Диана Буразер, повеќекратно наградувана хрватска поетеса, чии песни се преведени на неколку светски јазици, годинава ја доби и наградата за најдобро преведена книга поезија на македонски јазик, на неодамна одржаниоот фестивал „Поетски синтези 2024“, во Битола.
Во Битола, минатиот викенд, во организација на Здружение за наука и култура „Нова“ и под покровителство на Министерството за култура и општина Битола, се одржа тринаесеттиот меѓународен поетски фестивал „Поетски синтези-2024“. На првата фестивалска вечер настапија 15 автори, меѓу кои и поети гости од Италија, Хрватска и Црна Гора, како и поети од Битола, Скопје, Прилеп, Крушево и Гостивар. Исто така, бише доделена наградата „Поетски хоризонти“ на хрватската поетеса Диана Буразер.
Диана Буразер е родена во Загреб, 1953 г., каде што дипломирала теориска математика на Природно-математичкиот Факултет. Од 1977 до 1992 г., живеела во Мостар, а од 1992 г., живее и работи во Загреб. Објавувала во многу хрватски и босански списанија, застапена е во антологии и панорами на хрватската поезија. Добитник е на многу награди: за млади поети (A.B. Šimić, Slovo Gorčina, Goranovo proljeće), награда „Josip Sever“ за книгата поезија „Друга куќа“, „Srebrno leteće pero“ (на поетски фестивал во Бугарија), меѓународна награда за севкупно поетско творештво. Тука се и наградите „Весна Парун“, за најдобра песна „Povijest u Arial fontu“ (2022 г.), награда „Ante Zemljar“ за 2024 г., која што ја доделува хрватското друштво на писатели на писателите од земјата и странство, писатели кои со својата оригиналност оставиле исклучителна трага на полето на книжевноста.
Песните ѝ се преведувани и објавувани на 15-тина странски јазици. Пишува поезија, песни во проза, кратки приказни, книжевна критика. Уредник е во издавачката куќа „Fidipid“. До сега има објавено седум книги поезија и пет книги поезија на други јазици: македонски (2 книги), украински, бугарски и албански јазик. Член е на Друштво на писатели на Хрватска (ДХК), хрватски ПЕН, Друштво на писатели на БиХ и ДХК Херцег, Босна.
Во Битола ја прими и наградата за најдобра објавена книга меѓу две лета, во издание на Здружението „Нова“, што беше и повод да ја прашам:
Ова не е Ваша прва посета на Македонија, ниту прва преведена книга на македонски јазик. Изгледа дека на драга волја се враќате, дека имате круг на драги луѓе, места, настани. Како започна дружењето со Македонија, какви се Вашите искуства?
Мојата поврзаност со Македонија започна пред околу 12 години, во Бугарија, Варна, на фестивалот на поезија, што го организира Словенската академија и нејзината неуморна претседателка поетеса, Елка Нијаголова. Седмодневното дружење и книжевно запознавање со словенските писатели во преубавата Бугарија, вроди со многу пријателства кои ги обновувавме секоја година кога се среќававме на фестивалот во Бугарија. Тоа резултираше со меѓусебни преведувања на словенските писатели на разни словенски јазици, што е и една од главните задачи на тој фестивал. Така запознав прекрасни луѓе, писатели и книжевни критичари од Македонија: Санде Стојчевски (роден во Студена Бара, кумановско), Весна Ацевска и Бранко Цветкоски.
Нашето поетско пријателство ги донесе и првите објави на моите песни во македонски списанија и панорами на хрватски поети. И тогаш, 2012 година, се објави избор на моја поезија од две книги „Naranča“ и „Druga kuća“ под наслов „Портокал и друга куќа“, издавач МАКАВЕЈ Скопје, превод на Владимир Цветкоски.
До оваа посета, во Македонија доаѓав три пати; два пати како учесник на книжевни програми, а еднаш одамна и како учесник на Струшки вечери на поезија.
Сега бев поканета во Битола на Меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези 2024“ и она што е за мене значајно и што посебно ме израдува е тоа што е преведена на македонски јазик мојата последно објавена книга во Хрватска – „Nebeske jabuke“. Иницијативата потекна од Мирјана Стојановски, која напиша и извонреден поговор за неа, додека преводот го направи Марина Геческа Василевска.
