„Доколку не се преземат клучни чекори во делот на образовниот процес, а пред сè на воспоставување на функционален систем во државата, тогаш можам да констатирам дека допрва ќе се отселуваат и одличните ученици и препишувачите и раководителите!“
Г-дине Јовановиќ, сите ние, барем еднаш во животот, сме мамеле на некој тест додека сме биле ученици и/или студенти, меѓутоа, недовербата во институциите доведе до повторно паѓање на испитот на нашата зрелост. Анализирајќи ги промените во однесувањето на матурантите, редакцијата на Плоштад констатираше дека:
колективното мамење, односно „пробивање“ на матурските тестови е само уште еден скандал за кој никој конкретно нема да понесе одговорност;
не постои начин да се заштитат резултатите на учениците кои не биле вклучени во мамењето;
Министерството за образование и наука потфрли во комуникацијата со родителите, учениците и училиштата по прашањето на севкупниот испитен систем;
Образовниот систем на Македонија, откако се отворија приватните колеџи и факултети, не поттикна култура на интегритет и чесност, туку напротив, само потсмев.
Колку се сложувате со нас и дали навистина мислите дека најдобрите ученици и онака ќе ни заминат за Германија, а препишувачите еден ден ќе станат раководители?
Најпрвин би сакал да појаснам дека јас сум вработен во Општина Куманово, како Раководител на Сектор за образование, кој делува на локално ниво. Јас не сум вработен во Министерство за образование и наука или пак некои од неговите тела. Општината како основач на основните и средните училишта функционира со пренесени надлежности од страна на МОН, т.е. процесот на децентрализација уште не е завршен. За таа цел, како Сектор за образование претставуваме директен линк или онаа врска помеѓу општинските основни и средни училишта со МОН и другите тела, со цел реализација на воспитно – образовниот процес. За да одговорам на вашето прашање од кое произлегуваат потпрашања и ваши констатации, ќе образложам детално за нашите надлежности, за начинот на полагање на државната матура, ќе дадам свое лично мислење и препораки.
Според изнесеното, можеме да констатираме дека полагањето на државната матура е предвидено согласно Законот за средно образование, а тестовите за полагање на екстерниот дел од државната матура се изработуваат од страна на Државен Испитен Центар (ДИЦ). Покрај тестовите, ДИЦ е задолжен и за изготвување на збирки, задачи и прашања, правилник за полагање на државна матура, упатство за тестатори и слично. Да потенцираме, полагањето на државна матура е задолжително само за учениците од гимназиското и четиригодишното средно стручно образование, кои сакаат да го продолжат своето образование на некој од високо образовните институции. Вкупно 866 ученици од средните општински училишта и регионалниот центар се пријавиле за полагање на државна матура за учебната 2023/24 година, 4 ученици се пријавиле за полагање на училишна матура и 316 ученици за завршен испит. Од наведеното можеме да констатираме дека постои огромен итерес кај учениците за полагање на државна матура, која во целост е во надлежност на ДИЦ и МОН. Веќе заврши полагањето на првиот испит по македонски јазик и литература и мајчин јазик за националности, од екстерниот дел на државната матура. Од оваа година за прв пат учениците наместо да полагаат во училниците како што беше пракса до сега, учениците полагаа во холовите на училиштата или во училишните спортски сали, со цел да се спречи како што велите „мамењето“ или препишувањето од страна на учениците. За непречено одвивање на процесот на полагање на екстерниот дел од државната матура покрај номинираниот претставник од ДИЦ, за набљудување на текот на полагањето се ангажирани наставници кои имаат улога на тестатори. Тестатори се тие кои треба да внимаваат на учениците за да истите не препишуваат и за тоа се изготвени правилници, упатства и протоколи за спроведување на екстерниот дел.
