Почетна АрХефакти Репортерски запис: Безвремените богатства на библиска Македонија

Репортерски запис: Безвремените богатства на библиска Македонија

Древни археолошки наоди, цркви, манастири…..

Наод на милениумот – Адам од Говрлево

Македонија земјата со корени од древнина  која и во Библијата е запишана, изобилува со неброени бесценети, природни, археолошки, културни, историски и духовни богатства, кои се и најверниот и непобитен показ и доказ, дека родната наша  земја и Македонците од нејзиното  поднебје,  постојат долго,  со милениуми.

Расшетувајќи се од исток кон запад, од север кон југот македонски, ќе направиме кус опис само на дел од тоа богато наследство прикажано и докажано, пренесувано и зачувано во многу документи, записи, книги, филмови, во легенди и преданија.

Но, еве, да почнеме од археолошкото откритие наречено „наод на милениумот“, а тоа е Адам од Говрлево. Станува збор за машка фигурина во седечка положба, изработена од керамика во 5478-та година пне. Значи, е стара над 7000 години, и е вброена во десетте светски највредни археолошки откритија од овој вид. Во локалитетот кај селото Говрлево оддалечено 15-тина километри од Скопје, се пронајдени и голем број предмети како фигурата наречена Големата мајка, па садови од керамика, печка за леб, орудије, накит и др.

Одиме натаму кон раскошниот кумановски крај, искачувајќи се до Кокино, кое се наоѓа на таа Света планина, таму, каде што во дамнина, се одвивале древни ритуали и се следело движењето на сонцето и месечината. Тука е мегалитската – камената опсерваторија Кокино, дело на природата и човековата креација.

Luxury Catering Service
Кокино, планина од карпи, место каде што се среќаваат земјата и небото и каде што престојуваат боговите.

Не случајно, Американската вселенска агенција НАСА Кокино ја рангира по вредност на четвртото место, меѓу 15-те најстари камени опсерватории во светот. Датира од 1800-тата година п.не, односно, од раното бронзено време. Се наоѓа на планина од карпи, а токму таму предците ја означувале рамноденицата, и планината била доживувана како место каде што се среќаваат земјата и небото и каде што престојуваат боговите.

Многуте туристи  кои беа дојдени од далечниот исток, со особено љубопитство ги следеа појаснувањата  на водичот и фотографираа  неброени  детали, чекорејќи  по тие камени оставнини, каде што некогаш  претците  имале свои ритуали, обичаи и космички погледи и мистики.

Продолжуваме кон западниот дел на Македонија. Се упатуваме кон највисоката планина во Републиката – вишниот Кораб, кој има 52 врвови со височина од над 2000 метри. Глечерските езера се како украси на Кораб во Националниот парк Маврово, а под врвот Мал Кораб се наоѓа водопадот Длабока река, висок 138 метри, и е највисокиот водопад во Македонија.

Следната дестинација е Националниот парк Пелистер, распослан на 12.000 хектари, со планински височини и до 2600 метри. Всушност, се протега на северната падина на Баба планина, која е најјужната планина на Балканот со алпски карактеристики и недопрени природни феномени. Националниот парк го красат двете природни езера наречени Пелистерски очи. На тие планински предели има 88 видови дрва, но најкарактеристична и најопеана е моликата. Тоа е петоигличестиот бор кој расти само на неколку места на Балканот, ама на Пелистер моликата ја има најмногу, и достигнува височина и до 40 метри.

Од Пелистер слегуваме, минувајќи низ Битола бабам Битола. Испиваме кафе со локум на најубавиот сокак во нашата земја – Широк сокак, и веќе сме во старомакедонскиот град Хераклеја. Многу интересен град, основан од големиот воин Филип Втори Македонски, во средината на 4-от век пне. Бил важен дел од Филиповите воено-мировни дејства, а стратешки и  за заштита на северозападната граница. Во Хераклеја се зачувани траги и делови од македонското минато, како градби, ѕидини, статуи, улици, плоштади, сокаци, амфитеатар и раскошни подни мозаици. Хераклеја била и епископско седиште уште во тие далечни времиња. Има голема и мала базилика, и натпис на градската фонтана, додека театарот бил вистинско ремек-дело и тогаш и потоа.

