Почетна НЕШТО УБАВО Запознајте ја Влера Алији, најдобрата ученичка од паралелката по албански наставен јазик...

Запознајте ја Влера Алији, најдобрата ученичка од паралелката по албански наставен јазик во ООУ „Толи Зордумис“

Во ООУ „Толи Зордумис“, годинава, 35 ученици завршија деветто одделение на наставен албански јазик. Меѓу нив особено се истакна Влера Алији (Vlera Aliji)

Во ООУ „Толи Зордумис“, годинава, 35 ученици завршија деветто одделение на наставен албански јазик. Меѓу нив, особено се истакна Влера Алији (Vlera Aliji), во паралелката раководена од професор по албански јазик – Хурмете Јашари (Hyrmete Jashari).

И додека класните раководители на деветтоодделенците забрзано, со својот краснопис ги пишуваат свидетелствата за да сè биде навремено за упис во средните училишта, го искористивме моментот да ги прашаме имаат ли доволно свидетелства, во случај да згрешат некое. Нивниот поглед како да сакаше да ни каже: а, кога сме имале, та и сега да има резерви? Ги оставивме да се концентрираат на заслужените оценки, небаре се калиграфи кои длабат пораки во камен за идните поколенија.

Влера веќе беше таму. Изгледа дека на младите воопшто не им пречат високите температури. Нè води вешто до првата училница, ја повикува на телефон својата класна, нема никаква трема и расположена е за фотографирање. Преминува лесно на главното – дека мора да се учи и да се повторува често материјата ако некој како неа сака да биде лекар еден ден. Во средното медицинско училиште, Влера ќе се запише како ученичка со најдобар успех по сите предмети од основно образование, со посебен акцент на странски јазици. Англискиот, особено, со освоени трети места на опшински и регионални натпревари. За љубовта кон македонскиот јазик им се заблагодарува на професорките Марија и Магдалена, кои го откриле навреме нејзиниот талент за лингвистика и ѝ помогнале да го развие.

Luxury Catering Service

Не се за потценување ниту вторите места во гимнастика и одбојка, па затоа недоволните аспирации за учење на природни науки за Влера станале балансер во образовниот процес и само со вложен труд и разбирање можела да ги реши текстуалните задачи, да речеме, по неомилениот предмет – математиката.

„Воинствена беше секогаш и се бунтуваше за своите соученици!“ – раскажува класната на Влера, г-ѓа Јашари. Ќе биде таква и за своите пациенти, додаваме ние. Затоа што Влера е љубезна, но енергична, тивка, но решителна, драго дете од соседството кое ни малку не се збуни кога рековме на чист албански јазик: „Së bashku jemi më të fortë“. И така нека остане во Куманово. Заедно да бидеме посилни за сè и во сè! Suksese e dashur!

Р.П.