Почетна СТЕТОСКОП Сите сме под стрес и важно е да ги препознаеме симптомите

Сите сме под стрес и важно е да ги препознаеме симптомите

„Ајде заедно да нурнеме рака под рака, раме до раме во бескрајниот океан на информации за стресот и траумата, конзумирајќи ги нежно и полека, капка по капка“ – Фросина Здравковиќ, терапевтски ќе делува и овој четврток во рубриката Стетоскоп.

Дали вашиот стрес крие нешто повеќе?

Стресот и траумата се вграден условен рефлекс на одбрана со цел да преживееме. Стресот не е само карактеристика на денешниов модерен начин на живот, ниту пак е ексклузивен начин на реакција само на човачкиот вид, туку тој отсекогаш бил присутен и кај животинскиот свет.

Стресот и траумата се два различни, но психолошки поврзани концепти. Науката детално ги истражи и двата концепта, и многу е важно да можеме да ги препознаеме разликите меѓу нив.

Luxury Catering Service

Тоа е и целта на овој текст, да ви помогне вам драги мои, да ги препознаете и разберете сложеноста на вашите емоционални искуства и да ве охрабри да преземете чекори кон подобро разбирање и управување со вашето ментално здравје. За таа цел, ајде заедно да нурнеме рака под рака, рамо до рамо во овој бескраен океан информации конзумирајќи ги нежно и полека, капка по капка.

Стресот е одговор на телото и умот на предизвикувачки или тешки ситуации. Тоа е природна реакција на различни типови на притисок или промени од околината.

Зависно од зачестеноста и појавноста, тој може да биде акутен или краткорочен стрес што се јавува како реакција на конкретни настани или ситуации (на пр. испит, јавен настап, интервју за работа, некој вам важен состанок) и хроничен, односно долгорочен стрес што трае долго поради постојани стресни фактори (на пр. проблеми на работа, финансиски проблеми, проблеми во семејството, проблеми во односи со некоја вам важна личност во животот, здравствени проблеми).

Стресот иницира свој физиолошки одговор. Го активира симпатичкиот нервен систем (СНС) и лачи стрес на хормоните кортизол и адреналин. Овие реакции го подготвуваат телото за „бори се или бегај“ (одговор fight или flight).

Како може да препознаеме дека сме под стрес?

Еден од проблемите со долготрајниот стрес е тоа што доаѓа до негова соматизација, т.е тој се манифестира во вид на разни видови симптоми. Тие можат да бидат:

Физички: забрзан пулс, зголемен крвен притисок, мускулна напнатост, главоболки, проблеми со спиењето.

Емоционални: анксиозност, раздразливост, чувство на преоптоварување.

Когнитивни: проблеми со концентрација, заборавеност.

Траумата пак, од друга страна, е психолошка и емоционална реакција на настани кои се исклучително стресни, шокантни или застрашувачки. Тоа се настани кои го преплавуваат нашиот нервен систем и тој не е во можност да се соочи со нив. Траумата често вклучува чувство на беспомошност и губење на контрола.

Видови на траума:

Акутна траума која подразбира реакција на стресен настан (на пр. сообраќајна несреќа, природна катастрофа),

Хронична траума која подразбира реакција на долгорочна изложеност на стресни настани (на пример, злоупотреба, физичко малтретирање, физичко насилство, живеење во трауматични животни средини, екстремна сиромаштија, физичко и емоционално запоставување, хронични болести и медицински третмани),

Комплексна траума: Комбинација од повеќе трауматски настани, често во долг временски период (на пр., продолжена злоупотреба во детството).

Како физиолошки одговор при траума се јавува долгорочно активирање на оската хипоталамус-хипофиза-надбубрежна (HPA), промени во функцијата на мозокот, вклучувајќи го хипокампусот и амигдалата, кои можат да влијаат на меморијата и емоционалната регулација.

Симптомите во вид на кои се манифестира траумата можат да бидат:

Физички: проблеми со спиењето, хронична болка, замор.

Емоционални: анксиозност, депресија, чувство на беспомошност, интензивни емоции.

Когнитивни: ретроспективи, кошмари, проблеми со меморијата и концентрацијата.

Однесување: повлекување, избегнување ситуации кои потсетуваат на трауматски настан, ирационални реакции.

Ајде сега  да ги сумираме разликите.

Клучно е да се разбере дека  стресот може да биде дел од секојдневниот живот и не мора да е штетен во умерени количини, додека траумата е поинтензивно и долготрајно искуство кое често вклучува чувство на беспомошност и може да има долгорочни ефекти врз менталното и физичкото здравје.

Стресот е обично помалку интензивен од траумата. Траумата е обично поинтензивна и може да предизвика долготрајни или трајни емоционални и психолошки последици.

Како физиолошки одговор стресот го активира симпатичкиот нервен систем и лачењето на хормоните на стресот како дел од природната реакција на притисокот што во моментот го чувствуваме, а траумата може да доведе до трајни промени во невробиолошката функција на мозокот и дисфункција на оската HPA.

Во врска со симптомите, стресот има широк спектар на симптоми кои може да се движат од благи до тешки, но обично се реверзибилни со соодветни интервенции. Кај траумата симптомите се често потешки и долготрајни, вклучувајќи физички, емоционални, когнитивни и бихејвиорални манифестации.

Што може да заклучиме од сето ова?

Иако стресот и траумата се поврзани, тие претставуваат различни нивоа на реакции на стресни настани.

Разбирањето на овие разлики помага да се пристапи кон третман и поддршка за поединци кои се справуваат со стрес или траума. На пример, додека стресот може ефективно да се третира со техники за намалување на стресот ( Breathwork, mindfulness, вежби кои вклучуваат движење на телото, физичка активност, вежбање на благодарност, ароматерапија, јога, молитва, медитација или тихување) и когнитивно-бихејвиорална терапија, траумата често бара специјализирани терапевтски пристапи како што се соматска терапија, долгорочна психотерапија, TRE( Tension, stress and trauma release exercises),

EMDR ( Дензибилизација и репроцесирање на движењето на очите), или прекрасната нова метода Brainspotting која дава извонредни резултати (во некој следен четврток ќе ви ја приближам ).

До следното читање, ви посакувам мир и мноогу љубов.

Продолжува…

Фросина Здравковиќ

III МУБ бр. 35 (по скали до градска пекара)