Маркантна појава, еден од оние кумановци за кои велиме: „ов’ј човек не уме да остаре!“. Идеен творец и организатор, прв претседател и менаџер на легендарниот „Октет Куманово“ и негов уникатен бас-баритон, раководител на ТВ „Зора“ – Павле Илиевски со азбука што да се прочита мора.
А
АСНОМ- првиот највисок народен орган на демократска Македонија. Потоа преименувано во Народно Собрание на Македонија, денешен парламент.
Б
Баба, радост на сите внучиња.
В
Војна – најголемото зло на човештвото, водена од болни умови.
Г
Галина, мојата внука. Во словенската ре-интерпретација го добива значењето: онаа која е галена, милувана.
Д
Достоинство, позитивна особина што се потврдува со високи морални вредности.
Ѓ
Ѓеврек со сиренце и ајварче. Деликатес за појадок.
Е
Есен, време за подготовка на зимница.
Ж
Жени. „Кога не би имало жени, дијамантот би бил обичен камен“- Виктор Иго.
З
Збор. Убав збор железни врати отвара.
Ѕ
Ѕвезди. Една од најважните ѕвезди што го одржува животот на земјата е сонцето и управува со земјината клима и времето.
И
Интернет, прозорец кон светот, информација, инспирација.
Ј
Јуфки, вкусен појадок или ручек со сирење, јогурт.
К
Кафе, кафето не е обично пиење. Тоа е шолјаа полна со страст и душевен мир. Уживање со насмевка.
Л
Лексикон. Речник на непознати зборови и поими без кој не можеше да се надгради знаењето. Денес Google знае сè.
Љ
Љубов. Љубовта има век на траење. А, кога љубовта ќе престане, реалноста го зазема своето место.
М
Мојата сопруга. Идната година полниме 50 години љубов, почит и разбирање.
Н
Нова година. Надеж и исполнување на желби.
Њ
Њутн Исак, еден од највлијателните научници на светот кој ги поставува темелите на класичната механика, како и гравитацијата. Тој е првиот кој конструира телескоп, дава значајни придонеси кон оптиката.
О
Октет „Куманово“. Љубов и задоволство заедно.
П
Појадок, главен оброк. Не случајно се кажало: појадокот јади го сам, ручекот подели го со некого, а вечерата прескокни ја.
Р
Ракија, домашна, жолта. Исто како вода, само полна со емоции.
С
Сарма, омилено зимско јадење.
Т
Трпејца, бисер на Охридското Езеро.
Ќ
Ќерка. Моите две ќерки, Александра и Магдалена.
У
Урма. кралица на сите овошја. Најслаткото и најздравото овошје на светот.
Ф
Фудбал, најважната споредна работа на светот. Тука спаѓа ФК „Партизан“, клуб на моето детство. Денес тоа е АЦ „Милан“.
Х
Хумор, забава со цел да се насмеат луѓето и да бидат среќни.
Ц
Цагер. кога ќе видиме поклопување на стрелките на часовникот велиме: некој мисли на нас.
Ч
Чоколадо. Вкусно слатко задоволство.
Џ
Џамлии или соди. Забава од детството. Игравме на паја по скопски и кумановски.
Ш
Шегување. Интересно е да се шегуваш на туѓа сметка, ама уште поубаво и да се шегуваш на своја.