Петок и сабота, поточно на 14 и 15 јуни, во Куманово ќе се одржи четвртиот по ред меѓународен меморијален боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, во чест на ова прославено тренерско боксерско име.
Празник на боксот и ревија на најдобрите боксерски имиња од Европа, каде ќе настапат боксери од Италија, Турција, Австрија, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Романија, Полска и секако Македонија.
Петок, на програмата ќе бидат полуфиналните борби, додека во сабота е закажано финалето, како и доделувањето на пехарите и медалите за најдобрите за оваа година.
Турнирот ќе се одржи во спортската сала на средното економско училиште „Перо Наков“ во Куманово со првиот удар на гонгот во 15 часот. Нека биде фер во рингот и нека се слави името на Мирослав Петровиќ!