Koдирањето за неа е како играње со Лего, но наместо коцки, нејзиниот брилијантен ум користи линии од код за да создаде нови, мали светови и да решава проблеми, без напор комбинирајќи ја креативноста со логиката. Ќе ни ја земат во Microsoft. Илина е 15 годишна, а веќе го има сертификатот Microsoft office specialist. Кумановка е и мора да ја задржиме.
Во еден мал град сместен меѓу ридови, живееше 15-годишно девојче по име Илина. Градот беше во млада држава со стари проблеми помеѓу кои најгорчливиот беше како да се мотивираат младите умови да се остварат професионално, останувајќи во својата родна земја. За случајните минувачи, Илина беше обична тинејџерка. Фармерки, патики, разоружувачки насмеана, поминуваше многу време во училиште пред и после часови, од секоја секција правејќи нови мали предизвици, во секој предмет наоѓајќи интересен концепт за некој воодушевувачки проект. Амбиција доволна за да оди по натпревари уште од малечка, амбиција да си докаже самата себеси дали може да совладува потешки математички проблеми. Но, тоа лето, Илина по завршувањето на школската година мечтаеше да оди во Охрид со своите другарки…
Во еден мал град сместен до Лос Анѓелес, Јужна Калифорнија, таа година се одржуваше светскиот шампионат на Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional World Championship – глобални натпревари што ги тестираат вештините на учениците во апликациите на Microsoft Office и Adobe. Гратчето беше во млада држава без проблеми како да се мотивираат младите умови да се остварат професионално, дури и ако се имигранти во таа „ветена земја“. Учеството на овој натпревар беше одлична можност да се покажат вештините на Microsoft Office Word, Excel или PowerPoint, добивајќи признание што несомнено ќе го збогати резимето на секој млад човек и ќе му помогне да ја изгради посакуваната кариера. За случајниот минувач, Анахајм беше обично американско гратче, со Дизниленд комплекс на познатите јунаци од сечие детство, ресторани, хотели и продавници. Но, тоа лето 2024г., Анахајм ќе биде домаќин на нашата хероина Илина Арсовска, Куманово, Македонија.
Интуицијата ми кажуваше дека треба да ѝ однесам Лего коцки на Илина, кога ме повика да ми раскаже за своето учество на овој престижен натпревар. Од нејзините наставнички во ОУ „Кочо Рацин“ и претходно слушав за нејзините успеси, но дотогаш немав искусено дека шеќерот во крвта може да падне кога, дури со своевидна трема, средовечна жена разговара со тинејџерка која од секоја Лего коцка формира нешто поголемо од збирот на неговите делови. Епифанија на моментот – сфатив дека Илина можеше лесно да направи минијатурна верзија на својот роден град од чоколадните бонбони со вкус на путер од кикирики кои ги имаше донесено од Анахајм, додека ми го пренесува своето искуство оттаму, подавајќи ми една. Она што навистина ме плени беше фактот што таа имаше идеја како со вистинските „животни коцки“, многу труд и малку имагинација, може да изгради сè што ќе посака.
Баба Вида да е жива, да види само како брзозборките и рециталите на кои ја учела влијаеле на меморијата на Илина и како страста за градење се беше претворила во љубов кон програмирањето. За неа, одеднаш ми е кристално јасно – кодирањето е, всушност, како играње со Лего, но наместо коцки, нејзиниот брилијантен ум користи линии од код за да создаде нови, мали светови и да решава проблеми, без напор комбинирајќи ја креативноста со логиката.
Претставувајќи се со својот резултат од државното првенство на светскиот шампионат за сертификација на Microsoft Office Specialist, Илина со уште тројца ученици од Македонија, не само што докажаа дека се најдобри во ефективно користење на производите на Microsoft Office, туку и се стекнаа со најважната ставка во нивната биографија – желбата да се научат и да се потврдат вештините што се бараат на интернационално ниво. Титулата „Microsoft Office Specialist“ ќе им служи добро во нивните академски и кариерни определби, по можност тука, во некоја компанија што ќе ги наградува и надградува ваквите таленти. Тоа најдобро го знае менторот на Илина, професор по информатика во кумановската гимназија– Јасмина Денковска. Под нејзиното будно око, секој PowerPoint проект на Илина беше визуелно ремек-дело, покажувајќи ја моќта на раскажувањето приказни преку слајдови и не застанувајќи само на правење убава презентација; девојчето едноставно сакаше да програмира интерактивни елементи, со што нејзините слајдови ќе „оживеат“.
Во секој мал град на светот, било опкружен со ридови или долини, секој тинејџер ги има истите дилеми – да оди летоска на одмор за прв пат со своето друштво или да оди на натпревар за стекнување знаења од областа што го/ја интересира за време на броените денови од летниот распуст. За малку Илина да отидеше во Охрид летово, а не во Анахајм. За малку да не присуствуваше на настан, на кој талентирани ученици од целиот свет, секој со своите уникатни способности зборуваат за својот пропуштен Охрид, за личните тестови на самоувереност што ги решаваат секојдневно како ребуси на малите одмори, за Лего коцките од нивното детство – за да веќе вториот ден од приемот на шампионатот се сложат дека иако се со различни форми и големини, коцките на крајот сепак се вклопуваат перфектно една со друга. Само треба да се даде шанса на децата да имаат слобода на избор и да ја донесат вистинската одлука, for God’s sake! Да се менуваат одлуките на општинските Совети за поголема помош, преку национално утврдени програми за поддршка на талентирани млади луѓе кои ќе стојат како Илина Арсовска и Леонид Петковски од НСУ „Наце Буѓони“ – Куманово, на светски подиуми. Оти, тие не победија на натпреварот во Калифорнија (https://moschampionship.certiport.com/), но од 28 до 31 јули 2024 година му покажаа на светот дека и најмалиот град може да ги произведе најсветлите ѕвезди, што нема, нели, да дозволиме да се угасат на некоја плажа во Санта Моника. Таму, и онака, веќе ни PowerPoint не може да помогне во презентацијата на цивилизацискиот пад.
Американците се беспрекорни во организација на интернационални настани. Мотивирачки говори од претходните учесници и победници, проби за протокол на церемонијали, извршни директори на Microsoft кои не се однесуваат надмено како што знаат нашиве директори, никој не се јавува на тетка Карин од администрација за ургенција на детето од Чикаго чии родители имаат финско потекло да помине „фино“ на испитот, караоке забава за опуштање и илузионист кој трогнува со својата лична приказна за успех. Илина ми ја кажа: „Можете да посакувате и да сонувате поголема куќа, понов автомобил, поплатена работа, повеќе признанија и награди. И, сигурно, ако се потрудите и ако само имате малку среќа, сето тоа еден ден и ќе го достигнете. Но, што потоа? Уживањето во планирање на големи, а после тоа уште поголеми цели ќе се распрсне како меур од сапуница бидејќи за тоа време нема да може да ги забележите малите цели што повеќе ве исполнуваат затоа што се достижни – само ако се победите себеси и ги зацртате. Не мора во PowerPoint“.
Во тој момент сакав да извадам од шеширот што го носев барем зајак ако не гулаб. Да ја импресионирам нашата гордост – Илина Арсовска, но наместо тоа, изедов скришно уште две калифорниски бонбони. И малку плачев. Од среќа што Вањо и Сани ја создале.
И.А.