Почетна ГОСТИНСКА СОБА Во Канада ја научив важноста на континуираното учење и развојот на вештини,...

Во Канада ја научив важноста на континуираното учење и развојот на вештини, за да останам конкурентен на пазарот на труд

Кирил Колемишевски, поранешен член на Нокаут и заменик министер за економија, а денес агент за недвижности во Торонто

Македонската јавност го запозна како член на популарната поп-група Нокаут, подоцна се посвети на професијата за која стекна факултетска диплома – правото, а во последниве години живее со сопругата и со двете деца во близината на Торонто, каде работи како агент за недвижности.

 

Вашата професионална биографија е прилично богата: правник, кој работел во Комерцијална банка и во КБ прво пензиско друштво, директор на Македонската банка за поддршка на развојот, заменик министер за економија, партнер во адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“, светник за инвестиции… Сепак, кога медиумите во Македонија пишуваат за Вас, може и да пропуштат нешто ова ова, но никогаш не пропуштаат да наведат – „поранешен член на музичката група Нокаут“. Како гледате на тоа што Нокаут останува поврзан со Вашето име, и на тие времиња кога се занимававте со музика?

Luxury Catering Service

Нокаут секогаш ќе остане поврзан со моето име, бидејќи сум бил еден од четирите темели кога се формираше групата. Во тој период мислам дека направивме огромна промоција на современата македонска поп-музика и пробивме пат за многу други звучни имиња кои следеа потоа. Преку песните оставивме печат на едни поубави и побезгрижни времиња, цели генерации растеа и уживаа во таа музика, а ние созревавме како личности. Популарноста си го направи своето и за некого сé уште сум „Киро Нокаут“. Тоа воопшто не ми пречи, бидејќи сум горд на сето тоа што го имаме оставено како музичка историја. Кога сум во Македонија, и кога гледам дека и новите генерации ги пеат песните од пред 25 години, знам дека сме направиле нешто големо и нешто што ќе остане уште долги години по нас.

На Правниот факултет дипломиравте во 2001-ва, односно во времето кога бендот беше максимално активен – вториот албум „До последен здив“ е објавен баш во таа година. Беше ли тешко да се студира и паралелно да се води музичка кариера?

Прљаво Казалиште имаат една песна – „Све је лако кад си млад“. Најголемиот проблем беше координација меѓу концертите и испитите. Беше невозможно да сме во Битола на концерт, да се вратиме во 5 часот утрината во Скопје, и да одам да го полагам испитот закажан во 9 часот. Кога не беше концертна сезона или пак кога се снимаа нови песни, имав доволно време за да ги спремам и да ги положам испитите. Моите родители беа загрижени дека поради музиката нема да дипломирам, па тоа ми беше и дополнителна мотивација да учам повеќе и да го завршам факултетот. По дипломирањето, ја завршивме концертната турнеја за вториот албум, и тогаш им соопштив на останатите членови од групата и на луѓето од „Авалон“ дека тука завршува мојата музичка кариера, и дека ќе продолжам со некои други предизвици. Студирањето ми беше одлично искуство и ми овозможи да запознам прекрасни луѓе, тогаш асистенти, а денес професори, тогаш студенти, а денес адвокати, судии, обвинители, бизнисмени.

Поголемиот дел од работниот век во Македонија го поминавте на позиции поврзани со економијата. Размислувајќи денес, дали дојдовте до заклучок зошто македонската економија е толку фрагилна? Кои се главните недостатоци, и може ли да се отстранат во не премногу долг период?

