Овогодинешниве ископувања кои НУ Музеј Куманово успешно ги спроведе на локалитеттот Градиште во Мл. Нагоричане, се одвиваа 4 недели и беа концентрирани на страничните простории на големиот резиденцијален објект (претпоставената палата) од крајот на 4 век пр.н.е.
Едната просторија е откриена покрај големиот канал за вода, и веројатно е користена како складиште. На стабилната подлога од набиена земја, варовник и глина, биле ископани јами во кои биле поставени складишни садови, најчесто питоси, но и амфори. Во тој простор беше пронајдена амфората за вино со печат од островот Тасос, датирана кон крајот на 4 век. Тука, исто така , пронајдовме фрагменти на уште неколку печатени садови, меѓу кои и монограм (на владетел, производител или град) кој за сега е неидентификуван и без идентични паралели, како и печат од прстен со детална претстава на орел, аплицирана на помал складишен сад. Мотивот на орел е особено чест во нумизматиката на македонските кралеви почнувајќи од Александар III Македонски, а доминира во претставите на последниот македонски крал Персеј.
И двете претстави за сега се уникатни, а треба да напоменеме и дека принципот на украсување на садови преку отпечаток од прстен во хеленистичкиот период е исклучително редок начин на украсување, кој се јавува само во развиените производни центри.
Исто така, пронајдени се фрагменти од устие на питоси, на кои има изгравирано букви кои веројатно го следат грчкиот метрички систем за означување на количина и волумен.
Иако, се работи за пропратна просторија во која не се живеело, и тука, како и во изминатите години, пронајдовме траги од украсени ѕидови со боел малтер, во вообичаената хроматика од македонските градови на југ.
Во секој случај, пронајдоците повторно недвосмислено покажуваат дека оној која ја користел градбата целосно го адаптирал медитеранскиот начин на живеење во неидентификуваната тврдина на ридот покрај реката Пчиња.
Втората откриена просторија не била користена за живеење, односно претставува помошна просторија делумно вклесана во карпа. Сепак, откриените слоеви во неа се покажаа неверојатно важни за нас и за првпат со сигурност ни покажаа дека постои понов слој на живеење врз спалената градба, со материјална култура која е очигледно многу попримитивна од нивнити претходници. Можеби станува збор за живеење од периодот на келтските населувања на Балканот, по македонско-римските војни, иако се уште ги немаме откриено најтипичните показатели за келтската материјална култура.
Поради малите финансиски средства ископувањата се одвиваа во помал обем, и повторно остана простор кој треба да се доистражи за да се добие целосна слика за градбата поставена на највисокиот дел од ридот.
Паралелно со истражувањата, за првпат во археологијата кај нас, се одвиваше и проектот за документирање на локалитетот и околината со дрон LIDAR, па веруваме дека во комбинација со претходно добиените геофизички резултати од GPR скенирањето, преку употребата на модерните технологии ќе добиеме значајни сознанија за да ги планираме идните ископувања.
Ископувањата беа финансирани од страна на Министерството за култура, а раководени од Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово
Дејан Ѓорѓиевски, археолог