Почетна МОИ НОВИНАРСКИ ЦРТИЧКИ Мои новинарски цртички (2)

Мои новинарски цртички (2)

Кратката, но суштинска лекција по економија од Горан Милиќ

Во мојата речиси 30-годишна новинарска кариера имав можност да присуствувам на значајни, а и интересни настани, да бидам во друштво или во близина на славни личности, да доживеам работи кои би сакал да ми се повторат, но и такви кои никако не би сакал да ми се повторат. Во следните неколку недели ќе опишам во кратки црти некои од нив.

Пишува:

Миодраг Мишолиќ

Интервјуата што ги правам јас најчесто траат 40-50 минути, а секогаш има барем уште малку разговор пред да се вклучи диктафонот и откако ќе се исклучи. Во некои случаи токму во тој, off-record дел, ќе се слушне нешто што се памети повеќе отколку кажаното во официјалното интервју. Таква е приказната за оваа Моја новинарска цртичка, со Горан Милиќ.

Luxury Catering Service

Луѓето во Македонија од постарата и од средната генерација знаат одлично кој е тој. За помладите само накратко ќе го опишам како – првата голема новинарска ѕвезда во поранешна Југославија. Имаше телевизиски ѕвезди и пред него, но тоа без исклучок беа водители (најчесто на квизови или други забавни програми), комичари и неколку спикерки на вестите. Новинари во таа орбита немаше.

И одеднаш се појавува некој млад, висок, згоден, екстремно елоквентен, со пријатен глас, пристоен, добро воспитан, зборува странски јазици (четири), видел голем дел од светот… Притоа, се занимава со сериозни работи – меѓународната политика. Нема нешто што не би ви се допаднало кај него. На 30 години е поставен за уредник во тогашната Телевизија Белград, а на 34 години за првиот дописник од Њујорк на таа куќа. Во 1980-та е еден од ретките кои на Југословените од тоа време, жедни за сѐ што е модерно и убаво од Западот, им ги пренесува новостите, случувањата, но и животот од најголемата американска метропола. Уште многу пред да станам јас новинар, ја имав слушнато тезата: ако сакаш интересна емисија, прилог или статија во весник – викни го Горан Милиќ, и ќе нема промашување.

Моето интервју со него се случи 20 и нешто години по овие настани. Во меѓувреме тој веќе беше заминат од Белград, живееше во Загреб, откако неколку години помина и во Сараево, како главен уредник на телевизискиот канал Јутел. Таму ги доживеа првите месеци од војната во Босна и Херцеговина. Теми за разговор со Милиќ има(ше) многу, па затоа морав да направам селекција на она што е потенцијално најинтересно во моментот. Разговаравме телефонски – јас во Скопје, тој во Загреб – а тие 40-50 минути ми поминаа како 40-50 секунди. Кога го завршивме официјалниот дел од интервјуто, забележав дека не брза да прекинеме, па го прашав уште нешто за времето пред да стане новинар.

Имено, како син на високопозициониран југословенски дипломат, детството го поминал во неколку земји, а дел од школувањето завршил во Франција и во Уругвај. Затоа толку добро зборува француски и шпански јазик (покрај англиски и италијански). За разлика од Франција, за Уругвај не се зборува често кај нас, и не се знае многу, поради што ме интересираа неговите „уругвајски години“. Таму го завршил средното училиште, односно ја стекнал матурата. Ми ја опиша таа земја со неколку реченици, но на начин за кој велам дека е една од најдобрите лекции по економија што сум ги слушнал.

Вака вели Горан Милиќ за Уругвај од средината на минатиот век. Во 50-тите и 60-тите години тој бил нешто како јужноамериканска Швајцарија – мала земја, меѓутоа стабилна и безбедна, во чии банки своите пари ги чувале најголемиот дел од бразилските, аргентинските, мексиканските, чилеанските и другите од континентот, политичари, диктатори, генерали, земјопоседници, аристократи, односно богаташите. Долари, пезоси и други валути во изобилие. Сепак, темел на уругвајската економија било земјоделието, особено сточарството, базирано на принципот – една крава на еден хектар. Сѐ додека функционирало тоа, функционирало и целото општество, од издашната социјална политика до безбедноста на улиците и политичкиот систем. Кога се распаднало сточарството (поради лошо менаџирање, предолга ушушканост во високите приходи за секого, поголемата меѓународна конкуренција…), многу бргу се распаднале банкарството, социјалата, безбедноста, демократијата, и Уругвај влегува во нестабилност, која трае до денес, барем ако се спореди со она што било во 50-тите и 60-тите години од минатиот век.

Значи, убави се сите тие фенси-менси занимања, со дизајнерски костуми и вратоврски, со актен ташни од не знам каква кожа, со лимузини и спортски автомобили, со јахти и приватни авиони, во високи деловни згради и луксузни канцеларии…, но ако ја нема материјалната основа, сето тоа е само кула од карти. А основата се земјоделието, индустријата, енергетиката, фармацијата…, односно оние кои произведуваат вистински, конкретни добра, кои се јадат, пијат, облекуваат, кои греат, ладат, покренуваат машини и мотори, кои лечат…

Ете, тоа е лекцијата по економија, со конкретен пример, што ја добив од Горан Милиќ. Ова не беше кажано со намера да биде лекција, ама мене ми остана така, и сѐ уште го сметам за еден од најважните моменти во мојата новинарска кариера, иако во off-record разговор.