Не би рекол дека македонската економија е фрагилна, повеќе би ја дефинирал како премногу регулирана и контролирана територија, која не остава голем простор за конкуренција и развој. Бизнисот и развојот не трпат многу закони и подзаконски акти, туку бараат слобода и дерегулација. Македонскиот пазар е многу мал за да можеме да разговараме за големи зделки или за привлекување на некои од големите светски компании, сé додека не се изменат неколку битни закони преку кои свесно или несвесно се кочат и се запираат одредени економски процеси. Се обидов и преку мојот политички ангажман да бидам дел од промените, но поради сплет на многу околности, а особено Covid пандемијата, не успеав, и се повлеков целосно од политиката. Недостатоците може да се отстранат за еден политички мандат на една Влада, но треба да се има сериозна политичка волја и спремност за да се соочат со сите кочничари на кои им одговара ситуацијата таква каква што е. Колку за споредба, македонскиот БДП за 2023 година изнесува 14.7 милијарди долари, а годишниот буџет на градот Торонто изнесува 12.5 милијарди долари. Македонската економија може многу брзо да напредува ако има јасно поставени правила на игра, слобода на капиталот и здрав и некорумпиран судски и административен систем.

Сопругата Катерина, ќерката Корнелија и синот Константин, Кирил ги нарекува „мојот петти елемент“

Како се случи да се преселите во Канада, и да се вклучите во бизнисот со недвижности? Колку ви користеше искуството стекнато во Македонија, или таму почнавте, практично од нула?

Се преселив поради семејни причини. Животот знае да ве исфрли на некоја кривина, па едвај да се додржите за воланот и да продолжите понатаму со возењето. Искуството од Македонија беше причината за да положам за агент за недвижности, бидејќи веќе имав искуство со имотно право, законите кои ги регулираат општините, урбанистичките планови, домувањето, а дополнително и финансирањето и кредитирањето како искуство од мојата банкарска кариера. Почетокот беше од нула, затоа што тука кругот на пријатели и познаници сé уште ми е многу мал и многу тешко доаѓав до зделки. За среќа, се запознав со Милосов и Иван Лукароски, кои се во овој бизнис долго време, и почнав да работам со нив. За краток период научив многу нови работи и запознав многу луѓе од светот на бизнисот, недвижностите и банкарството. Она што ми е најтешко е да научам како да се преговара со луѓе од различни култури и религии. Едно е кога седиш на маса со Кинез, сосема друго со Индиец, а трето со Балканец. Канада е земја на мигранти, и секој си носи тука дел од својата култура и начин на живеење. Една реченица може да ти обезбеди зделка со некој човек, но истата реченица може сериозно да навреди друг човек.

Од она што го најдов на социјалните мрежи за Вас, живеете го градот Вон, кој е всушност предградие на Торонто. Во едно од промотивните видеа за Вашата работа вели дека Торонто е убав, функционален град, со многу содржини, но и релативно скап: само изнајмување на стан со една спална соба чини 2.300 канадски долари (1.550 евра), а со две спални соби – 3.000 долари. За купување стан требаат милионски суми. Сепак, додавате дека и можностите за работа и високи примања се прилично добри. Како е да се живее во најголемиот канадски град?

Бројките се точни. За изнајмување на еднособен (со една спална соба) и вклучено паркинг место, во зависност од локацијата, потребно е да се издвојат од 2.000, па до 4.000 канадски долари. Моменталната ситуација на пазарот ги принудува луѓето да изнајмуваат станови, бидејќи за купување стан, повторно во зависност од локацијата, треба да се одвојат од 7.000 до преку 30.000 канадски долари за квадратен метар. Каматните стапки за станбените кредити се доста високи, и мнозинството од канадските граѓани не се финансиски моќни за да купат просечна куќа. Пазарот се наоѓа во економски циклус кој не ги поттикнува купувачите. Каматните стапки се рефлектираат и на секојдневната потрошувачка, инфлацијата си го направи своето и ги примораа луѓето порационално и внимателно да ги трошат своите пари. Што се однесува до начинот на живот, мора да забележам дека е многу различен од оној на кој ние Македонците сме навикнати. Овде се работи од утро до вечер, голема трка по пари, се користат две недели одмор за одење на некоја егзотична дестинација, и некако сé е на брзање. Дури и кафе пијат од хартиени чаши додека возат накај работа. Во Вон жителите се претежно со италијанско потекло, па има места каде што може да се седне, да се пие кратко еспресо во мала порцеланска шолја и да се ужива во ретките сончеви денови.

