Во тек е веќе второто коло од групната фаза на Еуро 2024, а мој прв впечаток е дека гледаме никогаш поинтересно и понеизвесно првенство.
Впечаток ми е дека ова Еуро е доста поинтересно од изминатото светско во Катар, каде што имаше екипи кои се тактички и технички доста лимитирани во споредба со европските, а само како пример ќе ги наведам Јужна Африка, Катар, С. Арабија и голем дел од латино-американските селекции како што се Еквадор или пак Коста Рика, дури ќе се дрзнам да кажам и едно од подобрите во последните неколку натпреварувања.
Нема главен фаворит, ниту пак аутсајдер, нема однапред добиени три бода, дури и репрезентациите кои дојдоа на овој турнир со епитет како аутсајдери како што се Грузија, Словачка, Романија, Албанија – покажаа доста зрелост и желба за надигрување во досегашните натпревари.
Но, да се вратиме на мојот прв фаворит, Шпанија, и зошто баш тие?
Како предност на Шпанија ќе го издвојам малку познатиот селектор за нашата јавност – Де ла Фуенте.
Де ла Фуенте е селектор кој работеше со сите селекции на Шпанија, У19, У21, У23 и голем дел од играчите кои во моментот настапуваат во селекцијата; токму тој им го трасираше патот, денес да бидат дел или одреден дел од нив носители на црвената фурија.
Спој на младост и искуство: Родри, Мората, Карвахал, Руиз, кога на нив ќе се придодат Јамал, кој на 13 јули ден пред финалето ќе наполни само 17 години, Вилијамс и Педри, тогаш секоја репрезентација треба да гледа со голем респект кон Шпанија.
Тука никако не може да ги изоставам и домаќините, кои засега рутински ги добија првите два меча и ги класирам како фаворит број 2 на ова првенство.
Никако не треба да ја заборавиме и Португалија со Кристијано, која е можеби е и најискусната репрезетанција на оваа првенство, Франција со М’бапе и како фаворит од сенка, но со многу проблеми со повредите во своите редови – Холандија.
Англија за сега не остави добар впечаток и некако ми се „извикана” репрезентација, додека балканските исто така разочараа и тоа мислам дека е благ збор за нивната игра, пред сè, тука мислам на Србија и Хрватска.
Од Италија и Белгија не очекувам премногу, тука мислам на Белгијците, каде голем дел од репрезентацијата, народски речено е „потрошена”, додека кај Италија малку по малку доаѓа смена на генерацијата, па се појавуваат некои нови играчи како Скамака, Калафиори, Камбиасо итн.
За крај, мојата 11-ка за ова првенство не е лесно да ја издвојам, но сепак ќе се обидам:
1. Голман – Мањан – Франција
2. Десен бек – Дамфрис – Холандија
3. Ц. Бек – Упамекано – Франција
4. Ц. Бек – Лапорт – Шпанија
5. Л. Бек – Тео Ернандез – Франција
6. Играч за врска – Родри – Шпанија
7. Играч за врска – Кроос – Германија
8. Плејмејкер – Џуд Белингам – Англија
9. Десно крило – Ламин Јамал – Шпанија
10. Лево крило – Флориан Вирц- Германија
11. Напад – Килијам М’бапе
Знам дека голем дел од вас нема да се сложат со „ мојот” состав и дека ќе набројат барем 10 играчи кои заслужуваат да се тука, сепак составот е креиран според моменталната игра и одредени симпатии спрема игрите на дел од играчите.
Иван Јовановски