Посебно драга ми е таа книга и има добиено добри рецензии во Хрватска, па тоа е уште една причина повеќе што целосно е преведена и објавена во Македонија.
Инаку, на овој фестивал сега во Битола, книгата „Nebeske jabuke“ доби и награда за најдобра книга со превод на македонски помеѓу двата фестивала. Ја објави Здружението за наука и култура „НОВА“, во Битола, под наслов „Рајски јаболка“.
Бранко Миљковиќ во својата антологиска песна „Поезија ќе пишуваат сите“ најавуваше„ голема мисла на идните поети: еден несреќен човек не може да биде поет“. Дали стигнавме до таа поетика? Наградувана сте, ценета, сместена во антологијата, но – дали сте среќна поетеса?
Кај поетите, а така и кај мене, тешко е да се одвои кога и колку е среќен или несреќен како личност и како поет. Особено затоа што поимот „апсолутна среќа“ не е можно да се дефинира; а, таква среќа не е ни можна. Да поедноставам: не можете да сте среќни (потполно), што и убаво да ви се случило, ако на вести се прикажува сиромаштија или воена состојба во која се наоѓаат некои други луѓе. А, кога станува збор за процесот на пишување, постои една прозаична теза (но, потврдена како вистина) дека почесто посегнуваме по пишување кога сме несреќни. Зошто е тоа така, тешко е едноставно да се одговори, но така е. Особено кога сте млад поет (и млад човек) и кога се пишува инспириран. Кога веќе сте постар, позрел поет, пишувате од искуство, тогаш некои мали или големи таги не ви се потребни како двигател за пишување. Одговорот на Вашето прашање би можел да биде едноставен и да изгледа вака: признанија, објавени книги, преводи…ме радуваат во тој момент кога ќе се случат. Ама, далеку посреќна сум (мерено со интензитет и должина на траење на тоа чувство) кога ќе напишам песна, приказна, некој текст со кој сум задоволна. Тоа е посебно чувство! И не може да се спореди со ништо, ниту да се измери.
Поетските дружења како ова во Битола изгледаат анакроно во бруталната сегашност во која живееме. Има ли воопшто сеуште место за поезија во овој свет на сурова епика каде лириката и сите чувства стануваат потиснати под заканата на притисокот од некој си бесчувствителен прст на „црвеното копче“?
Поетските дружења, воопшто, се убави настани и корисни се за сите учесници. Разговараме за уметност, но и со многу емпатија за сè што се случува во светот. За жал, има многу работи, настани околу нас што можат да нè направат несреќни. И можеме да се запрашаме што уметноста, посебно поезијата, може да направат светот да биде подобар. Мајаковски рекол: „Уметноста не е огледало кое го одразува светот, туку чекан со кој треба да го обликуваме“. А, јас додавам дека поетите можат овој свет да го променат на подобро со чувство и сочувство. И на таков начин може да укажат и да се борат против насилство, шовинизам, расизам и секој облик на тероризам и неправда. Важно е, без оглед на сите разочарувања во луѓето, да се верува во Човека. Да се верува во нас самите дека тоа е возможно.
Што следува? Ќе се видиме ли и во Куманово?
Следуваат планови за нови книги. Често пишувам, но (мора да бидам искрена), книги објавувам поретко отколку би сакала. Причините се разни: од лични строги критериуми (кои можеби и не се исправни!?), до недостаток на веме за концентрација што е неопходна кога се заокружува ракопис (сепак до неодамна работев по 8, 10 часа дневно како ИТ менаџер, математичар/информатичар), па сè до некоја мала доза на мрзливост. Припаѓам на луѓе кои се комуникативни, кои сакаат друштво, патувања, а тоа не се добри особини за еден сериозен и вреден пиастел. Па така, правам компромиси! Ракописот за нова книга поезија треба да го завршам до крајот на годината, а после ме чека (додуша веќе долго!) и книгата со кратки приказни. Во Македонија веќе се чувствувам како дома! Луѓето се неверојатно топли и ги бришат сите граници во нашата комуникација. Ако ме повикаат во Куманово, ете ме!
Дарко Даутовиќ