Мојот фаворит е Италија бидејќи уште како дете навивам за мојот омилен клуб од Италија – Рома, а на секое европско или светско првенство секогаш има двајца-тројца фудбалери од Рома. Оваа генерација под раководство на сињоре Спалети влева надеж за поголеми достигнувања, како на европско така и на светско ниво, впрочем може и да се повтори европското првенство од 2021 кога Италија стана европски првак совладувајќи ја репрезентацијата на Англија на пенали.
Како љубител на фудбалот до оваа фаза на европското првенство не можам да кажам дека сум презадоволен од досегашните натпревари, од проста причина што ВАР технологијата го измести оној традиционалниот фудбал во кој генерации и генерации уживале. Да се надеваме дека следната година ќе имаме само „вар“ на гол линијата, останатото ќе биде во раце на судиите како и порано, со што ќе се врати стариот шмек на добриот традиционален фудбал.
Од другите посериозни конкуренти за освојување на ова Европско првенство би ги издвоил Португалија, како најкомпактна репрезентација предводена од еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Кристијано Роналдо, потоа Холандија како најбрза репрезентација во транзиција одбрана-напад и секако Франција, актуелниот вице светски првак кој има квалитетни играчи на секоја позиција, но и на резервната клупа. Да не ги заборавиме и нашите соседи: Албанија, Србија и Хрватска кои секогаш имаат предност кај мене во поглед на другите репрезентации.
Филип Наумов