Почетна МОИ НОВИНАРСКИ ЦРТИЧКИ Мои новинарски цртички (1)

Мои новинарски цртички (1)

Бразилското ехо во Берлинската железничка станица

Во мојата речиси 30-годишна новинарска кариера имав можност да присуствувам на значајни, а и интересни настани, да бидам во друштво или во близина на славни личности, да доживеам работи кои би сакал да ми се повторат, но и такви кои никако не би сакал да ми се повторат. Во следните неколку недели ќе опишам во кратки црти некои од нив.

Пишува:

Миодраг Мишолиќ

За неколку европски градови велам на шега дека толку добро ги познавам што би можел да бидам туристички водич таму. Еден од нив е Берлин. Го имам крстосувано од едниот до другиот крај, и пеш, и со сите средства на јавниот превоз, а најмногу со нивните брзи градски возови, познати како S-Bahn и U-Bahn. Најрационално е да си купиш неделен или месечен билет за сите зони (ги има три), и немаш ограничување: од Биздорф до Потсдам, односно каде сакаш во најшироките градски граници.

Luxury Catering Service

Во 2006 година отидов во Берлин на Светското првенство во фудбал, да ја почувствувам атмосферата на едно така големо спортско натпреварување. Уште повеќе што имав можност да присуствувам на мечот Бразил – Хрватска, на Олимпискиот стадион. Се разбира, целиот град уште од утрото беше во знак на фудбалот, обоен во жолто-зелените и во црвено-белите тонови. На сите страни дресови, капи, шалови, очила за сонце во боја и уште десетици разни сувенири. Како посебна атракција имаше дури и девојки „облечени“ само во боди-пејнт (body-paint), во боите на разни репрезентации.

На прв поглед се чинеше дека има многу повеќе хрватски отколку бразилски навивачи. Тоа е и логично да се претпостави: Хрватска е блиску до Германија, а и многу Хрвати живеат постојано во Берлин или во некој друг германски град. Кога јас се качив на S-Bahn на станицата кај Александер плац (центарот на Берлин) изгледаше дека најмалку 80 отсто од оние што одат кон стадионот се во коцкасти дресови. Мислев дека така ќе биде до излегувањето од возот. Но, како што поминуваа станиците, сѐ повеќе влегуваа луѓе со жолти, односно жолто-зелени маици. Кога конечно стигнавме на станицата каде што е Олимпискиот стадион, односот на силите беше 50:50.

И сега она поради што ја раскажувам оваа приказна. Но, прво на кратко да го опишам местото. Без оглед што возовите S-Bahn најчесто одат над земја, страниците се во најголемиот број покриени, односно затворени. Или се под земја, или се на некоја изградена платформа од каде за да излезеш на улица, треба да се качиш по некои скали, или да се симнеш по скали. Во случајов треба да се качиш, за да излезеш кај стадионот.

Тука се случува незаборавното.  Уште во градот, па и во возот, си правеа навивачите пријателски „провокации“ едни на други. Ќе му се внесе Хрват на Бразилец во лице, и му вика: „Хрватска, Хрватска“, па потоа овој ќе му возврати на истиот начин со „Бразил, Бразил“, по што ќе се насмеат двајцата, и ќе продолжи секој по својот пат. Сега, кога се симнавме од возот, и влеговме во затворениот дел каде што се скалите, двете групи составени од по неколку стотини луѓе почнаа да го скандираат името на својата земја. Во почетокот се слушаа рамноправно двете имиња. Петнаесеттина секунди. Потоа почна да доминира „Braasiiil, Braasiiil…“ до тој степен, што Хрватите целосно замолчеа, и се слушаше само песната на Бразилците. Бидејќи просторот беше затворен и ехото доаѓаше од многу блиску, се создаде чувство какво ретко се доживува. Ти поминуваат морници по кожата, те преплавуваат бранови на топлина, чувствуваш и егзотика, и меланхолија, и силна енергија…, сѐ во исто време. Сум присуствувал на концерти, и надвор од Македонија, на големи музички ѕвезди, каде имало фантастично озвучување: Металика, Тина Тарнер, Мајкл Џексон, Стинг, Тото, Стиви Ваи…, но никогаш немам доживеано толку убав звук, како во таа акустична берлинска железничка станица, со песната на бразилските фудбалски навивачи.