Како професор по физичко и здравствено образование и поранешен повеќегодишен тренер во ЖРК Куманово, во оваа пригода сакам да го споделам моето искуство, a воедно сакам да ги споделам и моите чувства кога станува збор за омилените фудбалски клубови. Имено, јас сум голем фан на два фудбалски клуба и тоа: ФК Партизан и ФК Барселона. За двата клуба навивам уште од дете, а за Плоштад ќе се обидам да го составан мојот „Дрим – тим“ на ФК Партизан и тоа од оние играчи кои лично сум ги гледал и следел на повеќе натпревари.
Во моето семејство постои повеќедецениска традиција за навивање и следење на фудбалскиот клуб Партизан од Белград. Имено, оваа традиција започнува од мојот дедо, кој исто така бил страстен навивач на Партизан. Тоа е временскиот период уште од генерацијата на Стјепан Бобек, па подоцна на т.н. „Бебињата на Партизан“ кои го освоиле второто место во Купот на европските шампиони во далечната 1966 година, кога во финалето биле поразени од Реал Мадрид со резулатат 2-1. Љубовта кон „црно-белите“ дедо ми ја пренел на мојот татко, кој исто така до ден денес со голем интерес го следи секој натпревар. Инаку, интересот на мојот татко кон ФК Партизан започнува од генерацијата на: Бјековиќ, Вукотиќ, Хасанагиќ, Антиќ и многу други. Љубовта кон Партизан мојот татко ја пренесува на мојот брат и на мене уште од мали нозе. А како и да не бидеш кога го гледеш некого како со страст го следи секој натпревар, се воодушевува на секој погодок и ја слави победата, меѓутоа и тагува со денови на изгубените натпревари, посебно ако тоа се порази од спротивниот табор. Постарите „Партизановци“ велат дека секоја генерација си има свои играчи – идоли од кои го имаат засакано клубот. И тоа е точно, бидејќи можам да го потврдам од личен пример. Брат ми го заследува Партизан со генерацијата на: Мијатовиќ, Милошевиќ, Петриќ, Рашовиќ и други. Јас станувам страстен навивач на Партизан со генерацијата на Матеја Кежман, кој ми беше идол додека тренирав фудбал како дете, а тука би ги додал: В. Ивиќ, С. Илиќ, А. Делибашиќ и многу други. Дресот на ФК Партизан од сезоната 1999/2000 година, го чувам и ден денес.
Од аспект на составување на идеален или т.н. „Дрим – тим“, по мене е прашање на лична симпатија кон некој играч за кој сметаме дека е заслужен за успесите на клубот во целина, а потоа и неговата успешна кариера. Низ историјата на ФК Партизан продефилирале многу легендарни фудбалери за кои имам слушнато од повозрасните симпатизери, или пак имам гледано снимки на телевизија и you tube каналот. Меѓутоа освен на снимки, јас лично ги немам гледано и следено на повеќе натпревари и не можам да коментирам за нив, бидејќи тие играле во период во кој јас не сум бил роден. Тука би ги издвоил ѕвездите на клубот како што се: Бобек, Шошкиќ, Галиќ, Бјековиќ, Вукотиќ, Васовиќ, Јусуфи, Клинчарски, Манце и многу други. Јас ќе го составам мојот идеален тим на ФК Партизан од играчи кои имаат настапувано во деведесеттите години, па до денес.
Голман: Ивица Краљ
Одбрана: Зоран Мирковиќ – Младен Крстајиќ – Миливоје Ќирковиќ – Вук Рашовиќ
Среден ред: Владимир Ивиќ – Славиша Јокановиќ – Саша Илиќ
Напад: Матеја Кежман – Саво Милошевиќ – Предраг Мијатовиќ
Ивица Краљ – За Партизан настапувал уште во младинските селекции, а совоето деби го има во 1995 година, кога на голот го заменува легендарниот Горан Пандуровиќ. Висок и подвижен, голман со одлични рефлекси, навистина претставуваше вистински крал на голот. Посебно се истакна при одбранетите пенали против екипата на „Њукасел Јунајтед“ кога Партизан се пласираше во групната фаза на Лигата на шампионите во 2003 година.
Зоран Мирковиќ – Одличен одбранбен играч. Многу темпераментен и брз фудбалер, кој знаеше да изблокира, до одземе топка, па и да биде доста груб во стартовите. Многу корисен играч за во одбрана, кој знаеше да изнесе топка и често беше задолжен за изведување на уфрлување на топка во игра од аут. Беше познат и по дресот со број 2 кој го носеше за цело време додека играше за Партизан. Тој стана херој на навивачите на Партизан, бидејќи беше голем борец на теренот особено во натпреварите против големиот ривал Црвена Звезда.
