Титула освоена со потполна доминација, уверлива и убедлива игра од стартот на првенството до финалниот меч. Седум натпревари, седум победи – резултат што ќе биде запаметен во историјата на фудбалот и европските првенства.
Уште во групната фаза Шпанците покажаа дека се еден од главните кандидати за првото место, каде беа во групата на смртта со: Италија, Хрватска и Албанија и запишаа три победи без поголема мака. Во осминафиналето налетаа на Грузија, нешто полесна задача, за да вистинскиот тест беше пресметката со Германија во четвртфиналето на ЕП каде го добија мечот после продолженија со 2:1. Со истиот резултат беше совладана Франција во полуфиналето, за да во финалето Англија беше последната пречка до тронот и уверливиот настап на ЕП. Со 15 постигнати погодоци и само четири промени, фудбалерите од Шпанија го завршија Првенството 2024 г.
Како целина, како репрезентација – компактни и на сите позиции покриени, секој си ја знаеше својата задача на Теренот, скроено до перфекција од страна на селекторот Луис де ла Фуенте, за кој не треба да се трошат зборови и само може да се каже дека допрва следува нивната доминација на фудбалските терени затоа што квалитетот и младоста се на нивна страна . Магичната претстава на Шпанците ги засени останатите репрезентации.
Најблиску до нивниот квалитет беа Германците, додека останатите селекции како Франција, Португалија, па дури и Англија не беа уверливи во своите настапи. Секоја чест за Турција, Грузија и Словенија кои уште еднаш покажаа дека фудбалот во моментот се игра насекаде и дека можат да се спротивстават на фудбалските веле-сили и да им ги поматат сметките и можеби во иднина да видиме слична приказна како бајката на Грција на ЕП во Португалија.
Бошко Тасиќ, спортски новинар на курир.мк