Таму има голема македонска имиграција. Постојат ли квалитетни организации на таа заедница, и дали воопшто функционира како заедница?

Според последниот канадски попис, во Канада официјално живеат 39.440 Македонци. Реалната бројка е далеку поголема и се движи меѓу 120.000-150.000 Македонци и нивни потомци. Заедницата е обединета најмногу околу македонските цркви. Во овие рамки се организираат пензионерски клубови, ансамбли за македонски народни песни и ора, наставни програми за изучување на македонскиот јазик и културата. Сите овие активности се поддржани од црквите и финансирани од побогатите Македонци. Има и организации на млади Македонци кои организираат забави во клубови во центарот на Торонто, на големи бродови, и на тие забави се слуша македонска музика. Она што ме зачудува е што како воопшто да не постои интерес за развивање на бизнис мостови меѓу Македонија и Канада, не постои (или јас не знам дека постои) стопанска комора која би ги застапувала интересите на македонските бизниси во Канада, или пак канадските бизниси во Македонија. Колку за информација, во 2023 година канадскиот извоз кон Македонија изнесувал 7,3 милиони американски долари, додека увозот од Македонија изнесува 14,2 милиони американски долари. Ова се бројки на кои што дефинитивно треба да се обрне внимание, имајќи ја предвид моќта и големината на канадската економија.

Не си бил во Канада ако не си уловил лосос од над 20 килограми

Која е најважната животна лекција што ја научивте во Канада, а немавте можност со нешто такво да се сретнете во Македонија?

Секој си ја гледа својата работа и ги почитува системот и законите. Покрај тоа, многу е битно да се прифати различноста и инклузивноста. Како што кажав претходно, Канада е земја на мигранти и прифаќањето и славењето на овие различности е фундаментално за канадскиот идентитет. Мултикултурното општество го поттикнува учењето на различните традиции, култури, религии, а со самото тоа луѓето стануваат многу посвесни дека светот не се врти околу нив, туку има и нешто надвор од твојот свет. Имам пријатели и познаници од Филипини, Иран, Индија, Кина, Колумбија, Зимбабве…, и меѓусебната почит е на многу високо ниво. Луѓето се исклучително дружељубиви, лесно се воспоставуваат контакти и се создава круг на пријатели. Научив да бидам приспособлив и отворен за нови искуства, што ми помогна да се насочам кон разликите во работната култура, социјалните норми и секојдневниот живот. Ја научив и важноста на континуираното учење и развојот на вештини, за да останам конкурентен на пазарот на труд. Ова вклучува добивање канадски сертификати, присуство на работилници и ажурирање со трендовите во индустријата. Додека трае оваа моја интеграција во канадското општество, многу е важно да го задржам и славам моето македонско наследство и да го пренесам на моите деца.

Како ги оценувате тамошниот образовен систем и здравството? Може ли човек да стекне квалитетно образование и да добие добра здравствена заштита, и ако не е богат?

Тука здравството е бесплатно за основните здравствени потреби на граѓаните, додека за некои работи, како очни прегледи, забар и покомпликувани здравствени зафати, мора да се има здравствено осигурување. Она што воодушевува е опременоста на болниците, редовните инвестиции во здравството и посветеноста на докторите кон пациентите. Тука не постои „докторе, повелете едно виски за благодарам“, бидејќи тоа ќе биде сфатено како навреда и како мито кон докторот. Здравствениот систем им е на завидно ниво, иако се забележуваат и се детектираат проблеми, но не се од таков обем што би го загрозиле целиот систем. Што се однесува до образовнието, три канадски универзитети се вброени во најдобри сто на светот, од кои Универзитетот во Торонто е на високо 21. место. Системот едуцира кадри кои ѝ се потребни на канадската држава и на економијата, и затоа не ме зачудува успехот и развојот на земјата во последниве 50 години. Не треба да си богат во Канада за да имаш нормален живот, да имаш целосна здравствена заштита и да добиеш врвно образование. Луѓето си ја сакаат и почитуваат државата, а таа им враќа преку добри услови за живот.

Миодраг Мишолиќ