Почетна Спорт MKK Куманово избори пласман во првата лига

MKK Куманово избори пласман во првата лига

По пауза од само една година кошаркарте на Куманово го освоија првото место во втората кошаркарска лига, со што автоматски обезбедија пласман во елитното натпреварување, односно во првата кошаркарска лига.

До овој успех кошаркарите на Куманово, за наши прилики, остварија неверојатен успех бидејќи до шампионската титула во втората кошаркарска лига стигнаа без ниту еден пораз или поточно во 21 прволигашко коло постигнаа исто толкав број на победи, додавајќи ги тука и 5-те победи во плеј-офот остварија вкупно 26 победи, што секако е резултат за голем респект.

Голем удел во успехот на екипата секако има и ангажманот на управата на клубот на, во моментот најдобриот кошаркарски тренер во Македонија, Марин Докузовски, како и ангажманот на двајцата искусни прволигашки кошаркари – Марјан Јаневски и Александар Стерјов, кои и покрај тоа што можеа да настапуваат за многу од прволигашките екипи, сепак оваа година одлучија да играат во втората лига за да помогнат екипата на МКК Куманово да се врати во прволигашкото друштво, каде што всушност и отсекогаш припаѓале.

Luxury Catering Service

Сега пред управата и раководството на клубот стои голем предизвик, бидејќи играњето во првата лига само по себе бара поголем квалитет на кошаркарскиот ростер, но секако уште поважно е и многу поголем клубски финансиски буџет, па со ангажирање на неколку квалитетни кошаркари и со тренерот Марин Докузовски во наредните 3-4 години би требало да се дојде до една квалитетна и стабилна прволигашка екипа.

Се разбира, во целата приказна и во интерес на кумановската кошарка ќе биде и пуштањето во функција на спортската сала, а тоа би требало да се случи веќе наесен, што ќе се совпадне и со почетокот на прволигашката кошаркарска сезона во Македонија.

Т.Д.