РЕОБЈАВА
Единствен жив актер со одиграни 240 улоги во кариерата, со децении стожерен носител на репертоарот во кумановскиот театар, човек кој ја внесува искреноста и професионалноста во актерството, но и во неговата втора љубов – сликарството. Добитник на Ноемвриска награда за животно дело на град Куманово во 2004 година, носител на безброј награди и признанија. Душа на „Сценскиот лабораториум, автор на „Театарот на поезијата“, режисер, сценограф, Костимограф, со горлива желба да создаде Teaтap за деца.
На 15 август 2014 година ќе се навршат 50 години како овој извонреден уметник и голем човек, сестрано талентиран, живее во нашиот град: Патрокле, Јоже Малек во „Мојот татко социјалистички кулак“, Баба Мулон, Слепиот Петко во „Ленче Кумановче“, вечниот Митке, Ќо во „Измамници“, Ангеле во „Лет во место“ Тин Ујевиќ, Вилер во легендарната „Партија реми“, дуо -драма од пулицеровецот Дин Ли Кобурн, која брилијантно ја одиграа со колешката Љубица Гојковиќ.
Роден е 1940 година, потекнува од Битола од семејство со шест деца – петмина браќа и една сестра, а целото негово големо семејство и денеска живее во родниот град, освен Илија, кој својата судбина ја пронајде и ја оствари токму во Куманово.
„Уште во гимназиските денови имав силен афинитет кон театарот, ме примија во штотуку основаната Младинска театарска сцена во Битола и првата улога ми беше Ренц во „Шарената топка“ од Игор Торкар. За четирите години во овој Младински театар одиграв многу ролји. По враќање од армијата, затекнав променета атмосфера, настаната по смртта на директорот Душко Наумовски, и тогаш судбината се замеша – легендарниот Ацо Ѓорчев ме убеди да дојдам да работам во Куманово. Во 1964 година дојдовме заедно со сопругата Цветанка која се вработи како медицинска сестра. Тука го добивме синот Нино, имаме внука Теодора која е гимназијалка и веќе седум години сум во пензија.“
Прва улога во кумановскиот театар му е јапонскиот шпион Фурукаши во „Дождовите на професорот Ное“. „Лајтмотив на нашата работа во театарот беше -дисциплина, ентузијазам, ред, тимска работа. Без зависти и ситни страсти, па ние актерите со по 7-8 премиери во сезоната, со по 100 претстави дадени од почеток на сезоната па до 8-ми март, повеќе време поминуваваме едни со други, отколку со семејствата. Театарот ни беше дом, колегите – семејство. 3атоа и имаше такви резултати: Кумановскиот театар со децении го носеше епитетот најуспешен и најплоден!“
За професионалната, беспрекорна и самопрегорна работа следуваа и награди и признанија: 1976 година – прва награда на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ за улогата на директорот во „Сојка“ – во режија на Владимир Милчин. Во 1978 – награда за Патрокле во „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев, во режија на Борко Зафировски, како и 7-8 номинации за најдобар актер.
Театарот е ексклузивност
Во 1982 година се формираше Театарот на поезијата, (каде се одиграа „Кога патникот доаѓа“ од Методи Петровски и „Тин Ујевиќ“) кој опстојуваше до 1989 година. „Оттогаш работите во кумановскиот театар нагло тргнаа надолу. Особено по оној премногу болен настан – затворање на театарот во 1989, кој резултираше од последователни погрешни потези и одлуки на група луѓе на кои тоа нека им стои како грда дамка во кариерите. Денес, гледајќи ги актуелните состојби, не ми е јасно дали Домот на култура е театар или Театарот е Дом на култура, не ми јасно кој голем ум измеша такви две неспоиви работи: Резултатот е поразителен – театарот да се меша со дејности со кои не смее да се меша, да се нема долготрочна политика на репертоарот. Театарот е ЕКСКЛУЗИВНОСТ и треба да опстои таков – совршено доволен самиот на себе, сето друго е сквернавење.“
Со сликарството,негова втора љубов на која и е верен до денешен ден, го зарази неговиот брат, сликарот Ранко Струмениковски. На 7 фебруари оваа година имаше најнова самостојна изложба во НУЦК „Трајко Прокопиев“, како и во Битола на 31 март, во Ликовниот салон. Како што велат ликовните критичари: „Тој е сликар кој слика затоа што има што да каже и ја осведочува својата мисловност, душевност и мечтателност, својата интима преку мешање на естетички вредности, кој многу успешно го говори јазикот на сликарството.“
„Додека ме држи здравјето, ќе се борам во периодов кога културната и театарска мисла апстинира, да оформам еден детски театар, кој е мојот сон. Можеби половина од моите остварени улоги се за деца, за таа публика која е најмеродавна и која не може да се излаже. Детето е репер за играта на актерот, детскиот џагор – инспирација. Во меѓувреме, ќе сликам, ќе читам, ќе се дружам со пријателите и ќе уживам во љубовта на својата прескапа внучка.
Објавено на 13 декември 2013