Драган Б. Костиќ – радио водител, диџеј, автор, музички хроничар
Во претстојниот викенд, на 7 и 8 Јуни, на кумановскиот спортски аеродром Аџи Тепе ќе се одржи рок-фестивалот „Беарс мото рок фест“, со учество на бендови од неколку балкански земји. Водител на настанот ќе биде Драган Б. Костиќ, човек кој во областа во која работи, одамна го заслужи (вистински го заслужи) статусот на легенда.
На 7 и 8 Јуни ќе бидеш водител на мошне интересен рок-фестивал во Куманово, на кој ќе учествуваат квалитетни бендови, вклучувајќи неколку популарни во регионот. Дали ваквите настани те возбудуваат тебе лично, како слушател, како љубител на музиката, а не само како професионалец? Одиш ли уште на концерти само за да уживаш во нечија свирка?
Пред сѐ, јас ќе бидам водител и диџеј на „Беарс мото рок фест“ во Куманово на спортскиот аеродром Аџи Тепе на 8 Јуни. Интересна концепција на група ентузијасти и вљубеници во мотори, мотористичката група Мечки, позната и надвор од нашите граници.Тоа не е класичен фестивал, туку една голема дружба на сите кои сакаат да го прават тоа. Со извесни паузи (од оправдани причини), ова е 16-то собирање под закрилата на оваа група, и секогаш имало интересни гости. Овој пат од Србија, Грција, Македонија и од Куманово. Секогаш, кога сум во можност одговарам на повици на организаторите, или по сопствена желба присуствувам на вакви собири. На концерти одам од професионална определба или приватна љубопитност. Во зависност од изведувачите адреналинот ми се покачува, но неретко и знам да бидам разочаран, ако очекувањата не ми се исполнети. Пред десетина дена бев водител на проектот на Еуро хауз на платото пред УКИМ во Скопје, на кој учествуваа шестмина изведувачи, кои со своите настапи неретко ми предизвикуваа морници. Особено што според договорот, секој од нив изведуваше кавери на македонски напеви од различни периоди и по една своја авторска песна. Кога ја видов конечната листа на песни, си реков: „Боже, ова ќе биде таратур. Или прекрасна македонска папазјанија“. Беше ова второто, со назнака – во најпозитивна смисла. „Глинено око“ на Триангл, „Сонце за три светови“ на Мики Јовановски-Џафер, „Шила“ на Маја Оџаклиевска, „Валерија“ на Драган Каранфиловски-Бојс, „Миднајт каубој“ на Јаков Дренковски, „Нежност“ на Славе Димитров, „Планино моја рудино“ на Диме Поповски, од публиката хорски пеената „Признавам“ на Маријана и Росана, „Као какао“ на Леб и сол,„Ајде да летаме“ на Новоградска и Карлина Гочева, „Мистер комплекс“ на Бастион, „Во една пролет“ на Нина Спирова… И тоа песни кои се нивна определба, избор, со кои во своето професионално делување немаат ама баш никаква допирна точка. Неверојатни изведби на Фанк Шуи, Марија Каева и Сетстат, Пијан славеј, Ретро кабарет, Дина Јашари… Слушајки ги изведбите си помислив, и не е сѐ така црно во домашната музика. Па, кој тогаш на белата боја ѝ додава црна? Ние, самите ние со немарен однос кон сопственото творештво.
Кои се најубавите спомени што те врзуваат за Куманово, како диџеј, водител или музички новинар? Претпоставувам дека не мал број пати си бил во градот на некој настан.
Во некои други периоди, кога од Куманово доаѓаа интересни музички ликови, често одев да ги гледам и слушам екипажите на покојната легенда на кумановскиот рок, Шајто, па и Автограм во кои во почетните постави имаше неколку кумановци. Одев на Кумановскиот џез фестивал, неколку пати сум настапувал како диџеј, но по короната работите драстично се сменија, клупскиот живот замре (не само во Куманово), или во таквите простори почна да царува турбо-фолкот. А тоа веќе не е во опис и попис на мојот интерес.
