспектива, може да се рече дека самиот чин на формирање независна македонска држава е успех пар-екселанс! Тој капацитет на државотворност, кој се темели и на АСНОМ и на напорите на претходните генерации, не смее да се потцени. Впрочем, науката вели дека во светот постојат околу пет до шест илјади народи со своја етничка и културна посебност, а само 193 формирале држава призната во меѓународниот поредок како членка на Организацијата на Обединетите нации. Едновремено, оваа привилегија значи дека имаме и голема историска одговорност за иднината.
Верувате дека во догледна иднина ќе може да речеме: „конечно ја завршивме транзицијата, барем онаква каква што ја знаеме досега“?
Транзитологијата од почетокот на 1990-тите во голема мера ги толкуваше појавите понесена од идејата за западната либерална демократија како „крај на историјата“, односно како последна политичка и економска форма на човековата општествена еволуција. Се веруваше дека земјите од Источна и Југоисточна Европа ќе транзитираат од еднопратиски систем кон демократски плурализам, и од државно планирана кон пазарна економија, а крајот на тој процес, практично, ќе биде означен кога земјите ќе станат членки на НАТО и на Европската унија. Во таа смисла, македонскиот евроатлантски проект останува незавршен. Во меѓувреме, самиот концепт на транзиција доживеа нови толкувања не само во поглед на критиката на „крајот на историјата“, туку и поради новите појави на демократско назадување и хибридно владеење. Сепак, за нас е побитно да разбереме дека крајот на долгата транзиција на Македонија не треба нужно да се врзува за некој датум, туку за посакуваниот и остварен квалитет на нашиот живот во слободна, демократска и суверена држава.
Книгата е објавена на англиски јазик, од лондонската издавачка куќа „Палгрејв Мекмилан“. Каков е интересот за неа во научните кругови надвор од Македонија?
Самиот факт дека еден угледен академски издавач од Лондон ја објавува оваа студија за Македонија е голем успех, бидејќи, како што веќе реков, не се бројни публикациите што се занимаваат со „македонските работи“. За нив поретко се пишува, можеби ќе се појави одвреме-навреме по едно поглавје во зборници од областа на балканските или постконфликтните проучувања. Верувам дека со оваа книга се пополнува една празнина, особено во англофонскиот научен свет. Како што, на пример, истакнува Мартин Ради, рецензент на ова издание и Масарик професор емеритус од Унверзитетскиот колеџ во Лондон, оваа книга е „особено значаен и навремен придонес што сигурно ќе има влијание врз проучувањата на Балканот, новата Источна Европа и посткомунизмот“.
Вие сте професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ во Скопје. Покрај тоа имате објавувано поезија и проза, Вашите песни се преведувани на повеќе јазици, а одреден број луѓе Ве паметат и како автор на одлични театарски рецензии. Како ја оценувате состојбата, односно уметничките домети, на македонската литература, театарот, па и културата во целост, во овој период на долга транзиција?
Прашањето е важно и заслужува посебен разговор. Дозволете ми во оваа прилика да кажам само неколку збора. Со општествените промени на почетокот од 1990-тите се изгуби и статусот на влијание што го имаа македонските писатели и уметници. Македонската книжевност е витална, може дури и да се рече дека има релативно голема продукција. Секако, достигнувања има и во македонскиот театар. Но, општо речено, улогата на творештвото е потценета. Во изминатите три децении владеат елити со скромни интелектуални хоризонти, движени во голема мера од алчност и од ниски побуди. Тие не ја разбираат и не сакаат да ја негуваат меката моќ на културата. Врските на соработка, емпатија, солидарност, размена, критичко промислување и плодотворен дијалог им се туѓи. А тие вредности се неопходниот капитал за градење кохезија и за обезбедување напредок на едно општество. Затоа имаме и алармантно ниско ниво на политичка култура, а тоа, пак, го продолжува ефектот на транзициска стагнација. Нам ни е потребна еманципација на духот и творечки пробив за да ѝ ставиме крај на мачната транзиција. Нема слобода и демократија без творештво.
Миодраг Мишолиќ