Во тој контекст, сакам да истакнам дека воопшто не сум изненаден од фактот со кој излегоа медиумите, дека наводно учениците препишувале за време на полагањето на мајчиниот јазик од екстерниот дел од државната матура и дека тестот бил пробиен. Прво, доколку тоа е така, тогаш треба да се покрене истрага од страна на надлежните органи, како е дојдено до пробивање на тестовите и како учениците препишувале. Во врска со ова, како Раководител на Сектор за образование не сакам да изнесувам непроверени информации и наводни шпекулации, се до оној момент додека не се утврдат пропустите кои се направени, а за истите се утврди и одговорност. Тоа лесно ќе се констатира при излегување на резулататите од тестот по македонски јазик и литература и мајчин јазик за националности. Само сакам да потенцирам дека воопшто не треба да ве чуди снаодливоста на поедините ученици. Видете, учениците се на чекор пред нас во однос на користење на смарт уредите, социјалните мрежи и другата информатичка технологија. Технологијата си напредува, а учениците исто така се во тренд со неа. Па според тоа како, каде и кој го има пробиено тестот или пак се служел со мамење оставам да утврдат надлежните институции и доколку се докаже дека тоа е навистина така, тогаш треба веднаш да се поднесе одговорност од страна на сторителот или сторителите. Инаку, вака само останува на тоа дека е шпекулација, или пак спинување со цел добивање на некакви поени. Моето лично видување за оваа ситуација ќе си го задржам само за мене, бидејќи јас не сум компетентен да коментирам и шпекулирам, без претходно да бидат изнесени факти и докази. До ден денес, како Сектор за образование немаме добиено никаква информација од прва рака за овој случај, ниту пак сме повикани по ниеден основ. Како Раководител на Сектор за образование, се држам строго до законските прописи и не сакам со своите ставови и мислење да го попречувам процесот на истрагата, доколку истата биде покрената.
Во текот на вчерашниот ден ДИЦ излезе со соопштение дека за во иднина треба да се размислува да се постават „блокатори“ на мрежниот сигнал на паметните уреди, со што би се спречило наводно препишување од групи креирани на социјалните мрежи, како што тврдат тие. Секако дека ја подржувам оваа препорака, иако истата за да се стави во функција потребно е законска измена и набавка на соодветна апаратура. Доколку дојде до ова, би препорачал финансискиот товар да го понесе ресорното министерство, а не како што беше пракса до сега за капитални проекти да се задолжуваат општините. Уште би додал, доколку ова е еден од начините за контрола, тогаш истиот да биде инсталиран и во другите установи како што се високото образованите институции, основните училишта и АА.
Во принцип, многу ретко упатувам критики, доколку немам да понудам некое решение. Затоа јас сметам доколку навистина сакаме да ги смениме работите на подобро и на површина да излезе квалитет а не квантитет, тогаш не треба да се експериментира со еден од најважните столбови на општеството – образованието. Прво, за да нешто смениме треба да тргнеме од промена на законската регулатива и тоа од онаму каде што се репродуцира кадар кој треба понатаму да едуцира ученици – високото образование. Истиот да се заснова на реалните потреби на пазарот на трудот и инклузивното образование кое веќе стартува од оваа учебна година во основните училишта. Надлежност за ова секако има законадавниот дом. Во законската регулатива за основните и средните училишта задолжително да се вметне полагање на приемен испит за упис во средното училиште и приемен испит за упис на некој од факултетите. Нешто што беше позитивен пример од времето кога ние се запишувавме во средните училишта, а подоцна и на високо образование. На тој начин точно ќе се исфилтрираат учениците кои се подготвени да го продолжат своето образование. Потоа, бришење на задолжително средно образование за сите ученици, бидејќи на тој начин се губат критериумите во средното образование. Паралелено на тоа, да се изработат наставни планови и програми прилагодени согласно возраста на учениците, со акцент на методологијата на описменување на учениците, започнувајќи со печатен учебник – буквар. Доколку сметаме дека учениците учат за знаење а не за нумеричка оценка со која се вреднува трудот, тогаш тоа да го оставиме да го работат на наставниците, а учениците да се борат за совладување на нови знаења и вештини. Доколку посакувуваме учениците да учат за самите себе, да ги оставиме сите канали и врски до секој оној наставник, дека мора ученикот да биде оценет по секоја цена со оценка одличен (5). Бадијала се сите петки кога учениците ни заостануваат во однос на нивните врснци од регионот. Тоа го говорат и резулататите од неодамнешното спроведено меѓународно тестирање преку ПИСА и ПИРЛС.
Доколку не се преземат клучни чекори во делот на образовниот процес, а пред сè на воспоставување на функционален систем во државата, тогаш можам да констатирам дека допрва ќе се отселуваат и одличните ученици и препишувачите и раководителите.
Александар Јовановиќ
Раководител на Сектор за образование во Општина Куманово