Кога го разбудив Џон Лури во хотел „Континентал“
Во мојата речиси 30-годишна новинарска кариера имав можност да присуствувам на значајни, а и интересни настани, да бидам во друштво или во близина на славни личности, да доживеам работи кои би сакал да ми се повторат, но и такви кои никако не би сакал да ми се повторат. Во следните неколку недели ќе опишам во кратки црти некои од нив.
Пишува:
Миодраг Мишолиќ
Во март 1998. година мојот тогашен весник „Дневник“ почна со издавање на прилозите „Антена“ и „Викенд“, а бидејќи се покажав уште од првиот број (70-80 проценти од авторските содржини беа мои), веќе по вториот број ми рекоа: „Ти го преземаш уредувањето на ’Антена’“. Големо признание, но и уште поголема одговорност, особено ако се има во вид начинот на кој јас ги сфаќам обврските. Секоја недела почнував од нула, затоа што не калкулирав со тоа, што е доволно за добар број. Ако имав десет квалитетни содржини, сите десет ги пуштав одеднаш, не оставав ништо за следниот број. Се покажа дека може така да функционира, постојано да се прават нови добри содржини, и рејтингот на „Антена“ многу бргу се искачи до ниво за кое не ни сонувавме на почетокот. Секако, помогна тоа што одевме заедно со веќе етаблираниот „Дневник“, а особено помогна што околу мене се собра одлична екипа новинари – млади, но вредни и квалитетни.
Високиот рејтинг придонесе да нѝ се зголеми самодвербата, но и наметна голема обврска, затоа што го доживував како трагедија ако немаме нешто што сакам да го имаме во прилогот. Обично сите врати нѝ беа отворени, па верував дека може да имаме екслузивност за секој посакуван соговорник.
Поминаа шест-седум месеци на многу задоволителна работа, и дојде Скопскиот џез фестивал, на кој во таа година гостуваа исклучително интересни учесници. Првиот ден концерт имаше тандемот гитаристи, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, и јас бев првиот македонски новинар на кого Тадиќ му даде интервју, уште истиот ден кога пристигна во Скопје. Тоа го договорив преку Влатко Стефановски.
Следна желба ми беше Јусу Н’дур. За него се потпрев на организаторите на фестивалот, и верував дека е тоа завршено, односно договрено, па чекав да се јават за терминот на интервјуто. И чекав, чекав…, дојде денот на концертот, помина концертот, никој не се јави. Знаев дека најчесто гостите (учесниците) си заминуваат веќе следниот ден, и оти најверојатно од договорот нема ништо. Така и беше. А, фестивалот се доближи до самиот крајот, веќе немаше многу време. Од тие што сакав да ги интервјуирам остана само Џон Лури, кој настапуваше на последниот ден.
Знаев дека во таква ситуација нема договарање и чекање, туку морам сам да ја завршам работата. Се јавив телефонски во хотелот „Континентал“, и прашав дали може да го добијам господинот Џон Лури. Очекував дека тие прво ќе проверат дали е тука, дали може и дали сака да разговара со некого, а особено со новинар. Од рецепцијата не рекоа ништо, туку само слушав како ѕвони линијата во неговата соба, и потоа едно поспано „Yes”. Тогаш сфатив дека ме поврзале директно, без прво тие да разговараат со него и да му кажат дека некој го бара.
Неговите први зборови беа „Ме разбудивте“ (подоцна уште неколку денови ми одѕвонуваше во ушите тоа негово “You woke me up”, поради грижа на совеста што го разбудив).
„Извинете што ве разбудив, многу ми е жал, но би сакал да се договориме за интервју“.
„Немам време“.
„Само 15 минути“.
„Немам 15 минути“.
„Видете господине Лури, јас морам да направам интервју со Вас. На место што Ви одговара, во термин кој Ви одговара, траење колку Ви одговара, но МОРАМ“. (се разбира, не му реков „последен ден од фестивалот е денеска, па и немам со кој друг :))))
„Хм…, дојдете во 5 часот …“. Тука настана мал куршлус. Бидејќи беше поспан, зборуваше нејасно, и не можев да го разберам последниот збор.
„Каде да дојдам?“
Ми ја повторува истата реченица, но јас повторно не го разбирам последниот збор. Го замолувам уште еднаш, а веќе ми е страв дека ќе ми ја спушти слушалката. И третпат го повторува истото, со истиот резултат.
„Само последниот збор, Ве молам“, и дури од четвиот обид сфаќам – soundcheck, тонска проба. „Во ред е, сега е јасно и договорено“.
Бев во Универзална сала 30 минути пред 17 часот, и интервјуто помина фантастично, трипати подолго од најавените 15 минути. Човекот е исклучителен и мултиталентиран. Покрај тоа што е музичар, односно успешен саксофонист, има глумено во 20-тина филмови. Особено се забележани неговите соработки со Џим Џармуш. Во разни периоди од кариерата снимаше и документарни емисии, а во последниве години се занимава и со сликарство.
Бидејќи човекот се расположи и разговорот се оддолжи повеќе од планираното, имав можност да му поставам неколку блиц прашања, а одговорот на едно од нив ме тера да се смеам до денес, и неколку пати подоцна сум го поставил на луѓе кои добро ги познаваат Њујорк и Лос Анџелес (на Милчо Манчевски, на пример). Го прашав Џон Лури: „Кој град е подобар за работа на уметниците, Њујорк или Лос Анџелес?“ Одговори сосема сериозен: “There are no artists in Los Angeles” („Во Лос Анџелес нема уметници“).
Всушност, поради тој одговор го пишував целиов овој текст :)))).