Кога денес ќе се свртиш зад себе, односно зад својата кариера, на кој период се сеќаваш со најмногу носталгија?
Кога толку години си во оваа професија, речиси и да не можеш да се решиш за еден одреден период. Втората половина на 70-тите години беше интересен и плоден период, и значаен пред сѐ за рокот генерално, заради ненадејната популарност на тогаш таканаречената фузијска музика, кога беа инспиративни и за натамошниот развој многу значајни споеви на класичната, џез и фолк музиката. Време кога музичарите излегуваа од својот адолесцентен период, сакајки се да докажат (и да ги негираат „неверните“ дека се тоа само „долгокоси надраснати хипици“) со музика, која ќе исфрли на површината десетици извонредни инструменталисти, кои ќе инспирираат двојно повеќе свои следбеници. Но, ми се чини (а тоа е моја лична опсервација), периодот на 80-тите беше најинтересен, најхетероген, највозбудлив, најинспиративен. Многу нови интересни и квалитетни групи и поединци, многу возбудлива, постојано менлива музика, бескрајна низа хитови на кои без неминливиот проток на времето некои нови генерации обрнуваат повеќе внимание одошто на музиката на сопственото време. Потоа, дојдоа 90-тите, како вовед во 21-от век и…
Кое е твоето мислење за модерната технологија и за нејзината употреба во музиката? Дали тоа што денес речиси секој може да има студио дома (макар импровизирано, на својот компјутер) е подобро или полошо од времето кога музичарите мораа да одат во професионални и скапи студија, и да зависат од волјата на некој продуцент, некој тон снимател или друг што решава за пристапот до тоа студио? Донесе ли таа демократизација на можноста за снимање, подобар квалитет?
И денес се оди во скапите студија, од навика, позерство или квалитет. Можноста да се снима дома е извонредна, но сепак, аналогната технологија (засега) не може да биде, барем не целосно, заменета со дигиталната. Илузорно е човек да му се спротивставува на модерното само затоа што е свикнат на „старото“. Добро е што домашната техника е сѐ подобро опремена, сѐ помногубројна, а со тоа таков е и персоналот кој се едуцира создавајки искуства врз кои ќе учат идните генерации. Дигиталната технологија донесе поедноставни решенија околу снимањето на концерти со речиси еднаков квалитет, кој обработен, според ништо веќе не се разликува од оние од скапите студија. Демократијата сега ја носат парите. Не мораш да плаќаш многу скапо, а ќе добиеш горе долу снимки со еднаков квалитет. Да, сум за модерното, но сѐ додека се потпираме и на „старото“ со проверен квалитет и начин на работа.
А што е со музичкото новинарство? Дали чекањето по неколку дена или недели, да купиме или да добиеме некое музичко списание, за да дознаеме што објавиле, рекле или каде свиреле нашите омилени музичари, правеше да ја цениме повеќе таа информација, отколку денес, кога сѐ е достапно на неколку кликови, и за неколку секунди?
