Почетна СТАВ Нека послужи како потсетник

Нека послужи како потсетник

„Само со ваква сеопфатна победа може да бидеме слободни, ние и нашите земји, од стравот и заканата на нацистичката тиранија“ – редови од оригиналното писмо на врховниот командант Ајзенхауер испратено до трупите на „Денот Д“ во Нормандија, 1944 г. 

Да го замислиме само за момент незамисливото:

Во глуво доба на ноќта, во темница, седите во студен, неудобен метален авион, ве тресат турбуленции, бучавата од моторите ви ги повредува ушите, вашиот најдобар пријател седи до вас и повраќа, познаникот од карши се обидува да напише порака со скршен молив, неговиот другар седи и гледа во празно. Од вашата лева и десна страна, насекаде пријатели, секој во својот свет, а со исто прашање: дали дојде мојот последен ден?

Luxury Catering Service

Или, десантно возило, каде склопчени на подот, не можете да мислите на ништо друго освен на своето семејство, својата љубов, децата и – стравот од она што неизбежно ве чека во моментот кога ќе се отворат металните врати низ кои морате, а можеби и нема да успеете да поминете. Вашите пријатели и познаници, раме до раме со вас, поминуваат низ истиот ужас. Исто како вас, си го замислуваат траорот што е пореален од неминовната стварност на крајот од вашиот животен пат. Прв пат во животот чувствувате и знаете дека сте смртни. И јасно се сеќавате дека ова утро се разбудивте живи, но почнувате да се прашувате дали сте веќе на прагот на пеколот.

Затоа што, одеднаш, околу вас започнува галама што никогаш претходно не сте ја чуле, ниту сте можеле да ја замислите. Експлозии од противавионска артилерија, гранати и минофрлачи, куршуми и шрапнели ја пробиваат тенката обвивка на авионот, се одбиваат од челикот на десантното возило. Пријателот покрај вас паѓа безгласно, познаникот пред вас затреперува од куршумот и вреска од болка, јасно го слушате фиучењето на секој куршум што пролетува покрај вашите уши, гледајќи ги запалените авиони што паѓаат од небото, чамците и луѓето кои разнесени летаат во воздух. Сфаќате дека ниту една обука не би можела да ве подготви на тоа низ што мора да поминете. Скокате со верба дека вашиот падобран ќе го помине баражот и дека успешно ќе атерирате некаде, каде што можеби постои штит од металната бура која шиба околу вас; поминувате низ металната врата и скокате во вода и – едноставно, веќе не мислите на ништо. Едноставно, само битисувате, свесни дека една секунда може да трае цел живот, а дека тој живот вреди колку тежината на металот што лети токму накај вас.

Некој во миг ќе помисли: ах, па сме ги гледале тие филмови, што па овој тука дрдори.

Да. Сме ги гледале тие филмови. Херои јуришаа на бетонски препреки, лазеа низ крвава кал, ја собираа расфрланата опрема, освојуваа неосвоиви тврдини, непоколебливи и неустрашиви, бла, бла, бла. Да, филмови: играни и документарни. Гледани до таа мерка што постанавме неосетливи, дури почнаа и да нè нервираат, „ни да нè такну“. Приспособени сме историјата да ја набљудуваме лишена од човечност и, да признаеме, со движење на прст ја отстрануваме содржината од десетинката на екранот што нè потсетува на неа.

Денеска замислувам како било на 6 јуни 1944 година, на бреговите на Северна Франција. Се обидувам да го замислам погледот на секој од тие 200 илјади војници кои учествувале во операцијата „Overlord“. И поглед на секого „од другата страна“, кој ја гледа армадата што доаѓа и кој знае дека не постои ни бункер ни ров што може да ја сопре. Поглед на жив човек кој се соочува со можен крај на својот живот и истовремена надеж и уверување дека сè што прави, не прави за никаков идеал или блескава идеја, туку дека тоа го прави за сигурност и ветување за живот некому кој е стварен, драг и сакан, некаде доволно далеку од ужасот.

Попатно се сеќавам. Многу добро. На секој фиук од куршум покрај главата. На секоја минофрлачка граната што ме одминала. На секој пријател кого веќе не сум го видел. На секое семејство кое до ден денес не соблекува црнина. На секое дете кое пораснало без родители.

Дури и кога би можел, не би сакал да заборавам.

Бидејќи живееме на простори кои како да се проколнати: тука се чини дека е невозможно да се проживее еден човечки живот без колеж. Прадедовците војуваа против прадедовци, дедовците против дедовци, татковци против татковци, ние против вас и вие против нас. И сите секогаш со иста вера – дека нашите деца не би војувале едни против други.

И така, со длабока почит кон секое човечко суштество кое го преживело Денот „Д“, се надевам и верувам дека „нашиот“ последен пат сепак не беше залуден. Дека конечно беше доста. Или…?

Дарко Даутовиќ