Кога тимот за кој навиваш откако знаеш за себе, има генерација која го освои најважниот клубски трофеј во фудбалот, Купот на европските шампиони, во составот на мојот фудбалски дрим тим се наметнува само по себе да влезат играчи кои беа дел од генерацијата која го освои трофејот што во фудбалот претставува сѐ.
1. Стеван Стојановиќ
Доволен е само еден момент за да биде мој избор, а тоа е 29 мај 1991 во Бари. Во првата серија пенали во финалето на КЕШ мали Дика го брани првиот изведен пенал на Аморосо и повеќе не мораше никогаш ништо да одбрани во животот; тоа беше сѐ што требаше да биде направено од негова страна, а не беше само тоа, неколку сезони пред тоа бранеше онака како што големи голмани го прават тоа.
2. Душко Радиновиќ
Сигурно најпотценет играч во тимот, Душко беше неуморен по десната страна, стабилен во одбраната, а во исто време опасен во нападот. Во шампионската сезона постигна 2 гола, што за играч на неговата позиција е екстра достигнување.
3. Слободан Маровиќ
Нешто слично како Душко, и Маровиќ имаше карактеристики што беа неопходни за да можат велемајсторите да играат послободно. Неуморен, лев бек кој не прекинуваше со трчања, а покрај тоа имаше и добра техника и добар центаршут.
4. Владимир Југовиќ
Југо, Југо, Југо звездино дете са друге планете, прототип на фудбалер на иднината во тоа време, имаше сѐ и многу повеќе од она што се бара за фудбалер на негова позиција: техника комбинирана со снага и можност за трчање без престанок. Потврда за неговата исклучителност е неговата кариера по „Црвена звезда“ кога продолжи да игра за врвни тимови и да ги освојува најважните трофеи.
5 . Миодраг Белодедиќ
Играч кој недостасуваше во сложувалката на тимот. Со самата своја појава во тимот донесе стабилност и смиреност. Кога Миле беше на терен сѐ изгледаше дека е под контрола и фудбалот беше наједноставна игра, либеро со одлична техника, кој пред сѐ, играше со ум.
6. Илија Најдоски
Илија громовник, човек со две срца, како планина, во вистинска смисла на зборот ставаше глава каде некој не би ставил нога. Никогаш нема да го заборавам моментот кога во првата минута против „Глазгов Ренџерс“ влета во нивниот најдобар играч Мо Џонсон и веднаш доби жолт картон и Џонсон веќе беше невидлив на теренот. Одбранбена клиника држеше во шампионската сезона.
7. Синиша Михајловиќ
Дојде на полусезоната како најскапа инвестиција во тоа време. Страшна левица, можеше да трча повеќе од што може некој да замисли. Изведување слободни удари доведени до перфекција, во исто време имаше и техника и неверојатна јачина во неговиот шут. „Баерн“ најдобро го почувствува тоа на своја кожа. И неговата кариера по „Црвена звезда“ беше на врвно ниво. И кога не беше во „Црвена звезда“ секогаш беше дел од неа, еден од најголемите звездаши. Слава му.
8. Роберт Просинечки
Велики жути беше мозок на тимот, совршена техника, незгоден дриблинг, слободни удари перфектни, компјутерски прецизни додавања и многу важна работа – играше сосема добро во дефанзива за играч на негова позиција. Доволно беше тоа што го направи кај нас, а по Звезда играше за „Реал“ и „Барса“. Беше член на славната „Чилеанска генерација“ која го освои младинското светско првенство во 1987 година.
9. Дарко Панчев
Кобра. Неподнослива леснотија на давање голови. Нестварен осет каде ќе оди топката. Техника на шут незгодна за голмани, доволно е само да се видат двата гола што ги постигна против „ПАО“ во Атина, а не беа само тие. Тука е Бари и последниот пенал што го изведе, а за кој и денеска кога го гледам ми е страв да не го промаши, ама никогаш не го промашува. Со талентот кој го поседуваше можеше многу повеќе да постигне во кариерата, ама мислам дека имаше несреќен избор на тим во тоа време.
10. Дејан Савиќевиќ
Геније, мојот најомилен играч на сите времиња, Дејо, најдобар дриблинг на сите времиња. Вонвремески талент кој иако постигна многу, според мене, можеше уште многу повеќе. Кога Дејо ќе тргнеше во дриблинг тоа беше есенција на фудбалот, уметник каков што ретко се раѓа. Лобот против Барса во финалето во КЕШ во дресот на „Милан“ е еден од најгенијалните потези во финалните натпревари во КЕШ. Сепак, за мене најдобро нешто во неговата кариера е натпреварот против „Манчестер јунајтед“ на Олд Трафорд во финалето на Суперкупот во 1991 година, кога иако изгубивме, беше нестварно каква партија одигра, буквално правеше играчите на Јунајтед да изгледаат смешни покрај него.
11. Драгиша Биниќ
Бина турбина беше играч со скромна техника, но нестварна брзина која ѝ беше неопходна на екипата и на која тешко кој играч можеше да парира. Играч со големо срце и човек кој ја држеше соблекувалната обединета.
На Европското првенство секако дека ќе навивам за Србија, но по мое мислење фаворит за освојување на првенството е Португалија, бидејќи го имаат Роналдо кој, иако е веќе при крај на кариерата, е предводник на тимот и, што е многу важно, целосно е подреден на тимот. Португалија е репрезентација која е микс од млади играчи кои се екстра квалитетни и искусни играчи, плус во најдобрите фудбалски години. Покриени се на сите позиции со по 2 квалитетни играчи; да споменам само неколку како што се Рафаел Леао, Диого Жота, Бруно Фернандес, Рубен Невес, така што со малку среќа која е неопходна на вакви турнирски натпреварувања, можат лесно да го освојат трофејот.