Дијагноза, третман, лекарства, рехабилитација – под итно му се потребни на пациентот УГОСТИТЕЛСТВО.
Вршевме темелна проценка на моменталната состојба на нашите угостителски капацитети, вклучувајќи го финансиското здравје, повратните информации од персоналот и луѓето чија судбина е кафаната. Ги зедовме предвид и трендовите на пазарот на труд и се обидовме да ги идентификуваме слабостите и да ги процениме можностите за подобрување. Разговаравме со млади луѓе од градот кои прават коктели и бришат шанкови во Цриквеница, на „нашем мору“.
Дијагнозата беше поставена во време на Ковид 19. До кафана со маска, внатре на по неколку метри оддалеченост на масите, јадеш, пиеш како Мистер Бин во кино, од цевче, миеш раце, плаќаш со картичка, миеш раце, оставаш бакшиш, миеш раце и со рефрен на тогаш сеуште неразведениот Харис Џиновиќ си одиш дома незаразен. И среќен.
Оттогаш, па сé до моментот кога потрошувачката кошничка се зголеми на околу илјада евра месечно за основните потреби на едно семејство, кога престанавме да миеме раце, а културно-забавните настани во градот се сведоа на минимум, сами си го препишавме третманот на лекување – воглавном со лоза и витамински салати. Лечејќи се себеси, ние му дадовме прва помош и на угостителскиот сектор. Нашите лекови не беа скапи, странските инвестиции бргу се потрошија, никнаа многу викендици, но сепак, вештачкото дишење што го изведовме над него, беше од исклучително значење за процесот на рехабилитација.
Следењето на пациентот со рак рана и прилагодувањето на седативи беше од клучно значење. Негата потфрли во моментот кога угостителите од приморските области на поранешна Југославија почнаа да нудат и поголема плата и сместување и исхрана за угостителските работници (но, и повеќе да ги третираат како робови). Лесно им беше на нив да истапат со таква понуда како членки на ЕУ. Ние тука уште со радост примаме бејзбол капи и запалки на врата од сите оние кои ни нудат европска иднина. Редовните прегледи кај матичниот кафанџија проретчија. Моралот на пациентот падна кога се појавија првите тешкотии за вработување на келнери. Импулсот за долгорочен успех на рестораните се изгуби како пеницилин по аптеките. Толку неопходната инфузија од државата никогаш не почна да тече, а онаму кај што течеше, испадна дека била само вода. Гола вода!
Примариус доктор „нашата држава“ не пружи никаква поддршка во облик на насочена финансиска инекција, барем за кирија, комунални услуги и олеснување на давачките за студенти и ученици кои својот џепарлак го вадат најчесто работејќи во туризам и угостителство.
Оперативниот континуитет за задржување на вработените се угуши како алергиска реакција на липа. Онлајн нарачките станаа новиот модерен аналгетик. И точно е, кафаните ни се чинат секогаш полни, како што беа креветите на инфективно. Но, ги прашува ли некој угостителите како опстојуваат да ги задоволат потребите на желните за добра забава кумановци и како усвојуваат одржливи практики за намалување на трошоците и стимулирање на набавка на локални состојки за справување на вкусни оброци, намалување на отпадот на храна или пак, имплементирање на енергетски поефикасни технологии?
Електро шок е потребен под итно. Ајде, добро, ќе почекаме до формирање на нова Влада. Ајде, ќе консултираме и некое паметно дете од економски факултет за диверсификација на средства, ајде ќе го доведеме и Харис кога ќе издаде нов срцепарателен албум за скапите чанти на Мелина. Само никогаш да не се соживееме со неговиот хит „И тебе сам сит кафано“. Зашто тоа е нашата судбина.
Р.П.