Почетна НЕШТО УБАВО НЕШТО УБАВО Игротека „Пикабу“

НЕШТО УБАВО
Игротека „Пикабу“

Постои место во кое се верува дека роденденот на секое дете треба да биде исполнет со смеа, радост и незаборавни спомени. Тоа место е плод на една извонредна идеја што се роди пред неколку години, а која младиот брачен пар Александра и Стефан со многу љубов и посветеност ја реализираше токму во Куманово, креирајќи мало царство во кое сé што треба да направите е да ја пуштите фантазијата на вашите малечки! „Пикабу“ е игротека, во која штом влезете, забележувате колку добра одлука сте донеле за најрадосниот ден на вашето дете – роденденот.

Разновидната палета од пастелни бои, украсени со адекватни илустрации за поттикнување на креативност, катчињата за играње и авантуристичко истражување, масите за прослава и пријатните адаптирани звуци за вистинска забава – го прават целиот простор обвиткан со роденденска екстраваганција. Тоа, впрочем, е и најголемата желба на Александра и Стефан, да измамат насмевки и задоволство после секој роденден, најпрвин на славеникот и неговите другари, а потоа и на родителите. „Пикабу“ е како мала земја на чудата. Во секое дете се крие по некој уметник или научник, а тие вештини се ослободуваат од нив преку практичните работилници за творештво кое поттикнува тимска работа, логично размислување и трудољубивост. Интерактивните активности во „Пикабу“ инспирираат учење и креативност во една разиграна и здрава детска средина.

Се разбира дека безбедноста на вашето дете е нивен главен приоритет. Игротеката е внимателно одржувана и надгледувана од сопствениците и нивниот тим, за да обезбеди безгрижно искуство за родителите и бескрајна забава за децата. Талентот на Александра за анимирање на деца е неверојатен. Таа едноставно знае како да ја одржи забавата интересна, а не како на школски час само во првите десетина минути. Секој детал од еден роденден е одлично испланиран. Се внимава на украсување, на раскажување, на омилените игри спрема возраста, на динамиката на боење или влечење јаже, детски тетоважи, караоке настапи.

Luxury Catering Service

А, за да ги остварите роденденските соништа на вашето дете, препуштајќи им го целокупното планирање на забавата на искусните луѓе од „Пикабу“, може да уживате со вашите гости во вкусниот кетеринг и најубавите торти кои се нудат како врв на специјалната понуда за специјалниот ден како што е еден роденден.

Моќта на имагинацијата е чудна работа. Стефан го доловил тој имагинативен момент на својата сопруга и заедно направиле преубаво место во кое секој мал славеник навистина е во центар на вниманието за својот посебен ден. За тој момент да биде остварлив, сигурно им помогнал и процесот на воспитување на нивните три дечиња. Всушност, најдобрите авантури се оние што ги споделуваме со оние што ги сакаме! Од еден навидум обичен сон, игротеката така постана концепт на автономна територија за радосни деца.

Никој поубаво од децата не може да препознае емоција, ниту да ја опише. Убавината на детската слобода е во тоа што децата немаат некоја огромна цел. Тие само сакаат да јадат, спијат и да си играат. Големите цели ги расипуваат возрасните, а Александра и Стефан знаат дека кога нема големи цели, малите нешта постануваат особено важни. Токму затоа ја создадоа игротеката „Пикабу“, на бул. III МУБ, под некогашниот ресторан „Рим-Париз“.

За крајот на секој роденден мошне оригинално и со огромна љубов осмислија и подарок за роденденците – слика од дрво чии гранки другарите кои му биле гости ги бојат со своите прстиња, правејќи ги најживописните лисја како симбол на љубов и грижа кон природата. Досетливо и незаборавно доживување за секое дете кое сака да се поистовети со некој лик од бајките.

Александра и Стефан, со вашето залагање го направивте детскиот свет во секоја смисла порадосен! Ви благодариме!

Р.П.