Почетна ГОСТИНСКА СОБА Здравко ме придоби со некоја интересна игра, Бебек ме носеше на раце...

Здравко ме придоби со некоја интересна игра, Бебек ме носеше на раце до сцената во СРЦ Кале, ѝ бев „фризерка“ на Дорис, а Јосипа Лисац самата направи карти за да играме во автобус

Милица Џаровска, за контактите со најголемите музички ѕвезди, со кои соработуваше татко ѝ.

Татко и ќерка

Малкумина имале контакти со најголемите ѕвезди на југословенската музичка сцена, и ги виделе во нивното приватно издание, како Милица Џаровска. Нејзиниот неодамна починат татко, Велибор Џаровски им организираше концерти на речиси сите кои значеа нешто на естрадата во поранешната држава, а најголемиот дел од нив поминале и низ нивниот дом во скопската населба Ѓорче Петров. Како вид на омаж за легендарниот Џаро, ја замоливме Милица да присети на некои од најинтересните моменти од комуникацијата со тие луѓе.

 

ПРВА СРЕДБА

Првата средба со Здравко Чолиќ ми е бледа, но знам дека не го сакав воопшто. Моја „прва љубов“ е Сеид Мемиќ Вајта. Го следев Вајта на цела летна турнеја по Јадранот, и го знаев напамет распоредот на песните. На Здравко му велев дека е вештачки, зашто во живо ми бил различен од некои плакати на кои косата му беше сребренкаста од ефектот на чад. Здравко играше Камај со братучед ми Стојан во дворот кај баба ни, а јас го бркав: „Спиј кај баба ми, не смееш кај нас“. Со некоја негова интересна игра ме придоби, и потоа остана број еден за мене.

Една од првите средби со Дорис Драговиќ ми беше интересна. Ме покани во хотелот Континентал, каде што беше сместена да ѝ помогнам да ја среди косата пред гостување во ТВ Скопје. Бев трето или четвртто одделение, и летав од радост што бев „фризерка на Дорис“. Всушност, само ѝ ја чешлав косата, ама тоа беше многу значајно за мене.

Luxury Catering Service

СРЦ Кале, концерт на Бијело дугме, осумдесет и некоја. Мене во раце ме носи Жељко Бебек, другарка ми Кристина, ќерката на Кире „Кристијан“ ја носи  Горан Бреговиќ. Истрчуваат на сцената со нас, и така почнува концертот. Тоа ми е првиот допир со мое Дугме.

Мишо Ковач, викендичката во Трибуњ кај Шибеник, ние цел ден на плажа, навечер кај нив на пршута и пица. А, спиевме сите, двете семејства, на душеци на подот. Во таа година ја купија куќата, и уште ја средуваа, па немаше место за сите. Важното е дека ние им бевме првите гости.

НАЈСИЛНО СЕЌАВАЊЕ

Здравко Чолиќ отсекогаш бил најголем човек од сите, ЉУДИНА што би рекле во поранешната држава. Остана искрен другар на Џаро и на нашето семејство, и кога татко ми не беше менаџерски активен, и кога беше здрав и активен, и кога беше болен, а и кога почина. Чоки, или „пјевач“ како што Џаро го викаше, направи голем гест дента кога го загубивме татко ми.

Во 2011 година, Џаро организираше нешто како повратнички концерт, наречен „Четири аса, дама и џокер“. Никогаш нема да му заборавам на Бреговиќ, бидејќи дојде од Белград, и свиреше без хонорар. Смешно беше го донесе пријател на Џаро, чичко Тома, кој тогаш возеше Голф, кој не беше во добра состоојба. Тома подоцна ни кажа дека се молел цело време да не ги остави колата среде пат. Важно му беше да стасаат во Скопје, а за назад не размислуваше, само да се истера концертот.

Малата Милица со братучедот Стојан, и со Горан Бреговиќ и Зоран Реџиќ од Бијело дугме

Мики Јевремовиќ, исто така пееше на тој концерт. Прекрасен, топол човек. И нашата Калиопи. Калиопи и Ромео секогаш правеа промоција на новите песни кај нас дома, пред било кој друг да ги слушне. Ако Џаро кажеше дека е тоа тоа, песната ќе станеше хит. Многу се почитуваа. Влатко Илиевски, мојот другар Влатче, настапи на концертот заедно со Брега. Супер звучеа заедно, а не вежбаа ни минута. Мило ми е сега кога ги гледам тие снимки.