Младен Крстајиќ – Вистински командант во одбраната, во фудбалски жаргон кажано штопер во секоја смисла на зборот. По конституција висок и снажен одбранбен играч, кој секогаш влегуваше во дуел игра, претставуваше столб на одбраната. Покрај играта во одбрана, Крстајиќ имаше одличен скок и игра со глава, така да знаеше да постигнува и многу голови после прекин и тоа после корнер или фаул.
Миливоје Ќирковиќ – Прво што ми текнува е дека со неговиот гол од пенал, Партизан го елиминира Њукасл и се пласираше во Лигата на шампионите во сезоната 2003/04 година. Дресот од таа генерација која прва играше во групната фаза на Лигата на шампиони, го имам и го чувам до ден денес. Ќирковиќ беше многу брз одбранбен фудбалер на позицијата десен бек, кој знаеше да се уфрлува и да упатува квалитетни центар шутеви во шеснаестерецот. Тоа негово лукавство во игра го однесе и во репрезентацијата на тогашната Србија и Црна Гора. Меѓутоа, честите повреди го направија своето и не успеа да се врати и да заигра на ниво кое од него се очекуваше.
Вук Рашовиќ – син на поранешниот легендарен фудбалер на Партизан Бранко Рашовиќ, ги има поминато сите фудбалски селекции на клубот. Рашовиќ важеше за многу вреден, секогаш подготвен и пред сè смирен играч. Одличен фудбалер кој играше на бековската позиција, кого го одликуваше брзината и интелегенцијата во фудбалската игра. Важеше за еден од најдобрите изведувачи на ударите од белата точка. Многу корисен играч, кого го посакуваа многу тренери во својата екипа. Посветен е на фудбалот максимално и како играч и сега како тренер во шампионатот на Саудиска Арабија.
Славиша Јокановиќ – Еден од најдобрите играчи на средина на теренот. По конституција висок и снажен играч кој ја држеше средишната линија од теренот. Многу храбар играч кој секогаш влегуваше во дуел игра. Знаеше да одигра дефанзивно, меѓутоа таа негова физичка надмоќ која ја поседуваше ја користеше во скок игра, а имаше и чувство да постигне гол. За тоа говори и неговата богата играчка кариера во Шпанија. Тој беше константен репрезентативец на СР Југославија, исто така и тој е посветен на фудбалот, бидејќи и ден денес работи како фудбалски тренер.
Владимир Ивиќ – играше на позицијата офанзивен среден играч, во фудбалски жаргон кажано играч за врска. За неговата позиција тој беше доста висок играч, но имаше неверојатна контрола на топка, одлична „пас“ игра и одличен удар со левата нога. Беше многу добар изведувач на корнери и слободни удари, имаше и одличен дриблинг, па често изнудуваше фаули врз него. Тој беше константен репрезентативец на СР Југославија, а подоцна на СЦГ. Посветен е на фудбалот, бидејќи и ден денес работи како фудбалски тренер и се спомнува како можен наследник на селекторската позиција на Србија.
Саша Илиќ – Капитен во секоја смисла на зборот. Фудбалерот кој има одиграно за Партизан рекордни 820 натпревари и за сега е прв на листата. Како што стојат работите момантално, тешко дека некој за брзо време ќе го урне неговиот рекорд. Саша Илиќ за екипата на Партизан има постигнато над 119 голови. Илиќ е играч кој играше на средината на теренот, и беше креатор на нападите. Тој располагаше со одличен дриблинг и контрола на топка и беше многу креативен фудбалер, од кого многу зависеше играта на целата екипа. Имаше одличен удар од слободните удари, а често изведуваше корнери и пенали. Покрај тоа, располагаше и со големо чувство за постигнување на голови. Илиќ беше беше константен репрезентативец на СР Југославија, а подоцна на СЦГ и Србија. За сето оваа наведено, раководството на ФК Партизан одлучи бројот на дрес 22 да биде повлечен во чест на капитенот Саша Илиќ. Посветен е на фудбалот, бидејќи и ден денес работи и тоа како успешен фудбалски тренер.
