Ризница од човек – Драган Јаким и неговата азбука
Професорот Драган Јаким не е обичен професор.Неговата истражувачка душа оди дотаму што постојано иницира промотивни настани за сочувување на историското културно наследство на регионов.Неуморен е и на музички
план. Без него фестивалите „Тумба фест“ и „Распеано детство“, едноставно не би ја имале таа енергија.
А
Аушвиц – Симболично мојот револт кон судбината на еден цел народ-Еврејскиот го носам како автентична тетоважа со бројки – исти онакви какви што ги тетовирале во логорот на смртта
Б
Бијело Дугме – Рок група со која растеа голем број на генерации – Пораките во голем број на нивни песни беа авангардни за тоа време –
В
Винил – Многу убава музика се слушаше кога беа актуелни лонг-плеј плочите, негувањето на оваа традиција се враќа и тоа ме радува
Г
Гете – Јохан Волфганг Гете – Ако некој сеуште не го прочитал Фауст, треба да го стори тоа, големо дело на еден голем писател
Д
Дарвин – Чарлс Дарвин – и неговото потекло на видовите, во поново време од многумина оспорувано, но, којзнае.
Ѓ
Ѓе-Ѓе – Во чест на Ѓорѓи Ѓоргиовски од Ресен, човек – интелектуалец, писател, поет, хуманитарец, задоволство беше да запознаеш една таква величина од човек
Е
Еманципација – Збор кој секојдневно го слушаме, особено од политичарите, а парадоксот е во тоа што веќе длабоко сме навлезени во 21 век, затоа кога ќе слушнете еманципација, веднаш знаете дека тука има некоја нечесна намера
Ж
Живот –Треба да се стремиме во животот да оставиме добри дела зад себе, а тоа се прави секојдневно од причина што никогаш не можеме да бидеме сигурни колку време ќе трае нашиот живот
З
Забава – Сè што работиме, сè што правиме, сѐ со што се занимаваме треба да се трудиме да го правиме забавувајќи се, полесно ќе ги совладуваме предизвиците
Ѕ
Ѕид – Не само границите помеѓу државите, туку и сите ѕидови кои ги разделуваат луѓето не треба да постојат – да ги срушиме ѕидовите!
И
Идол – Сите ние имаме свои идоли со кои се поистоветуваме, но, сепак, секој од нас треба да биде личност за себе
Ј
Југославија – Беше тоа навистина држава во која имаше достоинство кое со време го имаме сè помалку и помалку
К
Куманово – Гордост е да си кумановец, гордост е да работиш, придонесуваш, потенцијалот со кој располагаш да не го штедиш во стварање на услови за подобар живот во својот роден град
Л
Леснотија – Им се восхитувам на луѓето кои со леснотија создаваат вредни дела
Љ
Љубов – Милиони дефиниции, а сепак премалку разбран збор
М
Македонија – Ајде сите заедно да си ја направиме пристојно место за живеење, а можеме.
Н
Некогаш – Ајде да престанеме да живееме во минатото, ајде да градиме иднина во која поубаво ќе живееме!
Њ
Његош – Мудрост, храброст, достоинство, лидерство, уште многу треба да учиме, уште многу.
О
Обврски – Како ги извршуваме своите обврски, тоа многу покажува за природата на нашата личност
П
Пораз – Паметниот човек од поразите во животот извлекува силни пораки, и станува посилна личност
Р
Ризница – Богатство – Во нашето здружение Ризница копаме по историското културно наследство на североисточниот регион, колку богатство ни имаат оставено нашите предци никогаш нема да дознаеме
С
Стрес – Состојба во која често се наоѓаме, извор на сите болести кои допираат до човекот. Како до помалку стрес – секојдневна борба на човекот
Т
Титула – Во денешново време, трчањето на луѓето по титулисамо допринесува до нивно назадување во вредностите кои треба да ги има како човек
Ќ
Ќумур – Се присетив на детството и на греење со ќумур, но и играњето по улици преправени во каубојци и индијанци, убави времиња
У
Успех – Што е тоа успех, може ли повеќе, може ли подалеку, може ли … многу често се оптоваруваме да бидеме поуспешни, колку е тоа исправно – којзнае
Ф
Филибастеринг – Премногу често го употребуваат нашиве пратеници, премногу често сме жртви на политичко насилство, премногу често државата ни е нефункционална
Х
Хаос –Повторно и повторно не можам а да не ја споменам политиката – пречесто се наоѓаме во невиден хаос во нормално функционирање на државата – а колку едноставно би било кога би имале нормална комуникација, чудни некои времиња!
Ц
Цел – Поставување на одредени цели и стремежот да се постигнат истите е одлика на човекот кој сака да постигне нешто во животот
Ч
Човек – За жал живееме во време кога е најтешко да бидеш Човек. А толку е едноставно
Џ
Џагор – Доживеав еден позитивен џагор на дечињата кои присуствуваа на Фестивалот на детска песна ,,Распеано Детство,, беше прекрасно да се слуша тој џагор предизвикан од една навистина прекрасна атмосфера која се случуваше на овој фестивал. Ни требаат вакви манифестации каде најмалите ќе се чувствуваат среќни.
Ш
Школо – Место каде што се образуваме, каде што се стекнуваме со неопходни знаења, можеме уште многу да работиме во насока на поквалитетно образование, тука е почетокот.