Почетна НЕШТО УБАВО Чудесни творби во комплицирана техника од бакар – Поп Вински Мирослав, заслужено...

Чудесни творби во комплицирана техника од бакар – Поп Вински Мирослав, заслужено и опуштено на Плоштад

Југословенскиот „Јеж“ го открива неговиот талент, Моме Чаге го стимулира, а тој, Мирослав Поп Вински, останува доследен на својата дарба и изработува величествени бакарни орнаменти и икони!

Едно попладне, кое по сите параметри требаше да биде пролетно, а не пеколно жешко, отидов на гости кај драги луѓе, џезери, кои сеуште ги паметат моите радио емисии, да видам како тече процесот на изработка на орнаменти и икони од бакар и друг тежок за набавка репро-материјал. Како да не беше доволна врелината на асфалтот дотаму, па од влезот на еден голем апартмански комплекс ме дочека и смрдеата од неисфрлениот смет пред многу влезни врати. Мравките како да беа пошле на Сремски фронт.

Направив ментална забелешка дека ќе посветам цел фељтон на станарските права, но и должности, со посебен осврт на ликот на Слободан Михајловиќ Боб, одигран од Бора Тодоровиќ во „Вруќ ветар“. Кога влегов во свежото и чисто ателје-живеалиште на Мирослав Поп Вински, заборавив на тоа до каде ли ќе се пробиваат црвените армии од мравки и останав без зборови, што многу ретко се случува.

Крсно име Мирослав, а Поп Вински по својот дедо кој благословијата ја ширел во областа околу с. Винце во време на строгиот комунизам, своите уметнички дела ги прави и спонтано и кога треба – по нарачка. Во меѓувреме помага на синот во семејниот ресторан за здрава храна и на својата сопруга, кога треба да се спржи праз или блитва за нејзините единствени пити, печени во фурна, додека таа ги чува внуците. Ви реков, многу убаво и нормално семејство.

Luxury Catering Service

Неговите први цртежи на времето се објавени во култното југословенско списание за карикатура „Јеж“, а покојниот професор по ликовна уметност и наш голем уметник, Момчило Аврамовски, го наговарал долго време да студира уметност и да не си го „расипува“ својот талент, работејќи по фабрики. Родителите во тоа време не гледале баш со благонаклоност на студиите по ниеден вид уметност. И сега, додуша, повеќе би се одобрила одлуката синот да биде инженер, отколку балетан. Такви смо. Серт Мемет људи.

И така, Мирослав Поп Вински, паралелно со работата во ФЗЦ, до ден денеска, не откажувајќи се од својата пасија, изработува чудесни творби во комплицирана за работа техника. Најважно од сè, вели, е да се наоѓа бакар и да биде инспириран. Сликата/икона што се добива како финален производ може да биде збогатена и со ореол од бои и да биде доволно „тешка“ за да го краси аголот на било која просторија оти е наполнета со смола. Нема ништо фушерај во изработката на Вински. Понекогаш, во налет на идеи, се буди во сред ноќ, го отвара фрижидерот да си направи салата и почнува да моделира, длаби, тивко со длетото да не ја разбуди својата Јасмина, да делка контури од некој светител, додека слуша музика и попогледнува од осмиот кат да се осигура дека панорамата на Куманово го бодри и крепи до првите мугри.

Имал самостојна изложба во Центарот за култура, пред која дискретно му било укажано дека не е пожелно да ги донесе делата со сонцето, односно Аргеадската ѕвезда од с. Кутлеш. Но, тој е свесен дека функционерските позиции од кои потекнуваат такви дрски насоки, дури и кон уметниците, не се трајни вредности. Единствено трајно е повикот од млади луѓе кои често му се јавуваат: чичо Мире, кум сам биднаја у цркву, направи ми икону сас лик на Св. Ксенију, јуродиву петроградску, да ни ги штити куќе и фамилије. Нестрплива омладина, сака за кусо време да бидне кумување. Една икона се прави понекогаш и повеќе од месец дена. Тоа е цела една приказна, преку духовно преиспитување, реално очекување, вонтелесна возбуда, непотребни сомнежи, непроспиени ноќи, огромна посветеност – потпишана со љубов за идните македонски поколенија. Останува на нас кога ќе го сретнеме да му се заблагодариме од срце што мисли на нас во најубавата христијанска смисла под олтарот на среќата.

Р.П.