Матеја Кежман – мојот идол, голгетер и напаѓач од светска класа. Кежман беше многу брз и вешт играч со одлична техника и чувство за постигнување на голови. Не случајно во својата богата кариера играше за најголемите фудбалски клубови и во најјаките лиги. За прв пат го привлече вниманието кон себе кога го постигна голот во последната минута во 111 вечно дерби против Црвена Звезда, со што Партизан победи од 2:1. За мене тоа претставува еден од најубавите негови погодоци и една од најдрагите победи над лутиот ривал. По трансферот во ПСВ стана најдобар играч во Холандија и втор најдобар стрелец во Европа, со што го доби прекарот Бетмен. Кежман беше константен репрезентативец на СР Југославија, а подоцна на СЦГ.
Саво Милошевиќ – еден од најдобрите напаѓачи на црно-белите. Со неговото доаѓање во Партизан се прекина трендот на освојување на титулите на Црвена Зведа, тој донесе две титули на Партизан една по друга во 1993 и 1994 година и куп на Југославија. Градбата на фудбалер му беше типична за класичен голгетер. Она што го одликуваше Милошевиќ е одличната снаодливост во шеснаестерецот и чувство за постигнување на голови. Беше и одличен играч со глава, така да често знаеше да постигнува и погодоци од прекин на играта или после квалитетен центар шут, а во тоа време Партизан имаше одлични бекови кои се уфрлуваа по крилните позиции. Тој беше константен репрезентативец на СР Југославија, а подоцна на СЦГ и Србија. Посветен е на фудбалот, бидејќи и ден денес работи како фудбалски тренер и селектор.
Предраг Мијатовиќ – напаѓач кого го посакуваше секој тренер во својата екипа. Пеѓа, како што скратено го нарекуваат Мијатовиќ, беше напаѓач кој можеше само да се посака да имате во екипа. Многу брз играч со атлетски способности, одличен техничар и дриблер, беше многу тежок за чување и скоро сите фаули одбранбените играчи ги правеа над него. Покрај тоа Пеѓа го одликуваше одличната снаодливост во шеснаестерецот и чувство за постигнување на голови. Во екипата на Партизан тој за кратко време стана најважната алка, кој под водство на Ивица Осим не успеа да излезе од сенката на тогашната Црвена Звезда што тогаш владееше со европскиот и светскиот клупски фудбал. Сепак, во сезоната 1991/92 година го освојува Купот на Југославија, а во првенството 1992/93 година со „црно-белите“ ја освојува и шампионската титула. Играч кој подоцна играше во најголемите европски клубови, а на екипата на Реал Мадрид им донесе победа во Лигата на шампионите постигнувајќи го победничкиот гол против екипата на Јувентус во 1998 година. Тој беше константен репрезентативец на СФРЈ, СР Југославија, а подоцна и на СЦГ. Играчот кого ќе го паметиме по погодената пречка од пенал против селекцијата на Холандија на Светското првенство во 1998 година, по што Југославија беше елиминирана во осмина финалето.
Што се однесува до Евро 2024, го следам од самиот почеток. Сега се наоѓаме некаде на половина и можам да кажам дека нема поголеми изненадувања, освен што фудбалерите на Хрватска ја завршија својата мисија уште во групната фаза на натпреварувањето. Пријатно сум изненаден од репрезентацијата на Грузија, која ги собара симпатиите кај сите кои го следат европското првенство. Навистина со својата посветеност, а пред сè дисциплина во игра и борбеност, покажаа дека не случајно се пласирани на завршницата на европското првенство. Мојот фаворит за освојување на првенството е репрезентацијата на Англија. Мислам дека e време Англичаните, предводени од Џуд Белингем и Хари Кејн, да си го вратат онаа што им избега на претходното европско првенство, кога несреќно изгубија на пенали од селекцијата на Италија. Сметам дека Англија има физички добро подготвени играчи, кои настапуваат во најдобрите европски клубови и лиги на натпреварувања. Сплетот на младоста надополнет со искуството на повозрасните играчи, како и креативноста во игра со топка на поединци, проследена со пас игра на долги топки, е рецептот за типичен англиски фудбал. Најслабата алка по мене во репрезентацијата на Англија е голманската позиција на која се наоѓа Џонатан Пикфорд, 30 годишниот голман на Евертон. Во фазата на натпреварување во групите заслужено завршија како прво пласирани, меѓутоа не ме одушевија во овие три натпревари со прикажаната игра. Очекувам дека во фазата на елиминација ќе блеснат во полн сјај.
Александар Јовановиќ