
Во свет полн со стрес и неизвесност, изнаоѓањето ефективни начини за ублажување на напнатоста и траумата стана клучно за одржување на менталното и физичкото здравје. Разбирањето на тоа како функционираат вежбите за ослободување на тензија и траума ни овозможува да ја искористиме моќта на природните процеси и механизми на телото за само-заздравување.
Нашиот мозок игра клучна улога во сè што правиме, вклучувајќи го и процесот на ослободување од стрес и траума. Кога мозокот ја разбира целта и користи одредени активности, како што се вежбите TRE® (Tension & Trauma Releasing Exercises), ни помага во нивната поефикасна примена. Ако нашиот мозок не е ангажиран и информиран, може да дојде до саботажа, бидејќи мозокот природно гравитира кон познатото и безбедно, дури и ако тоа значи задржување на стресот и напнатоста. Разбирањето како функционираат вежбите TRE® му овозможува на нашиот мозок да се усогласи со телесните процеси, а со тоа ја намалува отпорноста на промени. Кога мозокот препознава дека овие вежби носат корист и олеснување, нè поддржува во доследна примена и отклучување на сите придобивки што може да ги понуди TRE®. На овој начин, умот и телото работат заедно во хармонија, овозможувајќи ни да постигнеме подлабоко ниво на исцелување и внатрешен мир.
За таа цел, денес одлучив да ви објаснам како TRE® функционира и од каде потекнува, кој е нивниот изумител.
Во продолжение ќе ја истражиме историјата на вежбите на TRE® и клучните моменти во нивниот развој, како функционираат и зошто станале незаменлива алатка за терапевтите и луѓето ширум светот.
Историјата на вежбите на TRE® е интересна и е поврзана со работата на д-р Дејвид Берчели. Д-р Дејвид Берчели, клинички социјален работник и терапевт, ги разви вежби за TRE® низ децении работа со луѓе изложени на екстремен стрес и трауматски искуства. Неговото истражување и работа опфаќа различни културни и социјални контексти, вклучувајќи воени зони и области погодени од природни катастрофи.
Инспириран од природата, д-р Берчели забележал дека многу животни во природата користат тремор (спонтани телесни вибрации) за да се ослободат од стресот по трауматските искуства. Прилечен од овој природен механизам, тој започнал да истражува како луѓето можат да користат слични техники за ослободување на напнатоста. Д-р Берчели 22 години работел и живеел во повеќе од дваесет земји во светот водејќи меѓународни проекти за закрепнување и исцелување од траума во подрачјата погодени од војните и природните катстрофи. Набљудувајќи ги инстиктивните реакции на луѓето од овие подрачја, увидел дека независно од културните разлики, полот, возраста, националната и верска припадност, луѓето реагираат исто или слично. Телата најпрвин им се грчат, а потоа почнуваат да се тресат, или да плачат. Тоа го довело до заклучот дека не само стресот, туку и траумата не се во нашиот свесен дел, туку дека стресот е првенствено телесна реакција. Човечкото тело поседува сопствен вроден механизам за закрепнување, оној кој постои повеќе од стотина, илјада години. Нервниот систем природно ќе се само-активира и ќе почне да ги истресува сите хемиски реакции и тензии заостанати после трауматичната епизода.
Но, постои едно големо „но“. Што ако тоа не се случи? Што ако нашата култура, нашиот животен стил, нашите перцепции, обичаи, нашите уверувања не ни дозволуваат да ни треперат колената, да се тресеме, да плачеме, затоа што тоа се смета за знак на слабост?
Е токму тука настанува проблемот. Ние почнуваме да користиме огромна количина на енергија да ја стегнеме мускулатурата на нашето лице, врат, торзо, да ги контролираме емоциите и да ги сопреме солзите. И така правиме ден, месец, година…
Стегнатите мускули создаваат хронична состојба на тензија, напнатост, згрченост и нашето тело започнува да лачи огромни количини на адреналин, иако опасноста одамна е помината. И во нас се одвива погубен конфликт помеѓу умот и телото. Нашето тело сака да се истресе за да се ослободи од вишокот на енергија, но умот одбива да го дозволи тоа. И се додека не ја истресе таа тензија, нашето тело ќе продолжи да го повторува тој образец на хронична напнатост, на заштита и одбрана.
Набљудувајќи го сето ова како се случува и комбинирајќи ги со својата работа со луѓе, д-р Берчели разви збир на едноставни вежби кои ги активираат природните вибрации на телото. Овие вежби се дизајнирани да бидат достапни за секого, без разлика на физичката состојба или возраста.
Затоа ве повикувам да останете со нас и следниот четврток. Придружете ни се на ова патување и откријте како можете да го ослободите вашето тело од стрес и траума, користејќи ја моќта на природните телесни вибрации. Вашето тело е вашиот најголем сојузник – научете како да го слушате и да ги користите неговите скриени ресурси.
До следното читање, ви посакувам мир и многу љубов.
Продолжува…
Фросина Здравковиќ
III МУБ бр. 35 (по скали до градска пекара)