Почетна НЕШТО УБАВО Запознајте ја Мила Богдановиќ, ученик на генерација од ООУ „Толи Зордумис“

Запознајте ја Мила Богдановиќ, ученик на генерација од ООУ „Толи Зордумис“

Ни верува дека нема да ја прашуваме дали има симпатија, за начините на кои се препишува на тестови во денешно време, за граѓанско општество и други изборни и неизборни општествени тривијалности, па сепак инсистира професорката Емилија Веселиновска, класната, да биде покрај неа. Да ѝ бидне, како и секогаш, морална поддршка.

Беше она доба од денот кое кумановци го викаат в’р пладне. Во дворот на основното училиште „Толи Зордумис“, нè пречекаа една класна раководителка и учителка, чија елеганција не беше засегната од жештината и чие гостопримство беше соодветно за тој ден – славење на патронот на училиштето. Ербап луѓе, најдовме училница од северната страна. Не ги коментиравме одлуките на повисоките инстанци оваа учебна година да заврши на 17 јуни, да не ја расипеме свечената атмосфера.

Ја чекавме да дојде ѕвездата. А, таа, Мила Богдановиќ, ученик на генерација од ООУ „Толи Зордумис“, самоуверено како што ја правела магнезиумската лента на час по хемија, веднаш нè разоружува и силно ни ја стиска раката при поздравување. Ги претставува своите другарки Миа и Мартина, како да сака да ни стави до знаење дека нејзиното училиште е цело едно соѕвездие и дека статусот „првенец“ е спој на талентот за природни науки и добро воспитување, а не стереотип „најдобар во сè“. Го избегнува понуденото место во првата клупа или на катедрата. Убави манири. Долги трепки и прсти кои никогаш не научиле да го свират омилениот инструмент – виолината, но затоа ритмичкото танцување се развило во повеќе од обично хоби.

Ни верува дека нема да ја прашуваме дали има симпатија, за начините на кои се препишува на тестови во денешно време, за граѓанско општество и други изборни и неизборни општествени тривијалности, па сепак инсистира професорката Емилија Веселиновска, класната, да биде покрај неа. Да ѝ бидне, како и секогаш, морална поддршка.

Luxury Catering Service

Прво прашање, што се прави во домаќинствата со сода бикарбона и оцет, Мила?

„Па, се чисти, најмногу садоперот!“ – одговара таа, по малку разочарано од леснотијата на прашањето.

Веселиновска се исправа во столчето, знаејќи дека за љубовта на Мила Богдановиќ кон хемијата, голем дел е нејзина заслуга. „Но, не верувам дека студиите еден ден ќе ги продолжи по хемија“ – додава класната, истакнувајќи дека Мила е извонреден математичар.

„Не се гледам себеси во фармација или медицина, колку и тоа да е желбата на секој родител, за мене едноставно не е предизвик!“, ни раскажува Мила, за која информатичката технологија ќе биде вистинскиот избор. Но, најпрвин гимназиските природни науки и желба сите нејзини натамошни наставници да се како Ивана Стојилковиќ по математика, за правилно усмерување на талентот по егзактни науки и вистинска мотивација. Основата е веќе заврстена благодарение на учителката Светлана Денковска.

Да се биде ученик на генерација, за Мила не значи да се редат петки по сите предмети и „кампањски“ да се учи и потоа да се заборави. На пример, можеби францускиот никогаш не ѝ бил на листата на омилени предмети, но таа сепак е свесна што значи „савуар фер“ (savoir faire – умешност на работење).

И ако некогаш патот до успехот на учениците „вуковци“ често се гледаше како линеарен – добри оценки, па државен факултет, па загарантирана кариера во некоја фабрика, и ние и Мила знаеме дека денес постојат повеќе различни патишта, односно многу поголема веројатност најдобрите ученици да ги преиспитаат традиционалните траектории на успехот.

И можеби пристапот до научни алатки и ресурси е ограничен низ нашите училишта и во учебниците, но онлајн ресурсите, виртуелните лаборатории, платформите за кодирање – им овозможуваат на основците и средношколци да се вклучат во науката поинтерактивно и покреативно, а тоа ни го воочува и Мила, оти разликата помеѓу тинејџерите денес и оние од пред 20 и повеќе години е исклучиво во разликата на софистицираноста на технолошките методи. Остануваат исти детските развојни фази, вклучувајќи формирање идентитет, влијание од/на врсниците и потрага по независност. Кога сме кај врсниците, Миа и Мартина, другарките на Мила, го кажаа најважното за неа: Мила не е себична, секогаш помагаше на сите, бунтувајќи се за поголем успех на целото одделение,  дури е и премногу скромна, не сака озборување, слуша стари поп-рок песни, не е пребирлива за јадење…сигурни сме и дека е уредна и дека била дете кое по играњето, сама си ги собирала лего коцките.

Љубопитна за решавање на математички проблеми, доволно амбициозна за свои години, Мила, та дури најмила – ете тоа е овогодишната гордост на ООУ „Толи Зордумис“. Bon chance enfant!

Р.П.