Почетна КОЛУМНИ Монолог или рецитација

Монолог или рецитација

Сакате да вежбаме монолог или рецитација? – ја прашува актуелниот директор на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ својата мини литературна секција на руинираната сцена на  „Дом на пионери“ во некогашното гратче Пејтон. Секцијата, составена од ученици од неколку училишта, додека ги гледа под седиштата најновите твитови од своите врсници во светот, сака само да заврши оваа „културна лекција“ и да ги пробие што побргу одговорите на прашањата од здодевниот матурски испит.

„Народот без културно наследство најлесно се убедува!“, напишал некој Скандинавец со босанско потекло на сред час по играорно. „Ако треба да се крати од буџетот во време на криза, тогаш нема да дозволам да се крати од културата и образованието!“, се присетило на славната Черчилова изјава некое пегаво Британче.

Што да твитне генерацијата која ја памети аудицијата за монолог или рецитација на Бранко Ѓуриќ?

Еве неколку предлози:

Luxury Catering Service

„Не експериментирајте со поставување на луѓе кои водат институции за култура и уметност!“.

„Поарно за сите е првиот човек на најголемата културна установа да биде со стаж, подолг и од јазикот на Тим Дилон, во театар, кино, музеј, отколку земен од просвета, со најголем дострел – хамер во училница со неизбежните цитати на Иво Андриќ“.

„Бараме потранспарентен процес на одлучување за нашите културни институции. Сакаме да бидеме слушнати и вклучени во обликувањето на културниот феномен на нашиот град! – анонимни граѓани“.

Убави твитови, но победени од силата на „ланчани пораки за среќа“ во инбокс.

И додека СДСМ уште ги брои ѕвездите од политичкиот нокаут, а ВМРО се секира за клучните министерски позиции, сите одлуки донесени од политички назначени менаџери на важни институции, кои често немаат разбирање и ценење за уникатните културни потреби на нашиот град, може да доведат до настани кои не соодветствуваат со нашата заедница. Подемот на социјалните мрежи, кои обезбедуваат платформа за поединците колективно да изразат неодобрување и да ги мобилизираат другите да преземат акција, само делумно ја заврши својата улога. Имено, културата на откажување им овозможи на маргинализираните гласови во општеството (оние што никогаш и не виделе хамер на ѕид, камоли да го направиле) да зборуваат исклучиво за форми на дискриминација (нешто што им оди во прилог само на нив). Да појасниме: јавна тајна е дека со години наназад се работи на културата на страв, каде што луѓето се плашат да го изразат своето мислење, задушувајќи ја слободата на говор и отворениот дијалог. Исто така, сатирата и хуморот, основните белези на град како Куманово, се интерпретирани како рефлексија на динамиката на моќ од непосредните шефови во партијата, а третманот на медиумите се сведува на тоа кој обезбедил повеќе фотографии при влезот на премиерата на далеку прочуениот фестивал „Денови на комедија“. Се разбира, тука некаде е и модниот критичар (сигурно на нечиј платен список), во фоајето на Центарот за култура, кој неуморно го следи „аутфитот“ на младите раководители на сектори. Леле, па таквите лежерни мокасини не се вклопуваа во белите кошули комбинирани со патики и пунѓи „а ла Јованка Броз“ на нивните партнерки. Или на кумановски: не ти давам вечер ако не му земеш карте на директора у 11 ред. (Тамо, иначе седив само главни фаце, најчесто онија што немав појма што е театар на апсурд).

Претставниците на локалната самоуправа, од своја страна, си ја создадоа Фондацијата за култура и спорт и тоа им беше своевиден штит во обликувањето на културниот пејзаж на нашиот град. „Ми пуцамо сас тамбураши, док ви на вас још прокишњава кров на театар!“. Сеирџиски, нема што!

Прогласот на кумановци за приоритет на квалификациите на (секој еден) директор на културна институција и разбирањето на културните потреби на градот пред политичките врски, никој досега не го сфати сериозно. Формирањето на независен културен советодавен одбор составен од локални уметници, историчари на уметноста и актери, кој ќе го надгледува назначувањето на раководителите на институциите, изостана сиве овие години, чекајќи ја потребната сеопфатна културна стратегија, повеќе дури и од самиот Годо.

За кого бијат камбаните? Би биле најголеми Хомичуси ако не признаеме дека бијат за новата Влада – да не поставува директори на најважните установи по заслуга во партијата, туку луѓе кои се фасцинирале од тоа што Хемингвеј на секоја од своите четири сопруги им посветил по една книга, додека се пијанчел со еден капетан на брод, кој му подарил уникатна мачка со шест прста.

Сакате монолог или рецитација? Имате дома огледало, па вежбајте, пизда ви материна. И онака немаме посоодветно место за таков начин на изразување откога наставници глумат политичари.

За културните работи, препуштете им се на професионалните, непартиски, несуетни, независни, неустрашливи, непобедливи пред буџетски ребаланси – луѓе од шанк кои пиеле кафе со Петар Божовиќ и не се срамеле да признаат дека уметноста на живеењето, макар и на кредит, е рата за црвот што живее под штиците кои толку многу ни значат.

Р.П.