Почетна РЕТРО Стоиле Анастасовски – „Мирувам само кога спијам“

Стоиле Анастасовски – „Мирувам само кога спијам“

РЕОБЈАВА

Плоштад, број 4, 01 ноември 2013

Професор, резервен офицер, сопруг, татко и дедо, витален и активен човек и во своите пензионерски денови.

Роден е 1940 година, од татко земјоделец и мајка домаќинка. Најраните години од детството му минуваат во суровиот период на втората светска војна.

Luxury Catering Service

– Живеевме веднаш до старата црква, работевме на на чифлик кај Стојко Лопар, (од познатото угледно семејство Лопарци), кому моите родители Стојан и Дамјанка, а понатаму и ние децата му должиме за сета материјална сигурност што сме ја стекнале во животот. Бевме четири деца, тројца браќа и една сестра. Основно училиште завршив во „Браќа Миладиновци“, а потоа заминав во средното учителско училиште „Никола Карев“ во Скопје.

Сите ученици од внатрешноста во тоа време живееле во Ученичкиот интернат, каде имало кино, театар, игранки, оркестар, хор.. немало потреба учениците да излегуваат надвор од Интернатот во потрага по забава. Потоа учел на Педагошката академија, насока физика, хемија и математика. На академијата учениците биле подготвувани за учители во селски училишта, за настава од прво до пето одделение.

– За цело време од школувањето се издржував сам, бев стипендист на општина Клечовце, но често морав да растоварам и ќумур или да работам друга физичка работа, само да земам некој динар да можам да отпатувам во Куманово да ги видам родителите. Прво вработување му било во училиште во селото Уминдол, каде наставата се одвивала на српски јазик. Таму заминал заедно со  својата сопруга Веса, сега просветен работник во пензија, кавадарчанка која учела во истото училиште, негова „училишна љубов“ со која се оженил 1962 година.

– Во селото живеевме под кирија, во близина на училиштето, постојано помагавме некому во земјоделските работи, бевме млади, среќни и полни со идеали.

Во Уминдол живееле до 1967 година, а потоа Стоиле добива работа во Гимназијата „Гоце Делчев“, во Куманово, каде предава одбрана и заштита, за која подоцна се стекнува со факултетска диплома.

– Јас сум резервен офицер-мајор, во Билеќа имам завршено школа за резервни офицери. Како војник и подоцна офицер, се натпреварував во стрелање со боева пушка, а таа традиција ја продолжив подоцна како професор во гимназијата, кога ја превзедов функцијата претседател на стрелачкиот сојуз во Куманово. Со учениците освоивме три пати прво место на републички натпревар во вишебој, двапати освоивме второ место, а на натпреварите во Словенија и Хрватска освоивме трето место. Во кариерата има добиено преку педесет дипломи, медалји и награди – како за придонес во обука на младите во одбрана и заштита, така и за другите педагошки дејности и активности. Последните седум години пред пензионирањето работи во поштата во Куманово, како раководител за безбедност за Куманово, Кратово и Крива Паланка, во областа на противпожарната заштита и заштитата на работа. Се пензионира 2008 година.

– Во врска со својата последна работа, во 1991 година имам снимено филм (како режисер, продуцент и изведувач) со наслов „Противпожарна заштита и спасување“. Имам уште еден филм – за „Заштита при работата“, кој потоа е дистрибуиран во сите пошти во Македонија, противпожарни служби, полицијата… Од овие мои активности произлегува и предлогот противпожарната служба во Куманово да се снабди со возило со хидраулична скала, кое е незаменливо во  гаснењето пожари. Бил претседател на здружението на професори по одбрана и заштита на Македонија, републички советник за одбрана и заштита за источна Македонија, секретар е на здружението на резервни офицери на општина Куманово, а претседател е и на здружението на дијабетичари.

Среќа во несреќа

– Во животот имав повеќе успеси отколку што може да се надева еден просечен човек, но имав и една несреќа – поточно среќа во несреќа: Јас кој целиот свој живот професионално ракувам со оружје, во момент на невнимателност, сакајќи да го исчистам заборавениот стар револвер на татко ми, седејќи во спалната соба на креветот, (додека моите деца си играа околу мене), несакајќи си испукав куршум кој помина еден сантиметар од моето срце, не повреди ниту еден крвен сад и застана под кожата на грбот. Толку бев присебен, за да не ги исплашам децата, седнав во колата , самиот се одвезов до болницата и дури таму паднав во бессознание.

Оваа луда среќа, Стоиле ја сфатил како опомена да забави малку со животот „сто на час“,  зашто како што вели „мирувам само кога спијам, а не спијам многу“. По овој немил настан во 1977 година, му го препушта својот разработен бизнис – хемиската чистилница „Весна“, на својот постар брат Трајан. Иако овој бизнис им донел убава живејачка, голема удобна куќа на тивката улица „Прозорска“ со поглед на Соколана и паркот, школување на децата и безгрижен живот, тој и сопругата се едногласни дека никогаш не зажалиле за таа одлука.

– Сега живеам за честите посети на нашите деца и внуци.- вели професорот, додека гордо ми ја покажува својата негувана градина уште преполна со цвеќе, леи со јагоди, грмушки малини, капини. Јас и мојата Веса одгледавме три деца: ќерката Данче, која живее во Скопје со сопругот Боро и синот Никола. Второ дете ни е ќерката Сузана, која работи како педагог во училиштето „Крсте Мисирков“, со сопругот Горан имаат три деца – Михаел, Михаела и Алексиа. Синот Александар живее во Софија со сопругата Благослава и има три деца: Марија, Веса и Теодор.  Неодамна прославивме педесет години брак, „Златна свадба“, опкружени со нашето големо семејство, па што повеќе да посака човек во есента на својот земски живот?