Дијалектите се чукање на срцето на еден јазик, пулс на богатите приказни, традиции и идентитети на оние што ги зборуваат. Здружението „Ризница“ од Куманово со организирање на 12-от по ред фестивал на македонска шегобијна песна „Тумба фест“ уште еднаш потврдува дека се грижи за историското културно наследство токму преку изведба на композиции, интерпретирани на дијалекти. Го прашавме првиот човек на здружението, г-дин Драган Митевски Јаким, како е замислен овуј годину „Тумба фест“ и што, уствари, ќе се дешава на градски плоштад, на 29 август, „к’т ќе дојдеш у Куманово“.
На 29-ти август, со почеток во 20 часот, на голема сцена на плоштадот во Куманово, по дванаесетти пат ќе се одржи фестивалот на македонска народна шегобијна песна „Тумба фест 2024“, во организација на здружението РИЗНИЦА од Куманово.
Оваа година традиционално продолжуваме со организирање на единствениот фестивал на светот што ги негува, промовира, а со тоа и сочувува дијалектите како историско културно наследство. Неколку години наназад, освен песни исполнети на македонски литературен јазик и кумановскиот дијалект, се интерпретираат и песни на другите дијалекти од нашата држава, па така се пееше на битолски, прилепски, гевгелиски и други дијалекти.
Годинава ќе се интерпретираат песни на дојрански, валандовски, кавадаречки и кривопаланечки, охридски и ресенски дијалект, но секако најголем дел од песните ќе бидат интерпретирани на нашиот кумановски дијалект.
Посебно доживување ќе биде една песна која зборува за врањанец кој сакал нашата преубава Јовка да си ја води во Врање, во исполнение на гостинот од Врање, Бранимир Стошиќ – Каце, со блискиот за нас врањски дијалект.
Ќе се пее за Дојран, езерото, на еден навистина интересен начин; во песната се испреплетуваат македонскиот литературен јазик но и дојранскиот и кавадеречкиот дијалект; инаку, песната е комплетно изработена од легендарниот Љупчо Бубо Каров, попознат како Цацко, кој ќе настапи со извонредните „Трио Гранде Плус“; се надеваме дека оваа песна не само што ќе измами големи ракоплескања од публиката присутна на плоштадот туку и песната, која е изработена во еден тамбурашки стил ќе биде многу слушана во иднина, и како што милуваат да кажат музичарите, ќе прерасне во хит, дури и ќе биде обнародена, како што има обнародено повеќе песни од минатите изданија на Тумба Фест („Голем мераклија“, „Ој Веро Верице“ и многу други).
Ќе се пее за култната Иванка од Ресен, кукла која е многу популарна во овој реон, дотолку што сите моми се идентификуваат со неа, а на верскиот празник Иванден дури и се натпреваруваат која ќе биде најлична и која ќе биде „Иванката“. Песната ќе ни ја донесе Ташко Каранфиловски, роден ресенчанец.
Како што напоменав, фестивалот „Тумба фест“ е единствениот фестивал на светот што ги негува дијалектите, но и раскажува приказни, специфични за регионите од каде ни доаѓаат и на тој начин амбицијата ни е да го негуваме историското културно наследство, кое во секој случај треба да го потенцираме, особено во овие времиња кога сè побргу се живее, а културното наследство е подложено на заборав.
И оваа година имаме голем број на познати наши интерпретатори. Имено, на сцената покрај споменатите, ќе се појават и Катерина Брезева со групата „Соната“; за прв пат еден интересен дует – Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, потоа Круме Спасовски, Лени Партикова, Петар Нечовски, Ирена Спасовска, Златко Миладиновски и други; од нашите кумановски артисти ќе се појават неодминливиот Нино Величковски, Боге Стојановски-Дилиндарац, групата „Династија“, а посебно задоволство ни причинува што на сцената ја враќаме примадоната на македонската народна песна, нашата Маргица Антевска, која ќе исполни прекрасна песна со наслов „К’т ќе дојдеш у Куманово“, во која се воспеваат Батко Ѓорѓија, нашиот хумор, боемството, како и познатите улици и маала што се карактеристични за градот во кој живееме. Со еден збор, годинава ќе имаме нови осумнаесет композиции, создадени од преку дваесет автори. Фестивалот традиционално е од меѓународен карактер, па покрај учесници од нашата земја, имаме и гости од Бугарија и Србија. Вистинска културолошка ризница!
На фестивалот. кој е од ревијален карактер, доделуваме две награди: награда за животно дело и награда за најслушана песна помеѓу двата фестивала.
Ексклузивно за читателите на Плоштад, дозволете ми да откријам дека оваа година во рамките на „оф-фест“, изработена е збирка песни на најплодниот текстописец од самите почетоци на фестивалот и автор на најголемиот хит за кој многумина мислат дека е народна песна „ГОЛЕМ МЕРАКЛИЈА“ г-динот Боби Петковски, наш сограѓанин. Промоцијата на збирката песни ќе се одржи на самиот ден на фестивалот во библиотека „Тане Георгиевски“, а нејзин промотор ќе биде големиот пријател на „Тумба фест“, г-дин Ѓорѓи Калајџиев.
Изволте на 29 август на градски плоштад, тамо ќе нè чека Батко Ѓорѓија, заедно да уживамо у још едно, спектакуларно издање на „Тумба фест 2024“!