Меч со две острици. Ако веруваш во аксиомата дека квантитетот може да донесе квалитет, тогаш е во ред. Но, ако квантитетот произведува само квантитет, а квалитетот се фрла во сѐ подалечните ќошиња на секојдневието, тука сме веќе кај проблемот, кој за жал го перцепираат само луѓе со изострен поглед кон иднината. Ако денес секој пиљар (без навреда кон професијата) може да стане тонски снимател, продуцент, рецензент, новинар, водител, и ако средината ја прифаќа таквата солуција, само тонеме. И не само ние. Ако пред десетици години да се биде диџеј, не значело само пуштање музика, туку селектор, едукатор, комуникатор (на било кој начин), денес е…, за денес. Ако утре нешто ми притреба, ќе барам на интернет. На тој начин не се создава квалитет. До болка е сознанието во молбата на професорите: „ако не сте ја прочитале книгата, гледајте го барем филмот“. Технологијата е за да го унапреди знаењето, а не од поединецот да направи зомби, кој беспоговорно следи некого, кој ете, прочитал дури една книга, па макар таа била и „Зоки Поки“. Замирањето на печатените медиуми во некое идно време ќе ни се удри од глава. Историјата која тече, наводно запишана дигитално се чува некаде за до…, кога? Најмалку половина од бараните материјали (за обична, секојдневна употреба) по извесно време се загубиле од икс причини. Загрижените поединци, кои од морето документи сочувуваат капка, не значи дека ќе нѐ спасат од давењето во морето на незнаење. Своевремено моите колеги од радиото неретко ми велеа: „Тебе ти е лесно, ти добиваш весници од странство“, притоа пренебрегнувајки ја можноста и тие да го прават истото. Ама, тоа требаше да се плати, и тоа прилично. Јас им велев: „Ќе дојде време кога сите едновремено ќе имаме информации заедно со светот. Белки тогаш благодарејки им, ќе можеме да правиме СИТЕ квалитетни, информирани, едуцирани програми. И? Еве дојде таквото време. Дали го имаме сето посочено? Колку повеќе добиваш, се чини дека сѐ помалку даваш.
Во твојата новинарска кариера ти одигра (и уште играш) важна едукативна улога, преку своите емисии. Денес рокерите веќе не се „млади бунтовници“, туку повеќето се на пензионерска возраст, во седмата, осмата или дури деветата деценија од животот (Пол Макартни, Ролингстоунси…), а голем број од нив, вклучувајќи и неколку наши, се признаени како уметници. Сепак, рокенролот, освен во спорадични случаи на наставници-ентузијасти, го нема во образовниот процес. Сметаш ли дека тоа треба да се промени, и популарната музика, барем онаа за која постои општа согласност дека поседува квалитет, да стане дел од училишната настава?
Наместо прашање, но за жал, не често. Занаетот се учи од мали нозе, значи од рана возраст. Се учи факултативно, но и со предизвикана љубов кон професијата, односно занаетот. Мојот пример, колку и да е болен, е соодветен. По 22 години и осум месеци минати како хонорарец во куќата на која ѝ го дадов сето создадено знаење за општо добро, не бев вработен, само затоа што го немав првиот услов – „факултетско едуцирање“. Но, кога од љубов создавате информативна база, самата таа ве упатува кон нејзиното проширување, самостојно во улогата на професор-ученик. Парадоксално, од деканатот на Факултетот за музички уметности добив покана во 2018-та, да предавам Историја на популарната музика. Прифатив, како некаква сатисфакција за своевидното омаловажување на сето оставено – над 14.000 реализирани емисии, и тоа најмалку едночасовни. И бев многу разочаран од никаквото знаење на групата (имав 54 пријавени студенти) млади луѓе, кои ги имаат сите можни информативни средства, сите можни медиуми на кои не мораат да чекаат „со недели“ за да бидат информирани. Не знаеја основни поими (чест на исклучоците), жанрови, настани, групи, и тоа модерни, сегашни, актуелни. Ги водев на концерти на Морисеј, Тексас, и редица други (благодарение на соработката со „Авалон“), за да сознаат нешто повеќе. Жнееш она што си посеал. И не мора секое зрно да из’рти посакуван плод. Нека биде такво секое десетто, стото, па резултат, во иднина ќе се наѕира. За незнаењето и неинформираноста, виновно е средното училиште, учмаеноста на системот, кој зборува за дигитализација на општеството, а не произведува кадри за времињата кои се пред нас.
Дали постои нешто поврзано со музиката што ти останало како неостварена желба?