Ја обожавав Дорис Драговиќ како дете. По Евровизија со „Жељо моја“ наполни седум Универзални сали. Седејќи кај нас дома, во станот во Ѓорче, ме праша дали имам видео рекордер. Бев четврто одделение и ѝ реков дека немам. Му се сврте на Џаро и го искара: „Срамота, детето да нема видео! Последниот концерт ќе го работам гратис, на Милица да ѝ се купи видео“. Ете, тоа е Дорис, а таа JVS „кутија“ на која ги снимив првите спотови од Ем-Ти-Ви, уште ја чуваме.

Мишо Ковач, Анита, Ивана и покоен Еди. Уште ми се тазе сеќавањата кога ќе се вратевме доцна од некој концерт некаде во Македонија, а тие не сакаа во хотел, туку спиеја кај нас. Мајка ми ќе направеше нешто набрзина, нејзината необична, но вкусна комбинација од кременадли и јуфки или макарони и до доцна во ноќта се правеа планови утредента да се оди до Солун. Мишо и Анита многу сакаа на шопинг во Грција. Како најголем фан на групата Црвена јабука, при една заедничка Нова година во Сараево, ја „заразив“ Ивана, ќерката на Мишо, и таа да ја засака мојата група. Го убедив татко ми да ја организира таа Нова година во Сараево, последна пред војната, за да се запознаам со Жера и екипата.

Едно супер летување паметам со Лепа Брена, во Дубровник. Џаро таа година сакаше да ја омажи лажно. Измисли афера дека е пред мажење со Црногорецот Ратко Ѓокиќ, со цел него да го направи популарен. И успеа во тоа. Бев мала, ама знаев дека треба да ја чувам и таа тајна.

Џаро сакаше лажно да ја омажи Лепа Брена

Маја Оџаклиевска е царица. Уште ми е сликата пред очи, на плажа на Свети Стефан во Црна Гора – таа ја подојува Теа, која тогаш имаше девет месеци, јас ја чувам да не се разбуди, а Маја танцува на песокот.

Драган Мијалковски, прекрасен и топол човек. Дојде кај нас дома да ме учи да свирам гитара. Првите акорди ги учев од него, ама гитара никогаш не научив да свирам поради мојата тинејџерска неажурност. Ми рече: „Да свириш, дури и ако те болат прстите. И крв ако ти потече, не се откажувај“. Не го послушав, за жал, а гитара ми беше втор инструмент во средно музичко. Главно, татко ми се потруди да ми донесе вистински учител.

Кога бев мала, на некоја заедничка турнеја на Јосипа Лисац и Мики Јевремовиќ што ја правеше татко ми, не знам во кој град во Србија, Јосипа ме викна да пееме заедно. Пред цела публика, среде концерт ме најави, и рече: „Со мојата другарка заедно ќе ја пееме ’Магла’“. Тргна аплауз, тргнав и јас накај бина, арно ама се засрамив и се вратив кај мајка ми. На таа турнеја ѝ бев приврзок на Јосипа. Седев до неа во автобуси за да ме занимава. Направи карти од хартија од чоколадо, и игравме додека се возевме.

По еден Сплитски фестивал, на Рива во Сплит го сретнавме Златко Пејаковиќ, кој претходната вечер победи на фестивалот. Знам дека многу ги засрамив моите родители кога на Пејаковиќ му реков: „Ти не требаше да победиш, требаше Оливер, тој е подобар од тебе“.

КОМУНИКАЦИЈА ДЕНЕС

Денес сме во контакт со Здравко, со Бреговиќ, со Мишо, преку ќерка му Ивана, со Ален Исламовиќ… Со социјалните мрежи е полесно, ама ништо не може да го замени стариот црн тефтер на Џаро, во кој беа сите фиксни броеви. Кога не беше дома, многу сериозно ја сфаќав задачата секоја порака од соработниците (кога ќе се јавеа на фиксен) точно да ја запишам и брзо да ја пренесам.

Миодраг Мишолиќ