Како е да сте на 50 метри од терористички напад со бомба?
Во мојата речиси 30-годишна новинарска кариера имав можност да присуствувам на значајни, а и интересни настани, да бидам во друштво или во близина на славни личности, да доживеам работи кои би сакал да ми се повторат, но и такви кои никако не би сакал да ми се повторат. Во следните неколку недели ќе опишам во кратки црти некои од нив.
Пишува:
Миодраг Мишолиќ
Какво е чувството кога на 50 метри од вас ќе експлодира бомба, а не сте отишле во воена зона? Па уште, и кога малку подоцна ќе сфатите дека само една минута пред експлозијата сте биле на 20 метри од неа? А неколку часа подоцна, и дека на местото загинале тројца луѓе?
Но, да почнеме од почеток.
Во редакцијата каде што тогаш работев, „Теа модерна“, стигна покана од наш познат музички менаџер, издавач и организатор на концерти, дека сака јас да бидам во групата новинари кои ќе одат за Турција, да ја гледаат големата танчерска атракција „Anadolu Ateşi“ („Огнот на Анадолија“), чиј настап тој ќе го организира во Скопје. Целта на посетата беше преку репортажите што ќе ги напишеме од тој настан, да го зголемиме интересот на македонската публика за концерот. Турција, Анталија, „Огнот на Анадолија“, па уште и присуство на нивен настап во грандиозниот антички амфитеатар Аспендос, е нешто што може да се смета за вистинска професионална привилегија. Кога се собравме на скопскиот аеродром видов дека во групата што патува има новинари од пет или шест редакции. Супер.
Уште посупер кога утредента наутро се запознавме со колеги од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговија, кои беа дојдени со истата задача како и ние – да им ја најават на своите читатели и гледачи турнејата на „Огнот…“ низ екс-југословенските држави. Плус хотел со пет ѕвездички, плус пет дена таму. Може ли да се замисли нешто подобро? Кога утрото ја видовме шведската маса за време на појадокот, сите рековме „Уау“. Кога потоа отидовме на капење на хотелската платформа (хотелот немаше своја плажа, туку имаше платформа од неколку стотини квадратни метри, идеална за добри пливачи или барем за луѓе кои не се непливачи), почнавме да се шегуваме меѓу себе: „Ќе јавиме во редакција дека овде има толку многу работа, што ќе треба да останеме уште пет дена повеќе од планираното“.
Во такво расположение излеговме тој прв ден попладнето да се прошетаме низ центарот на Анталија. Впечатоците се сѐ подобори и подобри: ресторани и ресторанчиња, дуќани со десетици видови локуми и други турски деликатеси, сладоледи, свежи школки со лимон, сувенирници од секаков вид, палми на улиците… Едноставно, да посакаш тоа да трае колку што е можно подолго. И одеднаш – БУМ!!!
Какво е чувството да се најдеш во близина на голема експлозија? Уште во првата милисекунда си свесен за што се работи. Без оглед што поминало време колку едно трепнување со окото, совршено добро знаеш дека не е некоја голема петарда, ракета за огномет, или друг вид пиротехника, туку БОМБА. Исто така, уште во истата милисекунда си свесен дека нема шанси да избегаш, па чекаш нешто да те удри во грбот (во нашиот случај се работеше за потенцијално удирање во грб, бидејќи експлозијата дојде од зад нас). Дури кога ќе помине таа една секунда, која ти се чини како да биле десет часа, тогаш почнуваш да трчаш за да најдеш засолниште. Претходно си потполно скаменет во очекувањето „нешто да те удри“. Не знам точно колку трчавме, бидејќи чувството за време и простор прилично се изгуби, но некако дојдовме до првата странична уличка, каде со сокривме зад една куќа. Во погледот на сите шок, бидејќи никој од нас немаше претходно доживеано нешто такво. Само ги гледавме локалните жители како се растрчаа на сите страни, вклучувајќи ја и насоката од каде што дојде експлозијата. Тоа беше период кога во Турција се имаа случено серија терористички напади, па за разлика од нас, тие барем изгледаа како да знаат што треба да прават во такви ситуации.
Нашето расположение веднаш падна на нула. Да имаше авион или било каков друг превоз, уште истата вечер ќе се вратевме во Македонија. Неколку часови порано се шегувавме дека „овде има толку работа што ќе мора да останеме дополнителни пет дена“, а сега бевме подготвени да заминеме во истиот момент. Уште повеќе кога сфативме дека само една минута пред експлозијата сме биле на 20 метри од неа, односно 30-тина метри поблиску отколку кога пукна бомбата, а па дури кога неколку часа подоцна дознавме дека во терористичкиот напад загинале тројца луѓе и имало најмалку 20-тина повредени.
Но, немаше авион или било каков друг превоз таа вечер, домаќините беа исклучително гостољубиви, направија навистина многу за некако да го заборавиме немилиот настан, па останавме до крајот на предвидениот престој. За да почне атмосферата да се релаксира придонесе и тоа што бевме во голема група, и низ разговори со колегите од Србија, Хрватска и од Босна, плус нашите, некако шокот како да се распредели, и стана поподнослив.
Кога сѐ помина, сепак ни беше драго што останавме сите пет дена. Ги гледавме 120-те фантастични танчери од „Огнот на Анадолија“ во исклучителниот амбиент на Аспендос, видовме уште неколку локални атракции кои се памтат долго, а ова – лошото, иако ќе беше подобро да не се случи, останува како сеќавање за кое еве, и многу години подоцна може да се зборува или пишува.