Чехов: „Вториот дел од животот кај паметни луѓе се состои во ослободување на лудоста и предрасудите што ги стекнале во текот на првиот дел од животот.” Би требало да сме доволно „луди“ макар да го признаеме тоа, врвниот психотерапевт Драгица Стаменковиќ во гостинска соба на Плоштад.
Иако има значителен напредок во намалувањето на стигмата поврзана со менталното здравје, некои општествени и културни бариери сè уште постојат. Дискутирањето за тоа како терапијата може да им помогне на поединци да ги донесуваат вистинските животни одлуки, особено во време на ниска самодоверба и висок стрес, може да обезбеди вредни увиди во придобивките од психотерапевтските практики. Затоа, нè интересира:
Дали мислите дека барањето психотерапија сè уште се смета за табу во денешното општество?
Би рекла дека современото општество е поделено, така што би одговорила да и не. Имено, во западниот свет психотерапијата одамна не е табу тема, баш напротив, додека во нашето „современо“ општество, кое што е поделeно на многу нивоа, така и сфаќањето на психотерапијата за еден дел од населението е табу тема (за жал голем дел), но за значаен дел веќе не е табу тема. И, тоа ме радува.
Како работите со клиенти кои може да се срамат или им е непријатно да побараат каква било психолошка помош?
Кога веќе клиентите ќе побараат стручна помош, потребата во тој момент го победила срамот. А, клучното прашање кое се крие зад срамот е „Од што се плашам?“. И, тогаш веќе срамот станува храброст. Клиентите кои доаѓаат на психотерапија се исклучително храбри луѓе, кои во терапевтскиот процес се соочуваат со „срамниот“ дел од себе. Срамот е последица на внатрешно самодоживување поврзано со чувство на дефектност (не сум добар, не сум способен, не сум доволен, не сум како што треба). А, за справување со срамот и другите непријатни чувства, единствен лек е сигурен простор, доверба и поврзаност. Како терапевт се трудам да им обезбедам на клиентите такво сигурно место и искрен, човечки и прифаќачки однос. Сето останато се психотераписки интервенции. Односите се тие кои лекуваат.
Чехов: „Вториот дел од животот кај паметни луѓе се состои во ослободување на лудоста и предрасудите што ги стекнале во текот на првиот дел од животот.” Доволно ли сме „луди“ за да макар го признаеме тоа?
Прекрасна мисла. Верувам дека би требало да сме доволно луди да го признаеме тоа. Но, дали сме сите, не верувам. Но, она што знам е дека признавањето е првиот чекор кон промената. Тоа признавање за мене е почетно освестување. Но, доколку не се тестира лудоста/храброста, ќе остане само обично признание или увид без промена.
Според Вашето искуство, како групната терапија придонесува за подобрување на менталната благосостојба кај клиентите?
Групната терапија во многу аспекти е полечебна од индивидуалната терапија. Во групната терапија, освен во терапевтот, клиентот има и други огледала во кои може да го преиспита своето искуство. Ментализацијата како психолошка функција која ни овозможува да се разбереме себеси и другиот врз основа на субјективните доживувања и ментални процеси, многу побрзо се развива во групен контекст. Искуството и теоријата ни покажуваат дека во корен на сите психолошки потешкотии се наоѓаат проблематични и незадоволителни односи со себе и другите. Па, зарем постои подобар начин од справување со потешкотии во релации од групни релации во сигурен простор?
Каков совет би му дале на некој што размислува за кариера во психотерапија во нашата средина?
Јас сум вљубена во психотерапијата и би била субјективна во давањето совети, кои лично се трудам да ги избегнам, доколку некој не ги побара, па дури и на терапија. Би му кажала дека да се биде психотерапевт, прво мора да се биде несовршен човек, кој ќе ја прифати и разбере својата несовршеност, за да може да ја прифати и разбере несовршеноста на другиот. Понатаму, психотерапевтот е во постојани преиспитувања и размислувања, во целоживотни едукации и работа на себе. Освен формално образование, за професијата психотерапевт е потребно неформално образование од плус четири до осум години за стекнување на звањето психотерапевт и уште многу други дополнителни едукации и усовршувања. За да се постигне тоа, оној кој што планира да се занимава со оваа професија треба да вложи доста време, пари, труд и длабока работа на себе, дел кој е најтежок, но и највозбудлив. Но, сепак психотерапијата е терапија на душа, така што сите вложувања се мали во однос на одговорноста која ја има терапевтот. А, тоа е лекување на човечката нежна и комплексна душа. Самиот збор psyche е грчки назив за душа или дух, она што е присутно, а невидливо.
Велат дека е успех да го добиеме она што го сакаме, а среќа е да го сакаме она што ќе го добиеме. Дали сте Вие успешна и среќна жена?
Како и се во животот, така и моето доживување за успех и среќа се менувало и се менува низ годините. Постои една молитва на Sioux Индијанците која ме инспирира уште од адолесцентниот период и гласи: „Боже дај ми мир да ги прифатам нештата кои не можам да ги променам, дај ми храброст да ги променам нештата кои можам да ги променам и дај ми мудрост да го разликувам едното од другото.“ Вистинската среќа е во таа мудрост.
А, успехот е минлива и променлива категорија. Тоа поимање се наоѓа во еден цитат од Кјеркегор: „Само оној кој во тешкотија стрепи, мирот свој го наоѓа; само оној кој во долниот свет слегува, саканата ја спасува; само оној кој нож вади, Исака го добива.“
Во оние моменти кога ја имам таа способност се чувствувам успешна.
А, најуспешна сум кога сум со луѓето кои се мојата љубов и мојот свет.