ЗЕН – уметноста на едноставното живеење од Шунмио Масуно
Далечниот исток денес ни се чини се поблизок и поблизок, и не само од сите преведени книги кои може да се најдат, туку и по самата свесност на човекот кој се повеќе и повеќе трага по тајните на едноставниот, долговечен, здрав и исполнет живот.
Кој не би сакал да научи како длабоко да издишува за да ги исфрли негативните емоции, или како едноставно да го уредувате вашиот дом, се со цел помалку да им робувате на предметите, но и уште поважно – да ги расчистите вашите мисли, како секоја вечер да ги подредувате обувките – за да внесете ред во умот, како да засадите цвеќе и да го следите неговото растење, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта…
Книгата се состои од лесни, јасни и практични 100 лекции за секој нов ден од познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно, кој евоцира мудрост стара со векови, за да ви помогне и да ви покаже како зен-будизмот да го применувате во модерниот начин на живеење.
Една од лекциите е и следнава: “Што и да правите, најтешкиот дел е само да продолжите”
“Тоа што го правам сега е мојот вистински повик!”, но за жал, многу побројни се оние кои велат: “Дали ова е вистинската работа за мене?” И така, трагаме секогаш по нешто ново, нешто повозбудливо, нешто во што мислиме дека ќе се пронајдеме и ќе бидеме посреќни, но всушност, умешноста и уметноста се кријат во повторувањето и во упорноста.
Зен-монасите секое утро се будат рано и повторуваат еден ист редослед на активности во текот на целиот ден. Лекцијата која е потребно да се научи и да се извлече е токму во повторливоста на работите, односно, да се остане присутен секој нов ден – повторувајчи исти работи одново и одново, наместо да се препуштиме на авто-пилот.
Многу често знаеме да западнеме во замката и да се споредуваме со другите, да завидуваме и да западнеме дури и во депресија за талентите кои ние не ги поседуваме, но, во една конечна смисла, во повторливоста на работата што ни соодветствува, навистина може да се пронајде задоволство.
Дали ова ви звучи возможно и привлечно?
Продолжете со читање на останатите 99 лекции секојдневно…
Книгата е достапна во кафе-книжарница Букси.
Марија Колевски, сопственичка на книжарница „Букси“ во Куманово.