Почетна КОЛУМНИ Победа за нова надеж

Победа за нова надеж

На 8 мај се случи она што долго време го очекувавме. На избори, одржани во фер и демократска атмосфера, да се делегитимира досегашната власт предводена од ДУИ и СДС. Резултатите од парламентарните и претседателските избори создадоа нова политичка реалност. Македонија доби нов претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова. Личност со морален кредибилитет и импресивна меѓународна академска кариера, буден проучувач на политичкиот систем, но и повремено активен учесник во политиката, од самите почетоци на македонската демократија па до денес. Таа на 8 мај доби поддршка од 561 000 граѓани наспроти противкандидатот Стево Пендаровски за кој гласаа 251 899 граѓани. На парламентарните избори со добиени најмалку 58 (ќе има прегласување на неколку избирачки места) пратенички мандати, убедлива победа извојува коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Изборниот резултат претставува рефлексија на огромното незадоволство кај граѓаните како и очекуван исход од масовната мобилизација и идентификација  со програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Најголем дел од излезените гласачи очекувано решија да дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на другите опозициски партии, со цел драстична промена на статус квото кое се карактеризира со системска ерозија и назадување на секое поле, предизвикани од досегашната власт на ДУИ и СДС. Криминалот, ароганцијата и игнорантскиот однос кон сопствениот народ, СДС скапо го платија на овие избори со добиени само 18 пратенички мандати, најмалку од 1990 година, од почетоците на плурализмот во Македонија. Пораката на народот е многу јасна, потребно е што поскоро враќање на државата на единствениот суверен и нормализација на животот. На 8 мај беше испорачана сметката за организираниот криминал и корупција, беше изречена казна за целосната девастација на институциите, колапсот на здравството и девалвирањето на образованието, односно за штетата предизвикана од политичката и бизнис елита на ДУИ и СДС. Гледајќи ги првичните реакции, но и водејќи се од досегашното делување на оваа партија, искрено се сомневам, дека актуелното раководство на СДС после овој катастрофален резултат ќе направи вистинска анализа која ќе ги открие причините за поразот.

Очекувањата од новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери се големи. После седум години национални понижувања, масовно осиромашување и сеприсутно чувство на егзистенцијална загрозеност, граѓаните ја обновија надежта дека во иднина е можно да настапи нормализација на состојбата во државата.

Luxury Catering Service

ВМРО-ДПМНЕ како главна опозициска партија успеа сите овие години, и покрај огромните удари од недемократската власт на СДС и ДУИ, да остане конзистентна и стрпливо и одговорно да ги гради своите позиции кои се во насока на одбрана на националните интереси. Партијата предводена од претседателот Христијан Мицкоски успешно одговори на сите предизвици, зачувувајќи ја партиската база на активисти, притоа отворајќи ја вратата за многу нови приврзаници и со одлично конципирана и сеопфатна програма, влезе целосно подготвена во изборната трка за спас на Македонија и македонскиот народ.

До пред само неколку недели во Македонија доминираше безнадежноста и апатијата како резултат од огромните разочарувања предизвикани последните седум години. По големата победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ повторно заживеа оптимизмот, се зголеми вербата дека сепак работите во Македонија може да тргнат во позитивен правец. Овој оптимизам  ќе мора да се поткрепи со конкретни резултати на новата Влада, веднаш штом ќе биде изгласана во Собранието.

Во многу области уште од првиот ден на новата Влада, ќе можеме да видиме драстични промени кон подобро, како резултат на одговорно и чесно работење. Сепак за некои проблеми,  да бидат решени или пак  да почнат да се решаваат, ќе треба да помине време. Системот има претрпено сериозни повреди од тоталната партизација, етношовинистичкото самоволие, корупцијата и органзираниот криминал, така што ќе треба коренити промени кои на подолг рок сигурно ќе овоможат успешно функционирање на највиталните сектори во државата.

Наскоро започнува заживување и трансформација на системот кој ќе овозможи квалитетен животен стандард и развој на економијата преку инклузивен економски раст. Новата влада ќе отвори широк фронт против корупцијата и паралено ќе спроведува реформа на политичкиот систем и јакнење на капацитетите за да се овозможи, институциите да работат според законите. Како приоритет ќе се земе изградба на функционален систем за граѓаните, а со цел да се гарантира квалитетно и навремено обезбедување на услугите на државата кон граѓаните, она што недостигаше до сега. Главен фокус на Владата ќе биде исто така, промоција на патриотизам што ќе ги обедини сите граѓани со афирмација и гаранција на човековите права и слободи. Она што беше ветено во Платформата 1198 на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сигурно ќе биде реализирано. Со новата власт доаѓа време кога повторно луѓето ќе бидат на прво место. За целосна реализација на програмата ќе треба многу работа, на сите ќе им биде тешко но како и до сега, нема да биде срамно, туку гордо, чесно и посветено, со крената глава, со самопочит и со одговорен и пријателски пристап кон сите во Македонија.

Дејан Ристов
политиколог

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.