Дури и градоначалникот имаше трема во настапот пред нашите првенци од основните и средни училишта! Свечено прогласување и заслужено наградување на генерацијата 2023/24
Од Здружението на просветни работници – Куманово, нè поканија на свеченото прогласување на првенци на генерација од основните и средните училишта во општина Куманово за учебната 2023/24 година. Традиционалната манифестација, на која се доделуваат плакети, монети и ваучери за најдобрите ученици од градот, ја отвори хорот „Рацинови“ под диригентската палка на Магдалена Божиновска.
Рациновите наставнички, хористки, убавиците во „бели мугри“ со црвен божур како впечатлив кореографски детал на рамената, зазвучеа моќно со изведбата на „Gaudeamus igitur“ – школската универзална химна. Анита Димовска од Здружението на просветните работници ги следи движењата за темпо на маестро Божиновска, а потем вешто ја презема улогата на домаќин и со своите зборови, упатени кон првенците, ја погодува целта. Учениците препознаваат кога наставникот се подготвува пред час. Така ја чувствуваат почитта што возрасните им ја укажуваат.
Трпеливо седат и го впиваат секој збор и поглед годинешниве ученици на генерација: Сара, Теодора, Дхурата, Лука, Моника, Каја Камелија, Вљера, Мила Богдановиќ, Александра, Мила Лазаревска, Влера Алији, Јован – врвниот пијанист, Ева, Есра, Емилија, Ајла, Марио, Сахаре, Стефани, Албулена, Руфије, Теодор, Викторија, Џемајл, Гентрит, Леона, Марко и Егзон. Од нивната лева страна и горе, на галеријата на Занаетчискиот дом, не помалку горди од нив, седат родителите, професорите, менторите, идолите. Сања од Фондацијата за спорт и култура, организациски перфекционист, сака да биде тишина во салата за да се чуе убаво виолината на Ана Спиридоновска од музичкото училиште „Панче Пешев“ и литературните творби на идните лингвисти и писатели.
„Ова се ваши лични резутати и треба да сте горди, но не гордејте се со себеси, туку со она што е вградено во вас!“ – ги поздрави учениците и градоначалникот, Максим Димитриевски. Познат по својата реторика на јавни настапи да се обраќа без претходно напишан говор, Димитриевски како да имаше трема пред љубопитните детски очи, па дури изрази и надеж дека од септември наставата ќе се одвива во подобри услови, поклонувајќи се пред успехот на првенците за кои смета дека еден ден ќе бидат советници во општината и, како што истакна, потенцијални лидери на градот.
Воздржувајќи се да го исправаме „првенецот“ на нашиот град дека најдобрите во својата генерација треба да го вложат своето знаење и талент во која било друга иновативна или истражувачка дејност, наместо да се стремат да станат бирократи, на сите наши првенци од генерацијата 2023/24 им посакуваме да бидат среќни не затоа што ќе постигнат успех во животот, туку затоа што на патот кон тој успех ќе ги инспирираат и другите да го следат нивниот пример.
Р.П.