Почетна МЕГАФОН „СДСМ, прво опоравете се од нокаутот, а потоа избирајте лидер(ка)“

„СДСМ, прво опоравете се од нокаутот, а потоа избирајте лидер(ка)“

Од тоа што го читам од некои членови и симпатизери на СДСМ добивам впечаток дека тие не ја сфаќаат во целост тежината на состојбата во која се наоѓа нивната партија. А, најапсурдното од сѐ е лицитирањето со имиња за „нов(а) лидер(ка)“.
Луѓе, каква Славјанка, каков Филипче, каков Деспотовски или било кој друг во овој момент? Практично сите што се спомнуваат беа дел од екипата која го доживеа изборниот дебакл, и сега, очекувате тие да ја „поведат партијата кон враќање на старите позиции“?
СДСМ во моментов е како оние боксери кои биле нокаутирани од Џервонте Дејвис, на начин што требало десет минути за да ги подигнат од подот и да ги сместат на столче, па уште 15 минути за да ги застанат на нозе, за колку толку самостојно да излезат од рингот. Со агрономска метафора кажано на СДСМ сега му треба „длабоко орање, и засевање само детелина и луцерка“. Сето друго – подоцна. Тоа значи, на претстојниот конгрес избор на некакво колективно тело кое во следните шест до 12 месеци ќе ја поврати партијата од нокаутот, па тогаш, со доста постудена глава да изберат лидер или лидерка, кој ќе има барем шест месеци да ја подготви партијата за локалните избори во октомври 2025-та, што би требало да биде големото враќање.
Сега, водење „политичка борба“, во услови кога веројатно и некои од оние 18 пратеници од нивната листа ќе почнат (некои веќе почна) да „делуваат независно“, е тотален апсурд. Во следните најмалку две години ВМРО ДПМНЕ ќе прави што сака, и повеќе ќе може да го спречи неговото самоволие јавноста (каква-таква), и странскиот фактор, отколку „најголемата опозициска партија“. Таа е сега таков реконвалесцент, што прво мора да се опорави, па потоа да дејствува. А тоа опоравување не може да се случи само на еден конгрес.
Затоа, мојата препорака како некој кој не сака да има ништо со таа партија (ваква каква што се покажа досега), но во исто време го сфаќа нејзиното значење за Македонија како единствената политичка сила, која сѐ уште му одолева на десниот екстремизам (за разлика од Левица, ЗНАМ и некои други „нови“), е:
НЕ БРЗАЈТЕ. ПОРАЗОТ НЕ МОЖЕТЕ ДА ГО АНУЛИРАТЕ НАЈМАЛКУ ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ. НИКАКО НЕ МОЖЕТЕ. ПРВО СРЕДЕТЕ СИ ГИ РАБОТИТЕ ВО СВОИТЕ ГЛАВИ, ПА ПОТОА ИЗБИРАЈТЕ РАКОВОДСТВО НА ПАРТИЈАТА, И ПРАВЕТЕ ПЛАН ЗА ПОИНАКВИ ИЗБОРНИ РЕЗУЛТАТИ. СЕ РАЗБИРА, КОНЕЧНО СО СФАЌАЊЕ ЗОШТО ТОЛКУ БРГУ СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ГЛАСАЧИ СЕ РАЗОЧАРУВААТ ОД ВАС И ВИ ГО ВРТАТ ГРБОТ. А НЕ СЕ ВМРОВЦИ. ВО ПРВАТА ГОДИНА ТОА ТРЕБА ДА ГО ДЕФИНИРАТЕ. МНОГУ Е ПОВАЖНО ОТКОЛКУ СЕГА ДА ИЗБЕРЕТЕ „ЛИДЕР“.
Миодраг Мишолиќ
Luxury Catering Service