Неколку работи. Ништо, без оглед на љубовта, посветеноста, умеењето, знаењето, не може да се оствари без финансиска подршка. Не ме бидува за менаџмент, а и уморен сум во обидите, па многу од замислените проекти не можев да ги реализирам. Пример е тв-емисијата „Б со точка“, која беше лекција како се прави добра емисија, но по короната продолжението беше невозможно. Многу концерти сум видел, на многу сум сакал да одам, жалам што не отидов на Леонард Коен во Белград. Жалам и што сочував неколку стотини снимени емисии „Диско селектор“, „Заборави ако можеш“, „Чартфајл“ и „Кавервил“, а кои не ќе можам да ѝ ги оставам на јавноста и на помладите генерации, бидејки нивното поставување на интернет терминал од кој секој би можел да ги слуша кога сака и колку сака, чини пари. Засега само барам можни спонзори. Жалам што поради тие клети пари не успеав да ја комплетирам деценијата, односно објавив само две книги со британските ТОП-40 хитови, во 1980-та и 1981-ва, а имав желба да ја завршам целата деценија. Добро, но затоа привршувам три книги, од кои една е „Така било“, мошне забавна и интересна за читање, сопствената професионална биографија и своевидна енциклопедија на светската популарна музика, која ќе им послужи на новите генерации, пред сѐ на средните училишта, но и на сите факултети, особено на музичката академија. Со едукативна цел ја отворам за првпат веб-страницата Диско селектор. За жал само толку, барем засега, иако посакував да направам голема журка на отворено, како мое финале по повод 50-годишнината од емисијата „Диско селектор“. Голема лузна пред десетина години ми остави тоа што бев изоставен од списокот на оние кои отидоа да го видат Би-би-си, како дел од соработката на Радио 2 и македонската редакција при Би-би-си. А со игра на судбината квизот кој секојдневно одеше на Радио 2 под покровителство на Би-би-си, го водев јас. Не знам од кои причини, тогашната уредничка на Радио 2 не ме вброи за одење во Би-би-си, а сонував да одам на изворот од кој пиев уште кога таа не била родена. Што е тоа во луѓето чудно…
Кога би морал од твојата огромна колекција албуми да избереш пет, како најзначајни за тебе, кои би биле тие?
Нееее…, не би можел. Јас поседувам преку еден милион записи, од сите времиња и трендови, во зависност од слободното време, ако не пишувам или снимам емисии, знам да навратам на некои постари остварувања, по рендом системот, што падне под рака. Освен хип-хоп и турбо-фолк, од сите трендови имам по некој, ама генерално. Поединечно, не би можел да се решам.
Кои концерти ги памтиш најмногу и би сакал да ти се повторат?
Чудно, сакам мали концерти, во мали простори. Како оној на Џетро тал во Кале, или такви од кои сум бесен на сопствениот народ (во музичка смисла), како оној на Џо Кокер, кога половина од салата „Борис Трајковски“ беше покриена за да не се гледа дека нема публика. А само пет дена подоцна, тој ист Џо Кокер направи извонреден концерт во Германија (не знам кој град беше), што го следеа 25.000 луѓе. А не би сакал (и да може) повторно да бидам на концертот на Еми Вајнхауз, бидејки бев на нејзниот последен, во Белград. Тажно.
Има ли пензионерски живот (класична пензија) за љубителот на музиката, за оној што го поминал животот на диџеј пултови или пред микрофонот и со слушалките на уши?
Сѐ додека ме служат гласот и очите, ќе го работам она што цел живот сум го сакал – да бидам едукатор, информатор, наратор и забавувач. Со таа разлика што сега не одговарам на секој повик. Сакам корпоративни забави, сонувам да ме викнат некаде, во некое ќоше, и да пуштам музика која мене ми е драга. Квалитетна музика, каква сум протежирал со децении низ моите емисии. Мојот ден почнува со слушалки на ушите, и завршува со нив на истото место. Горе-долу, сѐ уште сум здрав, го работам она што го сакам, семејството е околу мене, сѐ што уште би барал, би било премногу.
Миодраг Мишолиќ