Поглед на водите охридски од височините на Галичица, Фиданка Танаскова

Од пелагониските атари патот нѐ води кон Охридското езеро, кон древниот Охрид. Каква милениумска е приказната за Охридското езеро, кое е најстаро во Европа, со уникатен растителен и животински свет; како и приказната за градот Охрид со 365 цркви и манастири во дамнина за секој ден од годината; или со легендата за Билјанините извори, па Самуиловата тврдина и големите мисии на Свети Климент и Свети Наум.

Стоиме пред олтарот во соборниот храм „Св. Софија“. Се смета за уникатен и целосно зачуван духовен споменик, изграден или обновен за времето на охридскиот архиепископ Лав (1035-1056 година). Охридската архиепископија својата црковна власт ја проширила на огромна територија од реката Дунав на север, до Јадранското море на запад, и Солунскиот залив на југ.

Во црквата „Св. Софија“, за време на османлиското владеење, фреските биле покриени со малтер, но градителите, свештениците и верниците ги обновиле, па фрескоживописот е уникатна убавина. Но, „Св. Софија“ е позната и по исклучителната акустика, па токму под сводовите на катедралниот храм се одржуваат концертите на Интернационалниот фестивал Охридско лето. Низ концертите, низ тие ноти, како да одѕвонува ехото на минатите времиња, пренесено во сегашноста, тука крај езерските синила.

По Охрид, тргнуваме накај уште еден знаен и значаен духовен храм, тоа е ,,Св. Спас,, во македонската метропола Скопје. Во „Св. Спас“ е и вечното почивалиште на апостолот на македонската револуционерна борба и непокор – Гоце Делчев. Посмртните останки на овој голем македонски син, од селото Баница во Егејскиот дел на Македонија, биле пренесувани неколкупати, но, сепак зачувани. Во 1946 година се донесени во Македонија. Со тоа бил исполнет аманетот на Гоце Делчев: вечниот дом да му биде во престолнината на слободна Македонија. Црквата „Св. Спас“ е една од најстарите споменици на културата во скопскиот регион, а тоа што му дава посебно значење е мајсторски изведената резба на големиот  иконостас.

Одиме кон средниот дел на Македонија. На автопатната трансферзала од Скопје преку Велес кон Гевгелија, се наоѓа некогашната крстосница на античкиот свет, археолошкиот локалитет Стоби. Некои извори укажуваат дека неговите почетоци биле уште пред 7-от и 6-от век пне, за што се сведоштва откриените бронзени предмети кои датираат од архајскиот период, како и керамички наоди од далечното неолитско и железно време. Археолозите веруваат дека градот бил населен и пред 2-от век пне.

Следната дестинација е селото Водоча, струмичко, и  средновековното седиште на струмичките митрополити – манастирскиот комплекс Водочкиот манастир. Во тие предели започнала мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, а подоцна нивниот ученик Свети Климент Охридски бил епископ Велички и Дремвицки. Најстариот откриен објект на овој манастирски комплекс е ранохристијанска базилика од 5-от и 6-от век, додека, неодамна откриената керамика, го вбројува овој археолошки комплекс на мапата најбогати средновековни наоѓалишта и пошироко на Балканот.

Навистина во недоумение е авторот, за што попрво да се определи, да посети и да напише од овие природни, историски, археолошки, културни и духовни богатства на нашата древна македонска земја. Сепак, репортажава би ја заокружиле со визита на дел од преспанскиот крај, со таа оаза на спокој и убавина, запишувајќи го името на црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново во која се наоѓа познатата фреска „Ангелот Гаврил од Курбиново“ изработена од тогашните вредни фрескописци во далечната 1181 година.

Водочкиот манастир: Олтарна апсида – оригинални остатоци и реконструкција

Инаку, според легендата, на местото каде што се наоѓа Преспанското езеро, таму било ширно поле, а кај ридот имало седум кладенци со бистри води, кои преку ноќите биле затворани со чепови. Но, една вечер, додека младиот син на кнезот ја чекал својата убавица, таа намерно се стрчала и прво ги извадила седумте чепа од кладенците. Водата бликнала во целата долина. Младите занесени во љубовната игра и потоа во сонот, кога се разбудиле во раните зори, веќе пред нив било сино езеро. Тие стапиле во брак, а езерото во чест на убавицата било наречено Преспанско …

(Продолжува….)

Автор: Фиданка Танаскова