Во громогласното срце на нашиот град лежи братство создадено од хром и гром, собрание на бунтовници облечени во кожа со кауза, позната надалеку како „Мечки“. Овие патни воини не возат само поради возбудата; тие ги вртат своите мотори за цел што ги тресе самите темели на нашата заедница.
Водени од нивните бестрашни капитени, Мечките како современи витези, живеат според кредото на слободата, бунтот и сочувството. Тие ја издлабија својата легенда во 2008 година, не само на асфалтот, туку и во срцата на оние што ги допреле преку нивната неуморна посветеност во добротворни цели. Витезите се помеѓу нас сето ова време, но колку сме ние, всушност, свесни за нивното постоење? Игор Тимчевски, Јакимовски Стојан Џое, Виктор Стаменковски Бате Харли…се само дел од приказната за тркала со душа, онаму каде што татнежот на мотоциклите е само рели крик за заборавените. Кога повикот на должноста одекнува низ улиците, Мечките не се двоумат да одговорат, нивните мотори рикаат како симфонија на пркос.
2010 година слободно можеме да ја прогласиме како година на експанзија на бајкерската суб-култура. Мечките не сакаат да се наметнат како општествено одговорни чинители. Додуша, во турбулентното, секогаш транзициско време за бившите југословенски републики, зарем некој помислуваше на импактот од Вудсток и адреналинот од рок фестивали? Никој и не очекуваше моторџиите да ги видиме во хумана мисија, особено како Дедо Мраз на мотор, како носат подароци за штитениците на Дневниот центар на лица со попреченост, а камоли да постанат симбол на радост и дарување во време кога надворешниот имиџ поминува низ строго и неправедно жири на глобално унифицираната младина која се облекува во хеланки и Баленсијага педеруши, возејќи тротинети. Мото Клуб Мечки не дозволи нивната стереотипна „груба“ надворешност да ги измами граѓаните; под слоевите кожа докажаа дека чукаат златни срца. Овие т.н. отпадници се архитекти на надежта, снабдувачи на радост и чувари на обесправените. Започнаа со мото собири, каде што со своите, најпрвин збратимени, а подоцна и браќа, организираа дружби што прераснаа во хуманитарни возења кои се протегаат со километри среќа, за да го достигнат нивото на домаќини на мото фестивали кои ја тресат земјата со моќта на рокенролот, што се разбира, не е мртов.
На првата бина, во форма на приколка, од 2010 година, ја претставија својата ѕвезда водилка – нивните сограѓани и почитувани гости да се забавуваат, а оние на кои најмногу им е потребна помош, да ја добијат во вистинско време. Освен длабока мотивација, за сé во животот е потребна и среќа. Така, од Euro Biker Charity Organization ја препознаа енергијата за соработка и веќе во 2013 година се создаде клима за поголеми потфати на клубот, за да во 2014 г., станат членови на оваа престижна организација која ќе се покаже како партнер во спроведување на идеите за хуманост и сплотеност.
Делата, а не зборовите, на Мото Клуб Мечки од Куманово се легендарни како и нивните возења, со секој хуманитарен настан тие претставуваат доказ за нивната непоколеблива посветеност да направат разлика во есенцијата на нашето битисување. Дали се работи за собирање средства за детски болници, центри за попреченост, за донација во домови за стари и изнемоштени лица или за хранење на бездомниците, Мечките се возат со цел, оставајќи трага на добра волја зад себе. Од 2014 г., откога се активни членови на Euro Biker Charity Organization, имаат обезбедено донација и со шлепери имаат организирано транспорт на медицинска опрема за градската ни болница, Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и имаат обезбедено донација за основното училиште „Бајрам Шабани“, опрема која што и ден денес е функционална или за која допрва треба да се обучуваат кадри за нивната примена. Редакцијата на Плоштад не може да остане рамнодушна и да не се/ве запраша, каде се хидро кадите за масажа и релаксација на пациенти, набавена токму од нашите херои моторџии? Зарем е потребно да се потсетуваме одново на благородните цели и трудот што некој го вложил во нивниот пренос преку граница, царински формалности и административни баналности? Колку милионери, впрочем, има во Куманово? Кој навистина, без да биде поттурнат од некого, пружил рака и рекол: „И сас мечке ќе се боримо ако треба, само да помогнемо куде највише треба!“. Колку би било невкусно да кажеме, секоја чест на исклучоците. Дали секој од нас е исклучок, тоа е вистинското прашање.
Ги гледам не помалку ентузијастично од нивната примарна цел и си мислам: влијанието на Мечките се протега многу подалеку од добротворното коло; тие се исто така чукање на срцето на нашата локална мото заедница, вдишувајќи живот во секој настан што го допираат. Од 2019 г., кога е во зародиш нивната идеја за мото фестивал кај спортската сала, од сосема спонтан мото собир, со нивното громогласно присуство и рокенрол духот, тие ги трансформираат секојдневните собири во наелектризирани спектакли кои оставаат отворени вилици и кренати духови. Се сеќавам на силниот ветер кој го занесе падобранецот дури до т.н. Бејтови ниви, но кој со својот елан направи многу повеќе забавата да доживее кулминација за разлика од ловориките што неуморно си ги препишуваат сите локални власти на овој свет кога ќе кажат гордо: „видесте ли, ветар што га пуштисмо за падобранца беше од нашу партију…летке ги пуштисмо ми…а, ми смо неприкосновени…“
Ќе останеме недоречени за време на опасниот вирус Корона и за сите афоризмични фестивалски прикажувања. Зашто, следниот пат, а тоа е многу скоро, кога ќе го слушнете татнежот на моторите во далечина, знајте дека тоа не е само звук на бунт – тоа е звук на надеж, сочувство и заедница, кои одекнуваат низ улиците на Куманово и регионот, благодарение на единствените, згодните, посветените, чувствителните, одговорните активни членови на Мото Клуб Мечки, кои се многу повеќе од Зизи Топ, студено пиво и девојки во скинати хулахопки, качени на Харли, со две коцки мраз во “Four roses” – тоа ќе биде спектак’л што ќе одекне подалеку од Вардар до Триглав и подалеку од Јадранско до Црно море – ќе биде мото фестивал од најпосетените и најценетите – ќе биде поостро од Тенеси виски, за да си останеме блиски! Програмата е внимателно направена, забавата е неизбежна, на веќе познатата локација – спортски аеродром Аџитепе, од 7 до 9 јуни 2024 година. Мото Клуб Мечки, зашто славењето на животот не треба да има никакви пречки!
Останете во тек со сите придружни настани за и околу нашите херои – Мото Клуб Мечки – на Плоштад, ексклузивните покровители на Мото Фест Мечки 2024.