Почетна НЕШТО УБАВО Запознајте го Теодор Ивановски, ученик на генерација од ООУ „Браќа Миладиновци“

Запознајте го Теодор Ивановски, ученик на генерација од ООУ „Браќа Миладиновци“

Многу пофалници, многу награди, признанија. И тоа не само по омилениот предмет – хемија, туку и по италијански јазик и својата најголема љубов –фудбалот. Какво прекрасно дете! Колку спретно ја врти темата од себе, не сакајќи да зборува за своите постигнувања! Се обидов со друг пристап. За кого ќе навиваш на Европското првенство во фудбал Тео?…

Со само 15 години, нaполнети скоро, на седми јуни, Теодор Ивановски е веќе пример за тоа како треба да се однесува еден полу-матурант. Срамежливоста и љубопитноста во неговиот поглед нè пречекаа пред наставничката канцеларија на „изгорена школа“, пред која мудриот директор Јасмина Спасовска, во договор со неговиот класен раководител, Анета Давидовска Станојковска, му рекле да чека оти ќе му приредат изненадување.

Теодор се смешка кога се претставивме дека сме од Плоштад редакција. Децата знаат сè. Само се разликуваат во тоа што различно ни покажуваат дали сме „провалени“ во нашиот обид да ги изненадиме. Седнавме во медијатеката на училиштето, без дебели тефтери што потсетуваат на дневници, објективи и претенциозни пози за фотографирање. Во неговите очи се видов себеси како голтам кнедли пред табла, на часовите по хемија што многу одамна во истото училиште ги држеше неповторливата професорка Раче. Крвта навистина не е вода. Теодор е нејзин внук, ме погодува ова спознание во моментот кога тој почнува да зборува за хемија, за формули, лабораториски експерименти и научно истражување. Многу пофалници, многу награди, признанија. И тоа не само по омилениот предмет – хемија, туку и по италијански јазик и подеднакво сите останати предмети, без запоставување на својата најголема љубов – фудбалот. Какво прекрасно дете! Колку спретно ја врти темата од себе, не сакајќи да зборува за своите постигнувања! Се обидов со друг пристап. За кого ќе навиваш на Европското првенство во фудбал Тео? – „Па, за Србија, но морам да кажам дека поради мојот идол, Роналдо, потајно ќе се надевам дека Португалија ќе победи.“

Luxury Catering Service

Попогледнува во својата класна, наставник по хемија, се разбира, барајќи тивко одобрување дали е „оукеј“ да се премине на воншколски теми. Таа е горда што го имала во своето одделение, истакнувајќи дека и неговите соученици се вредни и исклучително бистри деца. Теодор се сложува и веднаш ја споменува својата учителка, Емилија Николовска, без која, вели, не би го постигнал вака успешно балансот меѓу науката и спортот. И пак му се црвенеат образите од тоа што не сака да се прави важен. Не сака да биде „golden boy“, не му текнува веднаш кога го компарираме со Бон Џови, алудирајќи на тоа дека е хуман како него и дека личи на рокер. „Ама, јас слушам и современа музика, се бунтува овој мал генијалец, единствено не можам да слушам додека учам!“ Сфаќам дека не сака да се истакнува како поединец и дека многу му значи да биде тимски играч. Сака да ги спомене своите родители, кои никогаш не му вршеле притисок за постигнување на одличен успех, туку му ја пренеле најважната животна лекција: во училиште се оди да се научи како да се учат суштествените работи. Не мора петки, само да се развие страст и интерес за одредена област и трудољубивост. Тој црвенее, тие го обелиле образот. Ефективното менаџирање со времето, фокусирањето, поддршката од своите најблиски и наставниците и соучениците, за Теодор Ивановски се најважната формула што ја има совладано уште од најрана возраст. Етика, природна смисла за лидерство, начинот на кој ги инспирира сите другари, без разлика дали тоа е подучување по хемија или охрабрување на спортски терен – го прават пример за ученици од сите возрасти. Нешто што ќе биде добредојдено во кумановската гимназија.

Не оди во странство, Теодор, ми се идеше да вреснам.

Бидни научник, атлетичар или фудбалер, сестран млад човек, кој ќе ја направи потребната разлика во светот преку иновации и медали, но од дома. Остани и биди она што си, бидејќи твојата тинејџерска приказна е толку нормална, што наликува на насушно потребно равенство од два атома на водород и еден атом на кислород.

Р.П.