Почетна МОИ НОВИНАРСКИ ЦРТИЧКИ Мои новинарски цртички (4)

Мои новинарски цртички (4)

Зошто светот ја мрази Америка?

Во мојата речиси 30-годишна новинарска кариера имав можност да присуствувам на значајни, а и интересни настани, да бидам во друштво или во близина на славни личности, да доживеам работи кои би сакал да ми се повторат, но и такви кои никако не би сакал да ми се повторат. Во следните неколку недели ќе опишам во кратки црти некои од нив.

Пишува:

Миодраг Мишолиќ

 

Luxury Catering Service

Една од добрите работи во новинарството е што се среќаваш лично со разни луѓе. Некогаш тоа се познати личности, некогаш се анонимни, но интересни, а некогаш – ти даваат можност да провериш некоја своја, на прв поглед чудна теорија.

Како главен уредник на „Теа модерна“ во златниот период на списанието (2004-2008) често добивав телефонски повици или имав посети со прашањето: дали би можело да оствариме соработка, односно некоја личност да се најде на нашите страници. Меѓу тие повици беше и една од американската амбасада, со молба да се сретнам со нивната претставничка за односи со јавноста. А, кога нешто те замолуваат од американската амбасада, не можеш туку-така да ги одбиеш, нели? :)))

Се сретнав во едно кафуле со релативно млада девојка, која праша, дали би можело тие да ми препорачаат за соговорници некои луѓе, со кои би сакале да бидат запознаени нашите читатели, а сметаат дека би биле интересни за македонската јавност. Реков: ако се навистина интереси, зошто да не? Со напомена, да не се лутат доколку некој биде одбиен, зашто темите и соговорниците се избираат во редакцијата, и тоа мора да остане така. Одговори: „Во ред“, и рака на срце, сите што ги препорача беа апсолутно прифатливи, а и евидентно внимаваа да не го злоупотребат договорот со премногу барања за интервјуа.

Меѓу соговорниците со кои ме поврзаа беше и дипломатка, прилично високо рангирана во Стејт департментот, една од неколкуте deputies (заменички) на тогашната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс. Поминати се доста години, и веќе не сум сосема сигурен за името, но мислам дека се викаше Колин Графи. Инаку, вистинска дама: елегантна, елоквентна, шармантна, непосредна… Голем дел од преддипломатската кариера поминала како професорка во Англија, па ги имаше инкорпорирано добрите страни и на американската непосредност, и на британската отменост.

Евидентно ја избрале со причина, бидејќи главна работна задача ѝ беше, односно се наоѓаше на чело на одделот, кој се грижи за имиџот на Америка во светот. Кога слушнав за тоа, во себе си реков: „Стварно, тешка работа прифатила“. Разговаравме за многу теми, освен за дневната политика, вклучувајќи го образованието, културата, начинот на живот, наметнувањето на американските општествени обрасци во други делови од светот (она што Ред хот чили пеперс го нарекоа “Californication”, а обично е познато како „Холивуд“)), и конечно – за антиамериканизмот. Ѝ реков дека може да се сретне, не само таму каде што демонстранти го палат американското знаме, туку и во земјите сојузнички, и тоа во големи дози. Апсолутно беше свесна за тој момент, но не и за мојата теорија за тоа што е причина за толку големиот антиамериканизам. Ми призна дека никогаш не размислувала на тој начин.

А, мојата теорија, која ја застапувам и денес е следната: АНТИАМЕРИКАНИЗМОТ НЕ СЕ БАЗИРА НА ОМРАЗА, ТУКУ НА ЉУБОВ. Сите ја сакаат Америка, па е логично што очекуваат и Америка да ги сака нив. И, тука настанува проблемот. Постои општо чувство речиси во целиот свет дека Америка не ги сака другите колку што тие ја сакаат неа (во последниве 30-тина години Албанците се редок исклучок, на пример). Во таква ситуација неминовно се јавува омраза. Отприлика она што во психологијата се нарекува „Кисело грозје“. Инаку, Америка да покаже само малку внимание некому, да му исполни некое барање или желба, дури и да бил претходно најжесток мразител, тој веднаш „се стопува“. Кога ќе седнат покрај каминот во Белата куќа, и некои од политичарите кои речиси никогаш не можеш да ги видиш насмеани, устата ја рашируваат од уво до уво. Неколку пати сум си рекол гледајќи ги: „Мора да знаат американскиве претседатели фантастични вицеви, кога дури и овој успеаја вака да го насмеат“ :))). Секако, не се работи за тоа, туку за она другото, што го застапувам во мојата теорија.

Мене лично ми беше драго што имав можност ова размислување да го изнесам пред некоја таква личност, како тогашната соговорничка. Ниту имав амбиција, ниту ми пречи што тоа не стигнало подалеку од тој разговор. Можеби Америка и не може поинаку, т.е. колку и да е голема, нема толку многу љубов за целиот свет, колку што светот очекува од неа, па тој свет ќе продолжи да се фрустрира поради тоа, и да се теши со „киселото грозје“, наречено антиамериканизам.